Димитар Солев. „Кратката пролет на Моно Самоников“ МАРТ ВО ГРАДОТ 1. Во некаква материја од мрак, кој можеше да биде составен од земја и од пареа, од смола и од вода, Моно Самоников клечеше склопчен како нероденче во непозната утроба: сиот свој свет можеше да го допре околу себе со минимално посегање, на кој и да е прст. Тој тоа навистина и би го сторил, но го спречуваше безнадежноста на чувството дека прстот всушност ќе му влезе во мракот само колку што влегува тапиот убод во еластичноста на ципата. Освен тоа, потполноста на мракот му ја беше одзела сета смисла за ориентација, па не знаеше дали убодот од неговиот прст ќе посегне кон вистинската нсока, со која би ја наџбарал оската на своето тежиште. Но, повеќе од материјата на мракот, кој го беше испревртел до таа мера, што не знаеше со кое движење на табаните да ја пронајде изгубената рамнотежа, го мачеше друго чувство: џвакаше шрапнели. Тоа беа челично сини, рапави шрапнели, големи колку возрасна тупаница. Меѓу боцките од нерамнините, остри како вршки од пламен, површините од разголеното железо светкаа како разлеан петролеј. Тоа можеше да потсетува и на божилочната модрина од старо раздрано месо, но овие парчиња беа ѓаволски тврди. Додека ги валкаше во устата, Моно чувствуваше дека всушност воопшто не ги омекнува и дека тие толку многу му ги копаат образите, што боцките од пламенчињата веќе му излегуваат надвор. Виличните коски му беа премалени од черечење на челуста, зашто парчињата шрапнели беа толку големи, што одвај ги поместуваше во устата. Но, не можеше да престане, со џвакањето. Некаква сила, во него а не негова, беспоштедно го тераше постојано да џвака, макер што тој, Моно Самоников, беше наполно свесен за безнадежноста на таа работа. Просто не можеше да престане да џвака, како да џвака откако знае за себе. Од тоа џвакање на шрапнели не можеше да дојде ни до збор, а чувствуваше во себе некаква сè поитна потреба да каже нешто. Меѓутоа, при секое повтување да изрече нешто, шрапнелот му испаѓаше од устата И на негово место веднаш ке се најдеше друг: исто толку рапав, исто толку голем, исто толку тврд. Тоа траеше бескрајно долго; Моно мислеше дека тоа трае откако е свесен за себеси во таа материја од мрак. Не е чудо, мислеше беспомошно, чепејќи ја челуста како да се проѕева без своја волја, не е чудо шрапнеливе да ги произведува самата материја на мраков. Чудно е само тоа како успеваат толку да се стврдат на тој кус пат од мракот пред мојот нос до отворот на устава, што никако да го потчинам. Очигледно, мраков има нешто против мене, тој ми подметнува. Неговата материја, за која никако не можам да установам од што е составена, мора да е не само жива, туку веројатно и носи извесна умисла против мене. Тоа беше сосема очевидно, зашто при секое ослободување од шрапнелот, што успеваше некако да го исплука од разранетата уста, мракот веднаш му ја растегаше челуста со пикање на ново парче експлодирана бомба. Боже, до кога ќе трае ова, рамнодушно мислеше Моно Самоников и механички ги движеше вилиците, чувствувајќи не само дека не може да запре, туку и дека мракот го наросува со пот на болник. Меѓутоа, она што најмногу го мачеше во ова бескрајно забавно подбивање, она што го мачеше до апатична умора, не беше ни самата механика на џвакањето, при која болката од продупените образи одвај му допираше до свеста, не беше ни гомарната близина на мракот, чија материја ја чувствуваше со сета пот на склопчената снага, туку беспомошната невозможност да извади од устата макар еден збор. При секој обид тоа да го стори, од потечените усни му прокапуваа несмекнатите шрапнели и тоа веќе почнуваше да го доведува до малодушен очај. Само тоа да ми успее, си повторуваше со интензивна свест, само тоа и сè ќе биде во ред. Но тоа воопшто не беше лесно, макар што многу пати веќе беше готов да поверува дека од устата место шрапнел му излегува збор. Ова е како бегање на соне, се сети со уморна насмевка. Во истиот момент почувствува дека заедно со шрапнелот, што безуспешно го валкаше во исчанчената и разранета челуст, од расчепената уста му се откачува и еден збор. Не соумеа веднаш да го различи зборот од шрапнелот, па за миг поверува дека пак се излагал. Меѓутоа, зборот кој најпосле му излезе од устата беше толку материјален, што му се стори дури дека можеше и да го види, како што го виде и шрапнелот додека го исплукуваше со крвави меса на вршките од боцките. Изненаден од ова, а почувствувајќи се одеднаш ослободен, како некој да му се симнал од гради, Моно Самоников потстана од леглото и се наведна пред себе: сакаше да не ја испушти нишката, што така одненадеж се скина, па во дланките и брановите од покривачот побара да ги најде шрапнелот и зборот. Таму, меѓутоа, се разбира, немаше ништо, освен што денската светлина го покажуваше покривачот со сета наежена мов на неговата влакнеста материја. Можеби и мракот беше од ваква материја, помисли Моно. Но во истиот миг се сепна, зашто веднаш се сети дека тргнал по спорадичен пат. Бргу ги затвори очите за да го запре навлегувањето на јавата во себе, па со стиснати вилици се напрегна да го долови звучењето на зборот, што пред малку му излезе заедно со окрвавениот шрапнел. Мракот веднаш го завитка, сега јасно мовлест како покривачот, но неговиот внатрешен поглед не успеа да долови ништо друго. Само еден екот, што се пренесуваше во тој доближен мрак, продолжуваше да се оддалечува како умислен и подбивен крадец. Моно се напна да му ја достигне трагата, но од екот на зборот, што се оддалечуваше со глува брзина, распарчените слогови успеа да ги собере само во нешто, што повеќе прилегаше на моментна случајност од боцкава нерамнина на шрапнел. „Д а л т е б а р а м“, одвај успеа да состави Моно. Па, уште не отворајќи ги очите, неколку пати се обиде да го собере во некаква смисла овој гломазен, рапав и неразбирлив остаток од зборот, кој му ја остави се чини само прелажната трага од својот екот. „Д а л т е б а р а м“, повтори полека со усните и ги отвори очите. „Д а л т е б а р а м“, рече Моно и се поткрена на леглото. Под него лежеа остатоците на мракот, мовлестиот покривач, како сè уште топла кожа од која избегала ѕверката на сонот. Од сонот ја донесе уште оладената пот по снагата, како и врелото трње во очите. Моно ја крена дланката до челото, но во раката му остана само лепливост од одамна избиената пот. Чудно, си рече, немам оган, а таков сон. Д а л т е б а р а м, што ли ќе е тоа? Колку што беше можно да се размрси трњето од клепките тој ги открои очите и се обѕре наоколу: претполагаше дека ќе има чувство оти се буди во изменет свет, но сè околу него беше познато. Дури и заслепувачката белина на денот, со кусо завршно шиштење, се смири и се распоседи по предметите, како пена меѓу белутраци. Некој ме лаже, си рече, нешто ме мами. Уште лежеше и гледаше преку диплите од покривачот како преку бранови до гуша. Некој бол, некој створ, некој збор. Д а л т е б а р а м. Го фрли покривачот од себе, чувствувајќи дека со тоа конечно се ослободува од необјаснивата и задушувачка материја на мракот. Потоа ја испра потта на сонот, го уби трњето под очите и така излезен од освежувачките плесоци на утринската вода, како дете од плач, застана пред огледалото. Неговиот двојник го гледаше оттаму со петролејско синило на модринките под очите. Моно Самоников, му рече на непознатиот двојник в огледало, ти не се враќаш од сон, туку од тепачка. „Што?“, му се исклешти двојникот од огледалото, останувајќи неподвижен единствено во потечените модринки. „Да не ме бараш?“ „Да не те барам?“, повтори Моно. „Далтебарам?“ 2. Лошо почнува твојот ден, Моно Самоников. На лева нога си станал, си рече. Ништо веќе не беше во состојба да го задржи дома. Ѕидовите го гледаа као напуштени огледала; неговата растурена постела прилегаше на птичје легло, паднато на земја со сета своја трошна тежина; масичката под прозорецот, натрупана со книги и ронки, со весници и пепеларници, го одбиваше со својот прашен неред; нозете му се сопнуваа од темни парталчиња облека, што лежеа на подот како по некој ветар. Моно бргу го навлече маслосаниот мантил, чија ќебеста постава на копчиња му го претвораше зиме во капут, па, додека ги обуваше чевлите без да се наведнува и без да ги оврзува врвците, зиморливо бурична во џебот; внатре ситнежот затропа со стиснати заби. Уште за појадок, одвај без волја помисли. Ако продолжам да се прпелкам во вакви соништа и да тропам во џебот само со ваков ситнеж, кисело си се потсмевна Моно, мојава работа ќе биде за отаде рампа. Ни едното од двеве нешта не го тревожеше само по себе, зашто тие не му беа туѓи ни непознати, но нивната здруженост да го издемнеат во еден момент веќе претставуваше нешто трето. Друго нешто би било, си рече со истата кисела насмешка, да имам работа само со едното: би сум можел, да речеме, по оној сон, што ми е уште во устава како неисплукана горчина, со една или две на гладно срце малку да ги позбришам модринкиве. Преку тоа би се постигнала извесна рамнотежа со која би можело да се стапне на нишалката од денот со поголема верба во себеси. Вака, Моно зачекори по скалилата надолу со некаков малодушен трепет во колената. Ребрата од скалилата беа влажни, човек можеше да помисли дека дишат. Моно претпазливо, небаре со сочувство, се спушти по нив и кога ја допре земјата, врз чија снага ќе ги остава своите стапалки и овој ден, од потсмешливата насмевка му беше останал само еден свикнат нечуен издив. Значи, си рече, и денес ќе треба да се вадам: заем, пат или љубов. Од стреата, како пајажини, се танчеа конци дожд. Излегувајќи од свиокот, пропнатиот ветар му фрли в лице грска тврди капки. Моно Самоников ја крена јаката и гласно помисли: значи, цела ноќ олуциве ѕвонеле, како некој камења да пуштал врз нив. Но тоа не му објасни ништо поблиску и тој зачекори по тротоарот, врз кој плитките локви се ежеа до дното од боцките на дождот. Како распалавено кутре, ветрот го заапа за ногавиците и почна да се поигрува со полите од неговиот мантил, барајќи му ги колената. Ветре, ветре, го предупредуваше тој раскокоткан, што си лут: не ме плашиш ти со студ. Потрча меѓу локвите, одвај успевајќи да си ги откачи ногавиците од студените вилици на ветрот, па влезе во првата млекарница. Уф, си рече, влегувам од игра во игра, ми треба ѓаволска кондиција. Моно го истури џебот на шанкот и ги одвои стиснатите заби на ситнежот. - „Осмина и јогурт“, - рече и си го прибра остатокот во џебот, сметајќи дали ќе има за седум или за осум цигари. - „Со месо или со сирење?“, - го праша девојката во бело, недвоејќи ја црвената линија на стиснатите усни. - „Сирење“, - рече Моно и се насмевна, - „по можност бело како вас“. - Девојката во бело му го подаде пјатото и чашата, па се изгуби зад шанкот без сенка од насмевка. Значи, си рече Моно пренесувајќи сè на масичката до излогот, би можело вака да се заклучи: кога јас нудам игра, таа не се прима, а кога мене ми се наметнува каква и да е игра, јас се наоѓам дека ја примам. Не зборува тоа особено многу во мој прилог, макар што останува важно дека играта постои како факт. Впрочем, ако зрело се размисли, материјалната основа на надградбата од играта не е во мои раце, па според тоа јас и немам реални причини за некакво незадоволство. Не е ли така? Меѓутоа, бурекот беше топол и мирисно чуреше кога под малото виличе корите крцкаво му се двоеја. Со неколку залака Моно го исчури од пјатото, па за миг се подвоуми дали да го жртвува и остатокот, што го беше оставил да потропнува за неколкуте цигари. Искушението му беше на врвот од јазикот, но тој сепак се воздржа и полека посегна по јогуртот, што речиси го беше заборавил на работ од масичето. Дај да густирам како најаден, си рече со насмевка, макар што и со крајчето од погледот беше убеден дека девојката зад шанкот не гледа накај него. Отпивајќи од чашата, Моно гледаше отаде прозорецот и си вообразуваше дека е под ѕвоно на препознавачко морско дно. Фате нод дебелото стакло на излогот, стреата полека се цедеше и потропнуваше на тротоарот со бројаницата на капките. Небото ѕиркаше во излогот со потечено безизразно лице. Пред протечената стреа, како влез од трски на предвоена берберница, со масиче до колена, стоеше продавачот на лозови: пргаво старче, згурено повеќе од студот одошто од годините со вжолтени дланки и весел сноп брчки околу очите. - „Авто-мото среќки, уште два дена извлекување. Авто-мото среќки.“ - По секое трето извикување, со гласот што му беше отрпнато зарипнат, вадеше од џебот жолтеникаво пагурче и го накреваше над размрданиот грклан, а потоа ги протриваше тврдите дланки и со намигање кон прозорецот продолжуваше да извикува кон дождот надвор од стреата. - „Авто-мото среќки уште два дена извлекување.“ - Кон масичето, врз кое под џам беа наредени розовите ливчиња среќа, никој не приоѓаше и никој не запираше, но тој не престануваше наизменично да извикува и да отпива од пагурчето. Моно отпивна од својот јогурт и помисли дека со готовност би ја заменил својата голтка со неговата. Несфатливо, си рече, и при оној весел сноп брчки околу насмешливите очи никој да си ја обиде среќата кај него. Да имаше барем една здиплена, место овој остаток од ситнеж со стиснати заби во џебот, тој ќе му пријдеше на излегување, макар и само затоа за да види во што е веселоста на оној сноп брчки. Впрочем, си помисли, тоа може да биде далекусежна инвестиција: ништо не се знае, освен она што е извесно. А што е извесно, се запраша со здодевно сомневање. Беден факт, испиена чаша јогурт, врз чие стакло се нафаќала маглата од неговиот здив. Моно го спушти дното од чашата со остар звук на студеното масиче, ѝ се насмевна на продавачката со прошка на устата и излезе од млекарницата. Господи, си рече, мене ми е нешто: колку ли би бил здодевен да сум гласен! На вратата го дочекаа разиграните шепи на палавото кутре. Заедно со ветерот, по лицето го удри рутинираниот глас на весникарот со набабнати жили на гушата: - „Убиство откриено по десет години.“ - Среде шарениот киоск, што мавташе со обоените наслови на своите изданија како накострешен папагал, црномурниот весникар клечеше над црвеното мангалче и го надвикуваше продавачот на лозови - „Убиство откриено по десет години: брат убил брата“. Моно ја крена јаката. Но дождот, иситнет и завитлен од ветрот, пак, му го пронајде наежениот врат. Замисли јас да сум тој си рече, тој братоубиец. Зиморливи морници му пролазија по сета снага, одлупувајќи му ја облеката од кожата како намрешката корупка од засушен плод. - „Убиство откриено по десет години“, - викаше весникарот. Замисли јас да сум тој, мислеше Моно. Веселите искри од мангалчето во киоскот летаа нагоре, се замешуваа во вителната игра на дождовните капки, но размавтаните дланки од ветерот со налутени удари ги враќаа на земја и тие во заѕунети роишта се нафрлаа на Моно, претоврајќи се на неговата снага во разлазени морници. Мене ми е нешто, си повторуваше Моно и се обидуваше да ги стресе од себе како обичен студ. Сакаше да ја чувствува само пријатната грутка топлина во утробата, но тоа очевидно не му успеваше. По ѓаволите, плукна, барем малку загреан да стасав на работа. 3. Моно Самоников, студент и нетукашен, работеше во редакцијата „Народен пушач“: хонорарно ја уредуваше спортската и културната страница, а кога ќе се укажеше потреба, го ставаше на услуга пред постарите колеги своето штотуку начнато перо и за репортерски белешки од животот на градот и внатрешноста. „Моно“, ќе го извикаше по курирот главниот и одговорен уредник, воздржлив човек со потсмешливи брчки околу очите и одвај отпуштени усни. „Има една неодложна работа, а сите се натерен. Оди ти.“ И Моно трчаше: ги триеше праговите на колективите, установите и конференциите, ги листаше рефератите, извештаите и материјалите, телефонираше по раководителите, директорите и секретарите, одеше со нотес и пишалка по фабриките, задругите и населбите, се јазеше по градилиштата, селата и проблемите, се распинаше да ги сфати ид а ги смири пустите суводолици меѓу плитарките и солитерките. И пак, кога со полниот нотес ќе се појавеше пред темното биро на уредникот, овој ќе ги собереше веѓите во една праволинејна строгост и ќе почбеше да чкрта по неговиот пресно отчукан ракопис. Живата и непосредна, како што му се чинеше, репортажа или цртичка ќе се претвореше, под неумоливиот уреднички молив, во скудна информација со безличен јазик. Моно вриеше како младо вино и се заколнуваше да не прима веќе вакви несвои задачи, но пак не можеше да му откаже на уредникот, секогаш седнат зад темното биро со своите потсмешливи брчки околу очите. Работата е во тоа што, мислеше со лутина кон себеси, дека патните и дневните сепак не се за отфрлање, додека ги истресуваше од џебот стиснатите заби од оштрбениот ситнеж. Со овлажнета цигара, влезе во редакцијата како да влегува во своја куќа: го обеси мантилот на три вршки од закачалката, го одврза чевелот што го стегаше, го извади дождот од косата со чешелот на дактилографката, а потоа се пошегува со неа низ нови вицеви и стари закачки (еднаш ја поведе в кино, ама безрезултатно) и почна да диктира. Во единаесет часот веќе го имаше потребниот број страници. Тогаш дојдоа и другите колеги и Моно ги симна потколената од расклатената рачка на фотелјата. - „Ти пак во последниот момент“, - забележа уредникот на внатрешната рубрика, педантен работник со зајадливо крајче на устата. - „Готово“, - рече Моно собирајќи ги хартиите од масичето на дактилографката. - „Јас само им давам предност на поважните рубрики.“ - „Ха“, - го растегна зајадливото крајче од својата уста уредникот на внатрешната рубрика. - „Требаше да знам дека, заедно со материјалот, од ракав ги тресеш и своите духовити одговори.“ Моно незабележливо се насмевна, прашувајќи се како да му се реваншира, но во собата, како мартовска фурија, влезе техничкиот уредник: недоучен а сомнителен сликар, со две муви од мустаќи по бимбарот од носот, сиот движење, брзина и паника. - „Фајронт“, - извика мавтајќи со косата, рацете и ногавиците. - „Последниот материјал, нагласувам: последниот, го носам в печатница. Кој не е готов нека ме брка.“ - „Еве“, - се обиде да го подзапре Моно со шилецот на моливот. - „Само да прегледам.“ - „Не ме интересира: го облекувам мантилот и одам.“ - „Две минути“, - рече Моно со кренати веѓи и молив над хартиите. - „Ти, друже Моно, секогаш така ми правиш. Требаше и уште една фотографија за клише да ми дадеш.“ - „Тоа е негов стил“, - рече зајадливото крајче од устата на внатрешниот уредник. - „Стилот на младите.“ - „Ти реков за неа. Еве имаш половина страница повеќе текст.“ - „Не ме интересираат туѓите стилови“, - се размавта сликарот. - „Страницата ќе ми биде мртва само со едно клише. Мојата концепција не може да дојде до израз.“ - „Не мрчи со тие концепции, готов сум.“ - „Јас не можам вака да работам“, - мавташе сликарот, сега и со мантилот, што го облекуваше со пеперинско раширување. - „Ако продолжи вака, ќе бидам принуден да се залам на главниот и одговорен уредник. Ова е хаос, ова не е редакција. Сум работел на толку други места, но ова е под секоја критика.“ Со рацете в џеб, уредникот на внатрешната рубрика се смешкаше и сè уште само со крајчето на устата. Моно отрпнато ги слушаше критичките изливи на сликарот, зашто овој не за првпат вака се распретуваше во редакцијата, но сепак мирно ги прегледа своите отчукани страници и со лажен гест му ги предаде како акредитиви. - „Доцнам две минути“, - рече погледнувајќи божем на часовникот. Техничкиот уредник, односно сликарот, со паднати поткоси на обете слепоочници, провери на својот рачен часовник и ги прибра ракописите во папката, што веќе јаи маше подмишка. - „Да“, - рече без задоволство. - „Морам да забележам дека напредуваш: минатиот пат доцнеше дваесетидве минути.“ - „Според ова каков што си“, - рече Моно насмевнувајќи му се на мувите од мустаќите, - „којзнае на што прилегаат твоите слики: веројатно на часовнички утроби.“ - „Тоа е исклучиво моја работа“, - рече сликарот со крената брада. - „Впрочем“, - додаде со понизок глас и си ја уреди тоалетата освен косата, - „тоа ќе се види на мојата прва самостојна изложба.“ Уредникот на внатрешната рубрика го растегна зајадливото крајче на сета уста.- „Моно тогаш ќе ти пишува критика“, - рече. Не ни погледна кон Моно, ниту пак намигна. - „Ако се случи тоа“, - рече техничкиот уредник шпационирано, - „јас веднаш ќе поднесам оставка. Лаици!“ И, онака како што влезе, скришната мартовска фурија, го снема отаде вратата. По него останаа разлетани хартии врз бирата и вивната смеа меѓу ѕидовите. - „Крвав е“, - рече Моно палејќи цигара. - „Незаменлив“, - го дополни уредникот на внатрешната рубрика. - „Особено за такви како тебе“, - и излезе да поигра шах до планирањето на идниот број. Тип, промрмори Моно, свест на колегиумот. Еден спечен, одбивен и колосан образец од застарен идеал на граѓански комунист, кој секому ја турка под нос исплавената јака на својата чесност и беспрекорност: еве, не пушам, не пијам, не трчам пот уѓи жени, излегувам еднаш неделно навечер со жената и тоа во Работничкиот дом, имам две деца - машко и женско, не задоцнувам на работа, не отсуствувам од конференции, не влегувам во долгови, никогаш не сум бил запишан од милиционер, никогаш не сум бил предупредуван од Општината, никогаш не сум бил укорен од Партијата - јас сум бил обистинет идеал на човекот од иднината. Нему секогаш и сè му е јасно, тој ги дозира во себе проблемите што сите ги мачат како што со пресметана умереност зема мортадела, шах или смеа. Зајадливото крајче од устата му е прикриен регулатор, со чија послушна помош тој го прима животот во сосема сварливи порции. Ве жалам, вели тоа зајадливо крајче од устата, ве жалам дека не разбирате од животот ни колку што разбира ноктето од моето мало прсте. Тип, повтори Моно и со гадење го згмечи опушокот. Изрод од совршенство, што го родило прелагата од изедначување на нашата малограѓанштина со идниот хуманизам. Ако е ова идеа лот на идниот човек, си рече и посегна да стане, јас не знам што бараме ние несовршени сега овде. Стресувајќи ја од реверите цигарната пепел, Моно Самоников отиде до закачалката и го симна оттаму својот сè уште влажен мантил. Впрочем, си мислеше со извесна помиреност, јас не чувствувам никаква лична омраза спрема него, тој ми е само туѓ. Од друга страна, пак, и тој е жртва или резултат на извесно време, кое со својата револуционерност не ја одбегнало и својата ограниченост. Фактот дека сме под еден покрив можеби говори оти и ова време е извесен набиен премин, што нè ползува и обајцата на различен начин. Впрочем, се обиде да се насмевне, ретко кога и му остануваше должен на неговото зајадливо крајче од устата. Беше веќе готов за излегување и ја креваше стврдната јака за дождот надвор, кога дактилографката, седејќи без работа на своето масиче и грицкајќи нешто од склопената дланка, рамнодушно го запраша дали нема да имаат редакциски состанок. Моно се чукна по челото: ливада, си рече, се бавташ со филозофирање, а ваму ќе згазиш на ситно. Погледна на часовникот, уште малку пладне, па полека, но без двоумење, го соблече мантилот, а во истиот момент на вратата се појави курирот. Со раката на кваката, тој се обѕре по собата и соопшти дека состанокот се одлага за утре. „А ти“, - му рече на Моно, - „кај главниот.“ - „Зошто?“ - го праша Моно и го врати мантилот на закачалката. - „Не знам“, - рече курирот, - „само веднаш“, - па се изгуби да ги бара другите. Само да не е некоја здодевна лекција, се надеваше Моно чекорејќи бесшумно по врвицата од тепихот, што се постилаше како штотуку излезена од разбој по студената должина на ходникот. Кога дојде до вратата на уредникот, со излишно поткашлување ја поднамести јаката, чукна и без да чека одговор влезе внатре. Главниот и одговорен уредник беше сам во својата голема но пренатрупана канцеларија. Неговото познато лице, од потсмешливите брчки околу очите до одвај отпуштените усни, лежеше на темното биро како сопствен одблесок. - „Седни“, - му рече без да ја испушта од раце својата неумолива пишалка. - „Цигара?“ - Моно се спуштин а работ од столот спроти него и извади цигара од отворената кутија. - „Како е?“, - се насмевна уредникот со сенка од насмевка. Моно ги згрчи рамениците: никогаш не знаеше како да реагира на обидите од уредникот за поинтимни разговори; му се чинеше дека тоа се само негови демагошки стапици за да го направи подложен на своите крути сугестии. Многу нешта нè делат, му идеше да му каже, за да можеме на таков начин да се разбираме. Па сепак, се фаќаше себеси дека спрема него напати чувствува нешто како почит, макар што против тоа чувство се бореше како против навик, за кој е свесен дека го спречува во најживото вон его. - „Мислев“, - се поправи уредникот со истата сенка од насмевка, - „како стоиш финансиски?“ Моно не можеше да му одговори на истиот начин. - „Како и секогаш“, - се насмевна повеќе на себеси, - „џебот ми е мошне плиток.“ - „Како би ти дошло едно патување?“ – рече уредникот одмерувајќи го ефектот од своите зборови на неговото лице и не престанувајќи да се поигрува со пишалката. И јас мислев на тоа изутринава, се сети Моно. - „Едно патување од ден-два?“ – се дополни уредникот. – „Ќе ни треба една репортажичка за некоја задруга.“ - „Да“, - рече Моно, - не би имал ништо против.“ – Спротивно, си помисли, тоа е она што ми треба во моментов. - „Една непретенциозна репортажичка“, - продолжи уредникот. – „Без никакви литерарни амбиции, просто сликичка за најновите позитивни промени на теренот.“ - „Да“, - повтори Моно. Тој си игра со мојата моментална согласност, си рече за чудо без лутина, како што си поигрува со својата уредничка пишалка. - „Значи се сложуваш“, - рече уредникот и ја фрли пишалката врз ракописите. – „Добро, тогаш појди на каса, налогот е веќе таму.“ Моно стана од работ на столот и ја изгаси цигарата во пепеларникот. Не беше уште допушена, забележа, но нешто го спречуваше да излезе од неговата канцеларија со негова цигара в уста. - „Само“, - го задржа уредникот, - „мислам дека се разбравме: никаква претенциозност и никаква литерарност. Чисто новинарски. Јасно?“ Моно кимна со главата, не ипотребувајќи ни еден збор во потврда, зашто имаше впечаток дека со каква ид а е согласност ќе го дезавуира напорот во сеге да се сведе на стрикноста од барањето, со кое го испрати уредникот од своето темно биро. Чувствуваше дека излегува од неговата канцеларија со врзани раце; рацете, навистина, му беа на светлата квака од тешката врата, но сепак беа необјасниво и невидливо врзани. Да умрам ако разбирам, си рече Моно, да умрам ако ми е јасно. 4. Бифето беше обична соба со дупнат ѕид за шанкот. Врз неколкуте маси со растегнати ромбови се шаренееја празните чаршафи; од ѕидовите гледаа самрачни сцени на изградбата од домашни уматници; светлината на облачниот ден се разбиструваше во разнобојните шишиња на шанкот; бифеџијата стоеше налактен на неговиот воден лим и пувкаше цигарна чад кон жената во болнички мантил што чепкаше околу решото. Моно побара една лута на нога и погледна кон последната маса: таму се играше шах, кибицерите ги поклопуваа играчите. Веројатно зајадливото крајче на устата, си рече Моно. Ја истури чашката, го почувствува нејзиниот оган како сечило во себе, па зеде уште една и се упати кон шахистите. Макар што оттаму не го забележуваа, тој знаеше дека ќе му биде непријатно ако го видат како сам покрај шанкот ги дене на усните напрстоците од чашките. - „А Моно!“, - го забележа Наумче. – „Кај си ти, денеска не сум те видел.“ - „Тука“, - промрмори Моно, изненаден дека Наумче секој ден треба да го гледа. - „Да седнеме“, - продолжи Наумче со нерешителност во гласот. – „Овие се здодевни.“ Спротивно, над шаховската табла, до која не можеше да се дојде ни со крајче од поглед, зашто беше поклопена сод наведнатите глави на играчите и кибицерите, токму тогаш настана мешаница и врева. Што ли сака овој, си рече Моно, што на умче има ова Наумче? - „Што пиеш: лута?“, - праша Наумче седнувајќи спроти него и кревајќи ја раката кон бифеџијата. – „Две лути, молам.“ - „Веќе имам“, - уморно рече Моно, не можејќи да не погледне кон шанкот, каде што бифеџијата го остави опушокот на работ од лимот и ги протри рацете од белите џебови пред да ги поземе наполнетите чашки. Всушност, одбегнуваше да погледне во Наума, зашто претчувствуваше дека неговото честење не може да нема за поттекст некоја деловна сатисфакција. - „На здравје“, - рече Наумче и му ја допре чашката, изнудувајќи му го на тој начин одбегнатиот поглед. - „На здравје“, - промрмори Моно. На здравје на сите типови како тебе, си додаде во мислите. Наумче од Мислешево беше речиси негов врсник, уредник на надворешната рубрика во „Народен пушач“ и мазен физикус, што мислеше да заврши со факултетот и со ергенскиот живот на најсолиден и најуносен хачин. Неговитеамбиции беа далеку над „Народниот пушач“, некаде во странство – дипломатска служба или забележливо дописнитво. Моно напати му завидуваше на реткото умеење да биде секогаш задоволен од себеси, макар што тоа почесто му беше смешно. Да не речам плитко, се поправи. Запалија цигари, погледнаа во сликите по ѕидовите, потоа во небото отаде прозорецот. - „Ќе си одел на пат“, - почна Наумче. - „Веќе си разбрал“, - без чудење рече Моно. – „Да, ден-два.“ - „Лесно ти е тебе“, - издивна Наумче. „Неколку дена на пат, ќе си донесеш репортажа, потоа капата настрана.“ - „А ти се скина од работа“, - го подзеде неговиот тон Моно. – „Ѕирнеш ваму, ѕирнеш онаму, ножиците, лепилото, една фина монтажа и коментарот е готов.“ - „Јас не се жалам“, - брзо го поправи Наумче. – „Само по малку ти завидувам.“ - „На што?“, - незаинтересирано праша Моно вртејќи ја чашката меѓу прстите. - „Така, воопшто“, - ублажено рече Наумче. – „Како си со факултетот?“, - го сврте разговорот на посреќни води. - „Се туркаме по малку“, - со скромна насмевка рече Моно не сакајќи да му даде нов повод за завидување. – „Кога тој, кога јас.“ - „А љубовта?“ Тука сме, си рече Моно. – „Која љубов?“, рече непара зачудено. - „Уште ли одиш со онаа?“, се плеткаше Наумче во својата позајмена небрежност. Неговите прсти многу поситно си поигруваа со чашката. - „Која?“, - се правеше недоветен Моно. – „Натка?“ - „Така мислам се вика“, - рече Наумче со одвај скриено олеснување. Тука сме значи, си повтори Моно. – „Готово“, рече со потценувачко мрштење, „ќе раскинам.“ - „Навистина“, - се зачуди или се израдува Наумче. – „Зошто: не ти се допаѓа?“ - „Не за недопаѓање“, - отегна Моно наоѓајќи зборови што полажни и истовремено што повистинити. – „Туку има незгоден карактер.“ - „Богати“, - се заинтересира Наумче. – „Кој би рекол: инаку згодна девојка.“ - „Прилично“, - се согласи Моно па потоа со живната умисла додаде. – „И тоа повеќе отколку што се чини.“ - „Не ја пушташ ти лесно“, - заклучи Наумче со изнудена насмевка. – „Да се напиеме уште по една?“ Моно не откажа. Поправо, не ни мислеше дали да откаже или не; зашто, ако мислеше на тоа, не ќе можеше да не помисли и на она, дека со честењево Наумче од Мислешево бездруго цели да го обврзе на нешто, за кое веројатно мисли оти само тој го знае. На сосема друга работа мислеше Моно додека ја допиваше чашката за да ѝ направи место на следната. - „Те интересира?“, - го праша кога меѓу прстите ја насети полната чашка. - „Што?“, - се зачуди Наумче, небаре изненаден од недореченоста на прашањето. - „Таа“, - стрпливо објасни Моно, - „Натка.“ - „Не“, - приготвено се повлече Наумче, - „јас само така: повеќе од љубопитство. Зошто прашуваш?“ - „Нашата работа е при крај“, - полека објасни Моно без да го симнува погледот од него. – „А освен тоа вечер ќе бидеме горе.“ - „Каде горе?“, - праша Наумче не мрднувајќи ни со прст на чашката. - „Во клубот“, - рече Моно. – „сакаме убаво да се разделиме.“ Чувствувајќи го студот од чашката на вршките од своите избледени прсти, Моно Самоников го гледаше во неподвижното лице и му се начудуваше како со ниеден детаљ не им остава на своите чувства да заиграат за миг на него. Дрво од лице, си мислеше, конфекциски исклепано дрво од убаво и безизразно лице. Во вакви лица се вљубуваат жени, дипломатии и жилети. - „Би можел да те запознаам“, - рече по мала пауза. – „Се разбира, ако сакаш.“ - „Ако не е незгодно“, - се насмевна со одмерен срам Наумче. – „И ако е онака како што велиш ти.“ - „В ред“, - заврши Моно и ја допи ракијата. - „Тогаш вечер во клубот“, - го начека Наумче. Моно стана и без да го поздрави се оддалечи од масата; воопшто не беше изненаден дека Наумче од Мислешево повеќе не го задржува. Мршојад, си рече со стиснати заби, те крева од легало и воопшто не се стеснува дека легнува на топлината што си ја оставил таму. Сакаше да биде лут, резигниран или љубоморен, но од сето тоа во себе не чувствуваше ништо. Некој ќе извиси, се сети, грозно ќе извиси. Но ни тогаш ништо не почувствува. Ја крена јаката, што се беше стврднала како шрапнел, и на тилот почувствува нешто како ноќ. 5. Одејќи меѓу олуците, што тропаа со остатоците на дождот како со ситнеж, Моно Самоников чекореше низ локвите и, кршејќи го својот лик таму, ја срочуваше приказната на Натка како преболено но сè уште сентиментално минато: Натка Јовановска имаше дваесет и две години и студираше литература со јазик. Натка Јовановска веќе три години учеше и полагаше различни граматики, педагогики и естетики, а ја делеше осојната соба во студентскиот дом со уште три другачки, кои исто како неа се враќаа од град со скрипти, тетратки и книги, свиткани во труби од една долга и непризнаена досада. Другачките спиеја во бели болнички кревети, добиваа напати по некој пакет со јадење од дома, чекаа на ред за пеглата да си ги замазнат неколкуте фустани, вареа млеко, чај и пудинг на решето, што го криеја меѓу облеката од управата на домот, секогаш беа скарани макар со едната меѓу себе, чија љубов ќе ја задоцнуваше да ја пали светилката кога другите веќе спиеја, си пречеа една на друга, кога на глас ги преточуваа во своерачните фризури речениците и формулате од изабените скрипти. Натка Јовановска три години живееше во истата соба, од испит до испит, од семестар до семестар, сè со истите другачки и сè со истите мисли - час поскоро да излезе од тие вжолтени ѕидови, од кои не излегуваше тажникавата миризба на застоеното девојчинство. Натка Јовановска имаше дваесет и две години, шест семестри и студентски љубови колку за прстите од едната рака. Беше убава, спокојна и молчелива. Во некоја долинка од кусите привардарски реки, во едно гратче слично на другите, во една куќа со чардак, двор и лозје, имаше стари родители и мали браќа, при кои одеше меѓу секои два семестри да им бакне рака на хранителите, да им донесе приквечерни потсвирнувања под прозорците и да им го покаже индексот со оцената на последниот испит. Натка Јовановска учеше за да се врати во гратчето како учителка, а еднаш дојде во собата со четирите бели кревети и почна да си ја собира облеката во куферот со изедени краишта. По стаклата се слеваше ненадеен пролетен дожд, олуците ѕвонеа како во необденетите есенски ноќи, нозете сами се криеја под покривачите од разместените кревети. Натка Јовановска, меѓутоа, се пакуваше и другачките нејзини се изгледаа со накренати веѓи. - „Заминуваш?“, - праша едната. - „Да не ти умрел некој?“, - праша другата. - „Си нашла стан?“, - праша третата. Натка Јовановска се сети за своето и нивните девојчинства, за тоа како си ги позајмуваа подобрите облеки кога одеа на судбински средби, за ноќите кога во топлиот мрак си ги доверуваа шепотливите и скокотливи надежи. На Натка Јовановска ѝ идеше да заплаче, но таа се насмевна. - „Натка нашла некој“, - извика другата, онаа што се плашеше од смрт, студ и средби. Девојките срипаа од под покривачите и нагрнаа накострешено на неа. Натка Јовановска се бранеше од нивните прашања. Како птица што се плаши да не ја оскубат, но разграканите девојчинства ја чепкаа од сите страин сè додека не ја разголија до вцрвено признавање. Зашто, од домов девојките заминуваа во живот, во брак и во неизвесност. Натка Јовановска излезе од студентската соба со студени стисоци на рацете. Во згрчените прсти го држеше куферот на својот имот, а со згрчените гради се обидуваше да се прости со вжолтените ѕидови, од кои со години не излегуваше тажникавата миризба на застоеното девојчинство. Натка Јовановска не беше веќе студент. Натка Јовановска беше веќе жена. Во џепчето под папукот го стискаше до себе студениот клуч на новата постела, на новата надеж, на новата неизвесност. Ноќва, кога уморни, размекнати и припиени, се разбудија по којзнае кој пат во истиот мрак, кога на ѕидот над перницата пак ја здогледаа ромбоидната дамка од уличната светлина, а олуците капеа оретчено небаре нечија рака ги затресуваше како гранки, тој пак го смеша својот здив со нејзиниот и се наведна над неа да и ја вдвои сопствената топлина. - „Спиеш?“, - прошепоти. - „Не“, - рече таа - „Зошто?“ - „Мислам на нас“ - „Што мислиш за нас?“ - „Што ќе стане со нас.“ - „Што ќе стане со нас?“ Не можеше да одговори зашто беше мрак, а и да беше денќе кажеше бездруго некоја глупост.. - „Глупости“, - рече тој. – „Што може да стане со нас? Ќе биде вака.“ - „Вака?“, - повтори таа. – „Кога би можело да биде вака.“ - „Би можело“, - рече тој. – „Ако сакаме, би можело. Сакаш ли?“ Таа молчеше, чувствувајќи го мракот како тишина. - „Би дошла ли во ова соба?“, - рече тој. – „Ваква: расфрлана, малечка, ненаша?“ Таа молчеше, чувствувајќи ја тишината како мрак. - „Би ме зела ли ваков?“, - рече тој. – „Без завршена струка, без постојана работа, без јасна иднина, без ништо?“ Таа молчеше, чувствувајќи го мракот како задушна тишина. - „Би останала ли овде?“, - рече тој. – „Да го делиме повеќе она што го немаме одошто она што го имаме?“ Таа молчеше, чувствувајќи ја тишината како удавлив мрак. - „Би се врзала ли за мене?“, - рече тој. – „Ваков?“ Таа ја почувствува необјаснивата лутина во неговиот глас и го покри со својата излишна топлина, смешувајќи го својот засркнат здив со неговиот. Ноќта ги поклопуваше со дотогаш непочувствуваниот вршник од здушеност и се чинеше дека неговиот усвитен здив никогаш нема да истле на нејзините усни. Олуците ѕвонеа како зашумената крв во ушите, а ноќта немаше дно, зашто не беше ноќ, туку живот. Таа ноќ умре студентката Натка Јовановска за да се разбуди жената Натка Јовановска. Таа ноќ, и покрај есенското небо, и покрај студот што се вовираше во ногавиците на доцните прибирачи и покрај разѕвонетите олуци што ја истечуваа својата развлажнета тага, таа ноќ сите кајсии во градот расцветаа и се покрија со пророзовена скреж. Децата се разбудија со вцрвени дамки на образите, дрвјата ги расклопија своите пупки за уште поглед несон, ветерот ги обраби локвите со прстења засушена земја, градот ја дочекуваше пролетта со поткастрени багреми и наросено чело под небото. Од таа ноќ, како и секоја жена, Натка Јовановска стана со сврелени образи и модринки под очите. И сега одеше по намокрени улици на градот, со куферот во студените стисоци на рацете, како и секој патник што ја бара својата нова стреа. Во џепчето под папукот го стискаше до себе студениот клуч на новата постела, на новиот пат, на новата неизвесност. Модринките под очите и беа вцрвени од тажникавото простување со застоеното девојчинство во собата со четири кревети, а околу штотуку испиените усни се појавија нови модринки како кога се излегува од студена вода во која долго се ежело. Натка Јовановска не беше веќе студент, Натка Јовановска беше веќе жена. Но Натка Јовановска се плашеше од секоја промена, а најмногу од онаа што ќе ја направи беспомошно силна. Натка Јовановска имаше дваесетидве години и сега чекореше кон својот нов живот. Под папукот го стискаше клучот на новата не извесност, во рацете ја стискаше немашливоста на својот имот, во градите го стискаше трепетот пред новата среќа, но Натка Јовановска цврсто чекореше по надождените улици на градот, верувајќи во својата топла добрина, во својата широка стрпливост, во својата молчелива љубов. Натка Јовановска беше убава, спокојна и молчелива. Натка Јовановска беше жена. - „Натке“, - извика некој. Таа се обѕре и виде: еден младич со насмевка настигнуваше друга девојка. Обична девојка, а сепак некако слична на неа; можеби со истото чувство на ѕунливиот шум од чорапите меѓу нозете. Девојката го дочека младичот со вцрвени јаболкца. 6. - „Моно“, - извика некој. Тој се обѕре и виде: еден младич со насмевка се простуваше со една девојка, девојката се простуваше од младичот со вцрвени јаболка на образите. Штета, си рче Моно, не ја довршив приказната за Натка Јовановска, макар што понатаму веќе не знаев каде да одам со својата упростена претпоставка. Впрочем, еве уште една Натка. - „Е“, - рече дочекувајќи го младичот, - „од кај ти е оваа Натка?“ - „Оваа?“, - се зачуди младичот, - „од каде знаеш дека се вика Натка?“ - „Од својата интуиција, шмокле, со која доаѓам во допир преку цицање на малиот прст, ако не си знаел досега.“ - „Прости“, - се поправи младичот, - „заборавив на тој момент.“ - „Не изигрувај збунетост“, - отсече Моно, - „туку одговарај на прашањето.“ - „Прав си“, - пак се поправи младичот. – „Тоа е едно...“ - „Мамино девојче“, - го дополни Моно. – „Тоа сакаше да кажеш, нели? Сега е пред матура, особено сака литература, има зелени очи и црни коси, родителите ѝ се строги и повеќе од осум не смее да се задржува навечер. Така?“ - „Да“, - затрепка младичот. – „Од каде ја знаеш?“ - „Неа од никаде“, - продолжи Моно. – „Но твојот гимназиски вкус отсекогаш.“ - „Денес си расположен без грешка“ – забележа младичот. – „Може ли да се знае на која нога си станал?“ - „Бездруго не на средната“, - суво рече Моно. – „Е ќе гукнеш ли нешто?“ - „Ти веќе рече сè“, - се насмевна младичот, – „благодарение на својата интуиција од малиот прст.“ - „Тоа не ме чуди“, - објасни Моно. – „Што ќе додадеш?“ - „Само тоа“, - отегна младичот досетувајќи се, - „дека овојпат работата е сериозна.“ - „Во тоа не се сомневам“, - одмавна Моно со раката. – „Впрочем, како и секогаш. Дај цигара.“ - „Какви пушеше вашата новинарска светост?“ - „Твои“, - заситни Моно со прстите, - „ако немаш ништо против и ако некогаш воопшто си имал цигари.“ - „За жал“, - посегна младичот в џеб, - „токму пред малку ја фрлив кутијата: зелена „Македонија“.“ - „На улица?“ – се зачуди Моно. – „Нечуено: катедрата по англиски на секој чекор сее култура низ градов.“ - „Што можеме“, - ги згрчи рамениците младичот, - „кога тоа ни е присушто. Ќе извадиш ли од твоите?“ - „Па да“, - рече Моно. – „Како можев да изумам дека културата и динарот се различни поими, што не поднесуваат да се најдат во ист џеб? Нá.“ - „Пих „Зета“!“, - се намршти младичот. – „Кога би бил новинар, никогаш не би пушел „Зета“. Затоа и новинарството ни е на ниско ниво.“ - „Кога би бил новинар“, - рече Моно чкрапајќи го кибритот, - „во што не верувам, зашто тогаш новинарството би било на уште пониско ниво, ти не би пушел ни „Зета“.“ - „То ест?“ – праша младичот наведнат нас пламенчето. – „Како можеш да ја објасниш таа произволна формулација?“ - „Просто со фактот“, - рече Моно пуштајќи го дрвцето пред да му ги опрли прстите, - „дека не би имал ни „Зета“, како што не би ја имал ни јас, да немаш дигнато аванс за пат.“ - „А, така“, - стори младичот со првиот дим. – „Со вакво објаснување веќе би можел да се сложам.“ - „Се чини“, - рече Моно примижан, - „дека ти годи ниското ниво на „Зета“?“ - „Да“, - се согласи младичот, - „просто е неверојатно на што сè човек е готов поради пријателство. А“, - додаде помеѓу два дима, - „на која точка од земјава“, - правејќи во воздухот колкови од можности, - „ќе имаат чест да ја видат твојата остроумна муцка?“ - „Мислам“, - рече Моно, - „дека во такви службени подробности не е многу остроумно да се навлегува.“ - „Ах да“, - стори младичот, - „тоа се вика службена тајна, така? Го молам последниот дим од твојата скапа цигара да ми прости за оваа неостроумна индискреција.“ - „Пих“, - пуфна Моно со цигарата, - „имам за тебе повеќе димови прошка. Каде одиш вечер?“ - „Па“, - почна младичот, - „како да ти кажам...“ - „Можеш и на македонски“ – му помогна Моно, - „се надевам дека ќе те разберам.“ - „И јас“. – прифати младичот. – „Работата е во тоа што и јас сум зафатен.“ - „Ах да“, - го дочека Моно, - „со Натка. Како да заборавам на тоа?“ - „И јас сум изненаден“, - рече младичот. – „Ти обично не ги изумуваш своите адути“ - „Простосмртни слабости“ – призна Моно. – „Значи, зафатен си со Натка“, - продолжи со потпевнување. – „Веројатно ќе одите в кино?“ - „Да“, - потврди младичот. – „Ана Каренина.“ - „Поучна историја на една несреќна љубов“, - издекламира Моно. – „Веднаш си почнал со својата програма на превоспитување, односно на сентиментално воспитување. Би требало да ти симнам капа, но за жал, во моментов немам таков реквизит за оддавање почит.“ - „Грешиш“, - го поправи младичот, - „изборот е нејзин. Јас сум само естетска контрола на нејзиното доживување.“ - „Тоа е исто“, - си објасни Моно, - „ти си пак над. Значи, в кино“, - продолжи откако го згмечи отпушокот со врвот од чевелот. – „И за сето време на претставата веројатно ќе се држите за раце?“ - „Веројатно“, - му одобри младичот, - „ако повелиш да дозволиш.“ - „Ти бездруго ќе се обидеш да посегнеш и кон нешто повеќе“, - продолжи Моно необѕирајќи се на неговото упаѓање. – „Меѓутоа, нешто поради занесеноста во филмот, а нешто поради строгите родители, твоите дланки ќе бидат упорно одбивани. Што значи, во крајна линија, дека ќе ти остане само да ропкаш семки и да се напојуваш од мирисот на нејзината прцла. Мислам дека имаше прцли?“ - „Опсервацијата ти е фотографски беспогрешна“, - се сложи младичот. - „Потаму“, - продолжи Моно одбивајќи го неговиот комплимент со лесно поткрената глава. – „Кога ќе излезете од кино, ти ќе настојуваш, се разбира, колку што е можно понезабележливо, да го скршнеш вашиот пат меѓу корзо и дома, целејќи низ мали улички да се добереш до паркот. Мислам дека и во тоа нема да успееш.“ - „Каков пророк!“ – потсвирна младичот фрлајќи го опушокот со ноктот во воздух. - „По тој обид“, - продолжи Моно следејќи ја грбестата парабола од неговиот опушок, - „ќе ти остане само едно: што повеќе да ја задржиш во некоја потемна сенка при испраќањето. Таму ќе се случи следново.“ - „Сиот сум слух“, - го прекина младичот свивајќи се во полжав од уво. - „Ќе се случи следново“, - повтори Моно не гледајќи во него. – „Во сериозен разговор за филмот, за кој (за обата) подоцна ќе си признаеш дека ви бил бескрајно здодевен, ти ќе настојуваш што поблиску да стоите еден до друг и од вашите гласови да направите само еден смешен шепот. Таа ќе се стресува при секој чекор на улицата, а ти ќе ја смируваш со топли стисоци.“ - „Леле“, - се стресе младичот, - „како драматичен опис!“ - „И“, - го крена Моно прстот во знак на кулминација, - „кога ќе дојдете до последното одлагање на испраќањето, ти ќе ја задржиш со обете раце околу половината, па со наместени усни ќе ѝ ги побараш нејзините. Таа ќе се прпелка во твојата прегратка, ќе те шиба со прцлите по ушите, ќе ти ги врти сврелените образи, сè додека, во најсреќен случај, не ѝ ги најдеш во мракот и не ѝ ги фатиш за миг веќе стврднатите усни. Тоа ќе биде првиот бакнеж, односно првата прелага од бајнеж.“ - „Готов сум“, - рее младичот свивајќи се надолу како полжав во корупка. – „Се предавам, признавам.“ - „Меѓутоа“, - заврши Моно не гледајќи го младичот по себе, - „кога Натка со своите размавтани прцли ќе избега кон своите строги родители, зашто веќе ќе биде повеќе од осум, ти ќе останеш подзинат во мракот по неа и со празните раце ќе имаш впечаток дека си ја фатил девојката на својот живот. За потаму не сакам да зборувам.“ - „Браво!“, - заплеска младичот од под него. – „Браво“, - рече исправајќи се, - „зборуваше со зачудувачка убеденост. Да не би нешто од ова да си почувствувал на сопствена кожа?“ - „Мене ми е достатно да се вживеам“, - „Во другите или во себеси?“ - „Шмокле“, - потценувачки одврати Моно. – „Во животот како таков.“ - „А, така“, - отегна младичот во божемно досетување. – „Тогаш дај една цигара како таква.“ Моно ја извади кутијата, па двајцата ги вмешаа прстите во неа, барајќи помеки цигари. Младичот прв го чкрапна кибритот и Моно се наведна над него како над пламенче од кандило. Господи, си рече Моно без чудење, од кога не сум видел кандило; од кога не сум бил кај старите! Меѓутоа, со првиот дим што го процеди низ носниците, се сепна од оваа случајна мисла и ја отфрли како кичер од дремка, што натежнува над клепките со лажно успокојување. - „И“, - рече не вадејќи ја цигарата од уста, - „значи каде ќе одиш по осум?“ - „Не знам“, - ги згрчи рамениците младичот, - „зависи.“ - „Од кого зависи“, - се потсмевна Моно, - „кога Натка ќе те остави во осум? Дојди в клуб.“ - „Во вашиот?“, - потпраша младичот. – „Не знам, не се чувствувам баш добро таму.“ - „Глупости“, - одмавна Моно. – „Ќе бидеш со мене, ќе го подјадеме авансот.“ - „Да не биде како минатиот пат“, - се насмевна младичот, - „да го изедеме сиот пред да се качиш на воз?“ - „Не“, - убедливо рече Моно. – „Нема да бидеме сами, ќе дојде и Натка.“ - „Натка број еден“, - потпраша младичот. – „Што барам тогаш јас?“ - „Токму затоа“, - одговори Моно. – „Ќе треба нешто сериозно да зборуваме.“ - „Фиу“, - потсвирна младичот. – „Тој сериозен разговор го почнуваме веќе шест семестри. Ме сметаш ли за толку наивен?“ - „Не“, - рече Моно, - „не баш толку. Значи ќе дојдеш, нели?“ - „Неиздржлив си“, - се насмеа младичот и ја остави својата ѕвонлива смеа да подрипне по измиената улица како испуштен ситнеж. Моно го гледаше како се оддалечува, кршејќи ја својата штркната става, подгрбавен во рамениците и потсвиткан во колената, и беше на работ од ненадејната слабост да помисли: Јошко, ти си навистина другар. Но, кога се сврти да го продолжи својот пат, по чија влажна врвица, како размекнат дождалец, го беше почнал срочувањето на приказната за Натка Јовановска, се виде одеднаш зацапнат во првата локва на тротоарот. По ѓаволите, се опцу излегувајќи од водата со исцапани ногавици, мене секогаш ќе ми се случи нешто вакво. 7. Моно Самоников стоеше налактен на својот прозорец и гледаше во тринаесеттото попладне на март. Прозорецот беше отворен, но поради дрвјата во дворот улицата можеше да се види само во должина меѓу две бандери. Над тој исечок од улицата и во голите гранки зас’скуваше некаков самрачен ветар. Од левата бандера во исечокот на улицата влезе човек со двокраки скалила. Без многу двоумење, тој ги расчекори под првиот багрем, се искачи во ретката крошна и почна со рачна пила да ги сече гранките над самото стебло. Сивото попладне заѕуни над дрвјата како во запурничаво лето без дожд. Потоа, врз земјата што уште беше темна од зимските врнежи, почнаа да паѓаат штркнатите гранки, со трњето како натежнати капки. Децата од улицата ги растргнуваа по тротоарот и ги испуштаа со писоци, кога пцостите на сечачот ќе паднеа врз нивните тилови. На вториот багрем дојде втор сечач со скалила и пила, ист во сè како и првиот, како и другите што потем се појавија, па наскоро сите багреми од обете страни на исечокот од улицата беа потстрижени до стеблата. Гранките лежеа под нив, спружени и како надождени. Моно го гледаше ова зиморничаво соблекување и мислеше на тоа дека срцевината од исечените гранки бездруго е бело расплакана. Иде пролет, безволно мислеше; мора да иде пролет, се убедуваше, макар што небово е зимски намовнато. Рамениците боцкаво му се наежија под зелената семстралка, но тој не го затвори прозорецот и не ги протри да ги згрее, туку со бесцелна втренченост продолжи да го гледа исечокот од улицата меѓу двете бандери. Овие одеднаш се извишија, како кога пилиштарецот во еден момент ќе се види во рацете преку ноќ израснат од окусените ракави. Моно се насмевна на оваа слика, замислувајќи се себеси на неа; но тоа без сакање му се случи, зашто всушност не знаеше што да прави. Навистина, помисли сега веќе со сакање. Би можел, на пример, да ја растреби масата од оние весници, пепеларници, книги и ронки, па да се свитка над неа и со дланки на слепоочниците да почне со прелистување на скриптите од испитот, што веќе по втор пат го има пријавено. Би можел, исто така, ако го мрзи да ја растреби масата, да се завитка во постелата и со една рака над покривачот да го постигне истото. Би можел, освен тоа, ако веќе не е расположен за таков вид работа, да посегне кон купиштата облеки и да се приготви за утрешниот пат. Меѓутоа, макар што знаеше дека со нешто треба да почне, дека со нешто треба да се зафати, Моно не се одвојуваше од прозорецот и не ги одлепуваше подлактиците од неговата омекната рамка. Имаше сосема јасен впечаток дека некој зад него, од неговата сопствена соба, го држи вака бесмислено приклештен. Тоа е постелата, си рече низ заби, постелата со оној сон. И без да се сврти, можеше во мислите да ја види: фрлена кожа од која избегала ѕверката на сонот. При секој бегол поглед кон неа, грпките на покривачот го боцкаа како рапави шрапнели. Тој глупав сон, мислеше со стиснати заби, тој глупав и бесмислен сон. Низ стаклото, што уште ги чуваше белузлавите траги од зимските дождови, како засушени траги од одамнешен плач, небото му се стори уште постемнето. Сите багреми меѓу двете бандери на исечокот од улицата беа соголени од стеблата и сечачите веќе ги немаше со ѕунливите пили и двокраките скалила. Децата ги влечеа исечените гранки, оставајќи по земјата гребани траги од трње и викотници. Сиво, зиморливо и тешко попладне, помисли Моно. А јас глупав, си рече гласно, и ги одлепи подлактиците од прозорецот. Тогаш, обновувајќи го допирот со семестралката, ја почувствува кожата на рамениците модро наежена. Без шега глуп, си повтори сè уште не решавајќи се да се сврти со лицето кон собата. Но некаде бездруго морам да се свртам, се обиде ладнокрвно да помисли. На каде, кон што? Тогаш во дланката, со која го беше зел лицето во здодевна недоумица на каде да го сврти, ја напипа брадата. Па јас сум небричен, речиси извика. Моно Самоников се уштутка во сопствената соба и почна да бара жилет за бричење. Одбегнувајќи да огледне кон постелата, најпосле му се стори дека ја нашол смислата на ова тринаесетто мартовско попладне. 8. Кога заврши со бричењето, насолзен и налутен на жилетот, што одвај го беше пронашол на купот врз масата, Моно Самоников со издишување помисли како би било убаво да најде сега нешто, со што да го ублажи штипењето на одраното лице. Барем две-три капки ракија, си рече, за дезинфекција на лицето ако не за грлото. Меѓутоа, макар што се лажеше со оваа привлечна мисла, тој убаво знаеше дека шишето под масата е исцедено до стаклото и затоа не мрднуваше да посегне кон него. Се гледаше в огледало и оставаше оттаму да го испитуваат две модри очи над две набабнати модринки. Сениште, си прошепоти и рамениците му се стреснаа. По скалилата се слушнаа чекори во женски топуци. Моно се вслушна во нивниот звук; па, гледајќи го со нема отсутност својот подзинат лик во огледалото, во мислите го проследи нивниот познат ритам. Аха, стори потоа и се стрча кон кошулата да се облече. Но, одвај што успеа да ја натегне, врвлестото тропање се пренесе на вратата и оваа веднаш потоа се отвори. На белината од денот, како исечено со ножици од моден магазин, се појави Натка Јовановска: танка во струкот, јака во колкот. Море згодна е, си рече Моно идејќи кон неа. - „Влези“, - рече и ја позеде со рацете за дланките. Натка нерешително зачекори во собата, вратата сама од себе се затвори. Моно се уштутка да ѝ направи место на некој стол, но никако не му поаѓаше од рака да ги расчисти толку за да можат да послужат за седење на гостин. Натка го гледаше со влажна насмевка, што ѝ ги стопли очите дури откако се засолна од зиморливото мартовско попладне. - „Собава не ми е баш за гости“, - се обидуваше да се насмевне Моно. – „Мојата слугинка не е многу ревносна, како што гледаш.“ - „Ништо“, - му ја утеши лагата Натка. – „Ќе седнам на креветов. Може?“ - „Сигурно“, - рече Моно. – „Ако не ти пречи сонот.“ - „Што?“ – потпраша Натка. – „Каков сон?“ - „Никаков“, - одмавна Моно и се обиде да се насмевне. – „Бладам.“ - „Бев по чаршија“, - продолжи Натка без волја и без насмевка, - „па заврна.“ - „Навистина? Не сум забележал.“ - „Страшно е времето, воопшто не личи на пролет.“ Запетлувајќи ја махинално кошулата, Моно не ја слушаше, туку ја гледаше во разголените колена – бели, обли и предизвикувачки. Како цврсти дојки, мислеше како нејзините девојчински дојки. Седна до неа на креветот и ја спушти влажната дланка врз нејзиното колено. Како раздимена шепа на ѕверка, си рече. - „Те чекав сношти“, - рече обидувајќи се да ѝ го фати погледот. - „Знам, ме задржаа.“ - „Кој?“ - „Другарките, не ми кажаа колку е часот.“ - „Штета, пропаднаа билетите.“ - „Не ги продаде?“ - „Не, те чекав до последниот момент.“ - „Прости што така се случи. Дојдов дури кога филмот беше веќе почнат.“ - „Навистина дојде или само така велиш?“ - „Чесен збор. Но треба да било доцна, зашто тебе веќе те немаше.“ - „Те чекав до шест и дваесет.“ - „Прости. Не мислев дека така ќе се случи.“ - „Ти беше жал?“ Натка гледаше во неговата рака врз своето колено. Моно ѝ ја стегаше дојката од коленото и се мачеше да ѝ го фати погледот. Бездруго ме вози, мислеше. - „Ти беше ли жал?“, - ѝ шепотеше во увото присакувајќи го нејзиниот потврден одговор. Натка не го одвојуваше погледот од неговата рака, набабрена во жилите врз нејзиното покриено колено и вцрвена небаре од срам. ѝ се чинеше дека и нејзиниот поглед е исто така напнат, врел и заматен, зашто не можеше ништо да одговори: како да каже „да“, како да признае дека ѝ било жал, кога тоа значи предавање, моментно предавање под првиот притисок? Му ги чувствуваше прстите како ѝ се стегаат околу коленото и го преколнуваше во мислите да престане со барањето одговор за она што треба на инаков начин да го разбере. Моно, меѓутоа, не престануваше да го повторува своето прашање: - „Ти беше ли жал? Кажи, ти беше ли?“ Знаеше дека забраздил, дека сè повеќе забраздува, со секое ново повторување на своето единствено прашање, на кое бараше единствен одговор. Ги чувствуваше жилите на раката тешки, врели, наоловени од неподвижност и во недоумица што друго да прави бесмислено ги стегаше прстите околу нејзиното колено, не чувствувајќи притоа ништо за него. Ако повторно го почнеше истиов разговор, немаше да дозволи да дојде до ова прашање, но сега беше доцна: сега немаше повлекување додека не го чуе, макар и од нејзиниот наведнат поглед, одговорот што упорно го бараше. - „Кажи дека ти беше жал“, - рече пак. Го симна најпосле прашалникот од своите запијавичени три збора и веќе со монотон шепот влажно ѝ дишеше во врелото уво. Натка пак не одвраќаше, пак не ја креваше главата, пак го држеше погледот под нозе. Но Моно веќе и не очекуваше одговор. Замрсените обетки од нејзините кичери околу увото го скокоткаа по усните како накострешен пердув под здив. Што сум глуп, помисли Моно, зарем мора со зборови? Ги допре расклопените усни од нејзината топла кожа под увото и почувствува како таа со трепет се наежува. Навистина сум глуп, си рече со насмевнати очи. Па со запрен здив ја побара нејзината уста. ѝ ја најде кога главите им го допреа ѕидот и кога раката си ја почувствува фатена меѓу нејзините стиснати колена. Така ти треба, мислеше со нежна одмазда, така ти треба кога не сакаш да признаеш. Со налактената рака ја држеше за тилот да не ја мрда главата, со усните ѝ ја голташе устата со сиот таму оган, противење и сладост, додека со другата рака ја раскопчуваше на градите и ги будеше оттаму двата топли гулаба. Така ти треба, си повторуваше. Кога веќе здивот му стана пократок и од нејзиниот, ја одлепи устата како од жар и остана загледан врз неа. Таа полека ги отклопуваше клепките, но усните ѝ останаа отворени и заздишани. На образите имаше црвени јаболкца, забележа Моно. - „Не сакаш да признаеш“, - рече со насмевка, - „а?“ - „Ти си идиот“, - прошепоти Натка - „Тоа го знам“, - рече Моно, - „ама зошто не сакаш да признаеш?“ - „Затоа што си идиот“ - „Добро, а сега бакни ме.“ - „Не сакам, ти си идиот.“ - „Имаш вонредно сиромашен речник.“ - „Идиот“ - „Тогаш јас ќе те бакнам“, - рече Моно и почека да види како ќе се противи. Но таа само полека ги заклопи очите кога ѝ се доближи до одвај расклопените усни и остана така во премрено исчекување. Моно жестоко се нафрли врз неа, мислејќи со насмевка: вака ти требало тебе, вака, вака. Отаде прозорецот, во денската белина од која дојде зиморливиот здив на надожденото небо, осиното ѕунење на пилите по багремите и шушливиот чекор на девојката од неговата упростена и недосрочена приказна, нешто тропна: налани врз бетон. Со усните врз неа, Моно си ја претстави познатата слика: тетка Зора, со згмечени влечки и лутлив шепот во собраната уста, се вртка на балкончето во божемна заработаност. Секојпат тогаш наоѓа работа, помисли со свикната злоба, да ги прередува цреповите цвеќе, да ги мести наланите пред прагот или да ја тресе чергата пред вратата. Тропањето на наланите по бетонот продолжуваше до очигледна бесмисленост. Натка се оттргна од неговиот бакнеж и ги отвори очите до студена трезност. - „Бувот од другиот прозорец“, - рече гледајќи во него оздола. - „Го збогатуваш речникот“, - се насмевна Моно. – „Те виде ли кога дојде?“ - „Их?“, - не дочека Натка, - „може ли?“ - „Не пропушта таа ништо“, - рече Моно. – „А ја поздрави ли?“ - „Зошто“, - праша Натка. – „Да ме праша кого барам?“ - „Мене веќе ме праша“, - се насмевна Моно. – „Дали не си ми братучетка.“ - „Грозна е“, - рече Натка со сув шепот. – „Ја забележав, на прозорецот, уште пред да стапнам на балконот. Ама не се свртев и не ја поздравив. Одбивен був.“ - „Си требало да ја поздравиш“, - рече Моно со насмешлив прекор. – „Само би ѝ угодила.“ - „Никогаш“, - одби Натка. – „Како можеш да ја поднесуваш?“ - „Мене не ми пречи“, - рече Моно. – „Дури ми е интересна.“ - „Идиот“, - прошепоти Натка. - „Зошто?“ – не разбра Моно. – „Таа само ја изживува својата старечка чистота.“ - „Злобна е“, - го поправи Натка. - „Не“, - ја поправи Моно. – „Само си вообразува дека се бори против злата што ги опседнале младите.“ - „И тебе тоа ти е интересно?“ - „Дури и забавно“, - се насмеа Моно. На балконот отаде прозорецот наланите пак затропаа во излишно паѓање. Низ вратата, низ танкото дрво што беше испукано меѓу сувиот студ надвор и влажната топлина внатре, се слушнаа неразбирливи зборови од клетви, мрморења и прекори на кутрата тетка Зора во влечките и скуталето. - „Неподнослива е“, - прос’ска Натка. Моно стана од над неа, отиде до прозорецот и еден миг гледаше низ него на балконот. Потоа придушено се насмеа, задржувајќи ја смеата во затресените раменици, па ја спушти вжолтената завеса. Во собата падна предвремен мрак, тој ги оддалечи предметите до бладачко непрепознавање. Веднаш потоа под таванот светна жолтиот црв на ламбата и Моно се врати кон креветот. - „Што прави?“ – праша Натка веќе дополу станата. - „Ги става наланите во скуталето и потоа ги пушта“, - се насмеа Моно. - „Идиот“, - рече Натка. – „И тебе тоа ти е смешно?“ - „Ужасно“, - рече Моно низ затресен смев. – „До бесвест смешно.“ - „Идиот“, - рече Натка за некого од нив двајцата и почна да се прибира во фустанот. - „Каде“, - праша Моно. – „Зошто се облекуваш?“ - „Ќе си одам“, - одврати Натка навредено. – „Неподносливо: таа е љубоморна на мене.“ - „Љубоморна“, - се закикоти Моно, - „љубоморна?“ - „Да, идиоте“, - налутено рече Натка. – „Барем тоа е јасно.“ - „Глупости“, - рече Моно стишувајќи ја смеата. – „Каде ќе одиш? Врне.“ - „Лажеш“, - рече Натка. – „Ќе си одам.“ - „Глупости“, - повтори Моно без секаква насмевка. – „И самата рече дека врне. Нема зошто да одиш.“ - „Ти си идиот“, - навредено рече Натка продолжувајќи да се облекува. – „Тоа е неподносливо: попладнево сите работи создаваат само непријатности.“ - „Не биди дете“, - рече Моно со умилност. – „Ние сме доволни да си создадеме расположение.“ - „Не“, - тврдо рече Натка. – „Си одам.“ - „Баш нема да одиш“, - рече Моно. - „Баш ќе си одам.“ Без збор повеќе, со насмевка и светнати очи, Моно ја врати на креветот. Но Натка навредено се крена од постелата, поправајќи ја косата и посегајќи кон мантилот на столот. - „Не биди дете“, - со шепот рече Моно и ја прегрна стоејќи. Таа ја сврте главата да не ја бакне, но Моно веќе ја чувствуваше до себе сета; од двата топли гулаба што навредено се опираа на неговите гради, па до цврстите убоди на нејзините колена, што му се протиставуваа без сила и лутина. Баш нема да одиш, мислеше во себе баш нема да одиш па Јана мајка нека ти е. Прво се обидуваше да ја бакне, но неговите отворени усни паѓаа само на грлото, на ушите, на белата разголеност од почетокот на градите. Ѓаволе, си мислеше не ни помислувајќи да ја испушти од рацете. А кога му успеа да ја фати меѓу усните нејзината тврдо затворена уста, задишен и помалку бесен ја почувствува најпосле скротена до себе. Испивајќи го нејзиниот гнев од усните што полека ѝ се расклопуваа, со прстите од едната рака почна да ја откопчува озгора надолу, не обѕирајќи се на нејзиното немо противење. Кога ѝ ја ослободи размекнатата уста, таа веќе не беше цврста за никаков отпор. Тогаш во погледот му светна мисла, од која сиот затрепери. Никогаш не сум го правел тоа со неа, си рече во радосно чудење. Ја гледаше со заматени очи во полуотворените усни, од чија растопена топлина дишеше опојна чад. - „Што правиш?“ – рече Натка зачудено. – „Немој.“ - „Пст“, - стори Моно. – „Биди мирна.“ - „Ама Моно, немој да бидеш идиот. Немој.“ - „Пст. Јас сум веќе идиот. Сакам сам.“ Ја соблекуваше со сопствените прсти, што му се чинеа туѓи од растрепеноста како по исцрпувачки напор кога се само премалени. Страшно, мислеше, како до сега да не се сетам за ова? - „Ама Моно“, - се противеше Натка. - „Пст“, - ја стишуваше Моно. – „Ако се дрпаш ќе ти скинам нешто.“ - „Ти си навистина идиот“ Со насмевка на сето лице, Моно полека ја соблекуваше: прво со погледот, потоа со прстите, најпосле пак со погледот. Беше возбуден до вршките на прстите. Ова е обред, си викаше, обред што треба да се врши само на колена. Се спушти речиси со набожност на колената и со сврелен здив под нејзините гради симнуваше од неа дел по дел, како што се вадат фини иверки од дрво што ќе оживее во препознавачки лик. - „Не така“, - придавено се кикотеше Натка. – „Баш си идиот.“ Моно непослушно одеше по нејзината дланка и се начудуваше на ситните тајни од женската облека, што паѓаше на земја како презреана корупка од расклопена пупка. Вцрвена во лицето, Натка го гледаше озгора со зачуден и размекнат поглед. Раката ѝ минуваше по неговата коса во премрежно милување. - „Доста“, - рече најпосле. – „Немој повеќе.“ - „Уште ова“, - молеше Моно со колената на земја. - „Те молам, немој.“ - „Само уште ова.“ На подот, како пајажина од пред очи, падна последниот лист од нејзината проѕирна засраменост. Моно ги крена колената и се исправи со подадени раце, на кои дланките беа свртени угоре како во препекано исчекување божилакот да се престори во бистар дожд од сино небо. Пред него, на дофат од рацете и топло гола, стоеше бела Натка Јовановска со вцрвени јаболкца. - „Немој“, - молеше со погледот. – „Немој да ме гледаш.“ - „Само малку“, - настојуваше Моно и се обидуваше да ѝ ги одлепи рацете од снагата. - „Те молам, Моно!“ – молеше Натка припивајќи ги рацете по сета снага и никаде. - „Знаеш ли“, - рече Моно, - „дека си многу убава?“ - „Идиот“, - рече Натка. – „Изгаси ја ламбата.“ - „Зошто?“ – праша Моно без чудење. – „Никој не те гледа освен јас.“ - „Изгаси ја ламбата“, - молеше Натка. - „Ама зошто?“, - се противеше Моно. – „Завесата е спуштена.“ - „Изгаси ја, Моно, те молам.“ Без да ја допира, Моно ја опфаќаше со погледот од секаде, чудејќи се на тоа дека можел вака уште долго да ја нема. Ѓаволе, мислеше, навистина си убава. - „Моно“, - молеше Натка, - „изгаси ја.“ - „Добро“, - најпосле се согласи Моно. – „Само прво постели.“ - „Не сакам.“ – плачно рече Натка. – „Зошто?“ - „Јас сакам“, - рече Моно. – „Ќе си легнеме.“ - „Ти си идиот“, - навредено рече Натка. – „Изгаси ја ламбата.“ - „Прво постели“, - рече Моно со упорна насмевка. Штом набрзина ја намести постелата, Натка си ја прибра снагата под мовот од покривачот и само главата до брадата ѝ остана надвор. - „Сега ако сакаш и не ја гаси“, - рече со победна насмевка. - „Ѓаволе“, - рече Моно. – „Сега можеш и важна да се правиш, а?“ - „Ти си идиот“, - рече Натка без насмевка. – „Само ме срамиш.“ - „Навистина“, - божем се зачуди Моно. – „За тоа што те соблеков?“ - „Затоа“, - рече Натка. – „А и за тоа што онака ме гледаш.“ - „Како те гледам?“ - „Така“, - рече Натка. – „Страшно.“ - „Будалче“, - се насмеа Моно. – „Тоа е љубов.“ - „Љубов?“ – повтори Натка низ кикот. – „Тоа љубов?“ - „Сигурно“, - рече Моно. – „Не си знаела до сега?“ - „Не“, - рече Натка. – „Не верувам дека тоа е љубов.“ - „Туку?“ - „Не знам“, - под покривачот. – „Ми студи.“ Моно го чкрапна копчето од ламбата и во собата пливна неочекувана ноќ, од која стана навистина студено. Не решувајќи се да зачекори со босите стапала во тој прегуст мрак, Моно стоеше под него одеднаќ истуден и во недоумица што прво да стори. Мракот му избриша сè пред очите и тој беше готов да поверува дека ослепел. Сега очите ми се бели, си рече, како срцевината на исечените багреми. Почувствува како го сполазуваат бели мравки, па се стресна и зачекори кон прозорецот да ја крене завесата. На голите гради му се отпечатија дамките од уличната светлина. Како завои од мускули, си рече, во анатомски атлас. - „Што правиш?“, - праша Натка од постелата. - „Го викам бувот на визита“, - се обиде да се насмее Моно. - „Идиот“, - рече Натка и Моно забележа дека тоа го рече со покривачот на уста. И таа е мумија, помисли Моно. Само не во бел чаршаф. Зачекори босо кон нејзиниот глас, одејќи по дамките на уличната светлина што дотечуваше дури до креветот. Кога дојде дотаму, тврдо наежен по сета кожа, застана за миг над постелата и се загледа во покривачот. Замисли да нема никој, помисли, и нов бран морници му протрчаа по снагата. Моно го дрпна покривачот со еден замав и врз постелата се покажа белата Натка Јовановска, склопчена таму како во пронајдено гнездо. - „Што правиш?“, - извика Натка. „Ми студи.“ - „Нема да ти студи“, - рече Моно. „На двајцата нема да ни студи.“ Па, место покривачот, се фрли себеси врз неа – топла, бела, негова. Го оставив сонот, си рече, сега те наоѓам тебе. Тоа е замена достојна за благодарност. 9. - „Ќе се напиеме ли уште по нешто?“, - рече Моно и се обиде да ги собере другите со својата расплинета насмевка. По ѓаволите, си рече, кој ме тераше да претседавам на овој глуп собир? - „Јас имам уште“, - се насмевна Натка и ја допре со белите прсти црвената чашка на ликерот. Ти имаш уште, си повтори во себе Моно, но јас те немам веќе. За миг ѝ го фати размекнатиот поглед, па сакаше да ѝ се насмевне со топол намиг на една врзувачка тајна, но таа ги стврдна очите и одлута кон просторот за играње, што зјаеше под светлината испразнет од звуци. - „И јас“, - одби Наумче. – „Мислам дека ми е доста.“ Не би рекол, си рече Моно, не би рекол дека ти е доста. Со речиси видлива зајадливост забележа како си го подместува триаголникот од врската и како потем незабележливо го поместува погледот кон профилот на Натка. - „Не толку доста“, - рече Моно со намигање, - „колку што сакаш да го имитираш шефот.“ - „Кој шеф?“, - праша Јошко со поткренати веѓи од љубопитство. - „Нема врска“, - објасни Наумче. – „Нашиот внатрешен уредник.“ - „Олицетворение на мерка“, - го дополни Моно. – „Пример достоен за имитирање, примерок на иднината.“ - „О!“, - стори Јошко симнувајќи ги веѓите во полно разбирање. - „Не си многу правичен“, - забележа Наумче. – „Тој не е толку наметлив за да го одбиваш така ан блок.“ - „Несомнено“, - се согласи Моно. – „Но наметливи се неговите имитатори. Впрочем“, - рече со нестрплива насмешка отфрлајќи го потамошниот разговор за тоа, - „вкупно земено останува дека ќе пиеме уште јас и Јошко. Така?“ - „Ако треба“, - ги сви рамениците Јошко, со лажна насмевка меѓу нив. - „Имаш нешто против, Натке?“ - „Јас?“, - се тргна Натка со одлутаниот поглед. – „Од кога почна да прашуваш за такви работи?“ - „Ти си единствената дама на нашава маса“, - се обиде да ѝ се насмевне Моно и во истиот момент сфати дека тоа не му успева. – „Макар што ова е плеоназам“, - додаде да го дојасни шеготниот тон, па ја крена раката и запука со прстите по келнерот. Пред овој да застружи по паркетот на клубот, по грамофонската плоча загреба скоменувачката игла: заедно со чадот од цигарите, кон таванот на просторијата се кренаа врвлестите звуци од музиката за играње, додека вревата од полниот клуб се подви под масите. Моно погледна кон блескотно осветлениот таван и во неговата галабова зачаденост ги забележа извиените струјки од звуците на музиката. Тие се обидуваа да ја завитлеат наталожената зачаденост, упорно вртејќи нниз таа фина маса со своите кончести сечила. Напразно, си рече Моно; но ако успеат сите ќе се испревртиме во тој вител. - „Ако дозволуваш“, - рече некој. Моно се стресна од овие зборови и погледна пред себе: Наумче му се наклонуваше, а Натка веќе стануваше од својот стол. Со вдрвеност на несфаќање Моно гледаше во нив двајцата, готов да се запраша дали оние струјки на таванот веќе не ги кренале првите прашинки во својот насетен и очекуван вител. - „Се разбира“, - успеа најпосле да се насмевне. Па тие ќе играат, си рече со олеснување. Но истиот момент во нозете почувствува други две струјки. Доползени како змии од отворената врата, тие го фатија за глуждовите и почнаа да му ја качуваат својата гомарна студенина по наеженоста на нозете. Моно ги собра колената и ги пребра стапалата од подот, но таа невидлива вода не престануваше да надоаѓа од некаде и тој не можеше да се одбрани од неа како просто да беше воздух. Што сум будала, одеднаш си рече Моно, тоа е марта однадвор. Па ги спушти стапалата на подот, макар што и сега не можеше да го избегне чувството дека двете струјки го држат за глуждовите како две водни змии. - „Што за тип е овој фластер?“ - праша Јошко накревајќи ја новата чаша. - „Наумче од Мислешево“, - рече Моно допирајќи му ја чашата. – „Тој мисли за надворешната политика на „Народен пушач“.“ - „Тоа знам“, - се согласи Јошко. – „Те прашав само од кога трпиш такви фластери.“ - „Што му можам“, - ги поткрена рамениците Моно. – „Чувството на колегијалност ми ги врзува рацете.“ - „Твојата хуманост се допира со малограѓанство.“ - „Не биди зајадлив“, - отсече Моно. – „Што би можел да правам?“ - „Да го измаршираш“, - мирно рече Јошко. – „Јас би го измарширал и тоа веднаш.“ - „Не биди луд“, се збуни Моно. – „Како би можел: овој клуб е колку мој толку и негов.“ - „Да“, - отегна Јошко, - „но не и Натка.“ - „Како?“, - потпраша Моно спуштајќи ја чашката на маса. - „Не биди слеп“, - суво промрмори Јошко. – „Тој не седи на масава за нас, туку за Натка. Види го само како игра со неа.“ - „Тоа го знам“, - одмавна Моно со потценување и насмевка. – „Остави го, нека се занесува.“ - „Не продавај ми рамнодушност“, - рече Јошко со необична строгост. – „Тоа се типови што можеме да ги потценуваме јас и ти, но за кои жените немаат такво чувство.“ - „Ај да се напиеме“, - се обиде да се насмевне Моно. – „Почнуваш да дробиш празна слама.“ - „Како сакаш“, - рамнодушно се согласи Јошко. – „Само, не мораш пред мене да изигруваш натчовек во љубовта.“ - „Па добро“, - се налути Моно. – „Што ми предлагаш?“ - „Веќе ти реков“, - мирно повтори Јошко. – „Ако не сакаш тоа, дај да му пуштам во чашата малку од цигарава. Многу би сакал да видам кога тој фластер ќе почне да пеполосува како хартија на оган.“ - „Злобен си“, - се насмеа Моно. – „Таа игра сепак не би била фер.“ - „Баш си глуп“, - му се потсмевна Јошко. – „А тој е фер? Погледни го само како игра со Натка.“ Моно ја крена чашката од маса и, небаре држејќи се за неа, се сврте кон просторот за играње. Што сум глуп, си рече, баш не би морал да погледнам. Преполн од разметкани нозе, паркетот светкаше како излижан килибар: неговата жолтина минуваше во кал. Додека звуците од музиката облетуваа околу светлините на таванот како подгонети мушички, нозете на паркетот потскокнуваа да го фатат нивниот избезумен лет. Тргнувајќи од тие измешани нозе, Моно се обиде да ги пронајде: барем на Натка, си рече. Му се чинеше сосема возможно, особено по ова попладне, кога во својот кревет место сонот ја пронајде неа, додека во таа вреќа рогови ќе ги препознае оние на Натка. Но тоа не му беше толку лесно, колку и да си вообразуваше дека само со еден поглед по тие женски глуждови ќе ги открие оние, што сево ова макар и одминато попладне ги држел в раце. Мораше да го крене погледот погоре, да мине по напнатите листови, да запне по темните рабови на чорапите, да ги опипа и свиените колена, па дури тогаш да се осмели да се задржи на две раскршени нозе. По ѓаволите, си рече, сега уште ми треба да се излажам. Кога ги крена очите, за миг му стана полесно, зашто навистина успеа да ја препознае; тоа беше Натка – насмевната, со раширено здолниште, развртена на лизгавиот паркет. Големо чудо, се потсмевна, големо чудо дека ја препознав. И, наедно со тоа, поправо веднаш со тоа, ги почувствува по нозете оние две водни змии, што му го пронесоа својот гомарен студ дури до грбот. Натка беше насмевната, а Наум ѝ шепотеше нешто во косата, не оставајќи ја да се одлепи од него: се чинеше дека звуците ги држат сплетени во клуч сол. По ѓаволите, опцу во себе Моно и не посака веќе да гледа во нив. - „Ќе тргнеме ли уште по една?“, - го тргна Јошко. Моно го врати погледот на него и незабележливо се напна да изгледа спокоен. Само да не ме сожали, си рече. Јошко веќе ја држеше цигарата со насобраната пепел врз чашката од Наумче и му го демнееше со светнатите очи најмалиот намиг на согласност. - „Не“, - се насмевна Моно со рамнодушна горчина. – „Сепак ќе останам фер.“ - „Како што сакаш“, - рече Јошко и ја истресе цигарата во пепеларникот. – „Само немој да имаш илузии дека со ова добиваш нешто особено во моите очи.“ - „Знам“, - се согласи Моно. – „Но дури и да си прав, ми се чини не би сторил ништо слично.“ - „Што е тоа?“ – потпраша Јошко не без зајадливост. – „Проповед за апсолутна рамнодушност или просто капитуланство?“ - „Зошто?“, - се зачуди Моно. – „Тоа е само оставање на нештата да се развиваат по својот природен тек.“ - „Не би рекол“, - заклати со главата Јошко. – „Тоа повеќе ми личи на откажување од борба. А тоа е знак на слабост, драги мој.“ - „Тоа е друго“, - го поправи Моно. – „Тоа е само знак на одбир за борба. Дали за нешто чини да се бориш или не, односно: дали воопшто чини да го изнасилуваш природниот тек на нештата; ако тој веќе постои, се разбира.“ - „Сеедно“, - го прекина Јошко. – „Самото тоа дека се откажуваш да се бориш за нешто што го имаш, говори дека претходно си капитулирал: односно, тоа би можело да се сфати дека се откажуваш од борбата откако си увидел дека ќе ја изгубиш.“ - „Многу далеку отиде“, - помирливо се насмевна Моно. – „Колку што можам да видам, работата уште не е во таа форма. Дај подобро да се напиеме.“ - „Немам ништо против“, - се согласи Јошко и му одврати на чукањето од чашката. – „Впрочем“, - додаде по првото отпивање, - „јас само се претполагав себеси во твојата улога.“ - „Најпосле умен збор“, - се насмеа Моно. – „Најпосле умен збор од твоја страна.“ – широко се насмеа. – „Би имал ли нешто против ако порачам уште една тура?“ - „Воопшто“, - одрече Јошко. – „Јас сите тури ги пијам на твоја сметка. - „Одлично“,- се насмеа Моно и запука со прстите кон келнерот. – „Се надевам ќе ми се реваншираш кога ќе ти го објават препевот на „Коктел партијата“ од Т. С. Елиот.“ - „Ах“, - стори Јошко, - „тоа ти е: надевај се пиле на пијана жена.“ - „Зошто?“, - одвај успеа да праша Моно од ненадејниот кикот што му го засркна зборот. – „Зарем толку е безнадежна таа работа?“ - „Апсолутно безнадежна“, - климна Јошко. – „Уредникот ми препорача да почнам прво од понепретенциозни преводи, зашто сум бил неафирмиран.“ - „Па, да видиш“, - рече Моно бришејќи си ги солзите, - „не ти рекол сосема без резон. Ти би сакал одеднаш да засјаеш, а тоа е само сензационална литература.“ - „Сакаш да кажеш“, - не го дочека Јошко, - „дека е тоа оној твој природен тек на нештата? Прости, но јас не се сложувам дека патот до литературата задолжително води преку новинарството.“ - „И покрај твојата алузија“, - рече Моно сè уште насмеан, - „впрочем: мошне проѕирна, можам да ти кажам дека секое чудо се чини такво само отпосле издвоено од својот природен контекст. Што значи дека тоа во својот природен контекс може достатно да се објасни за да не го добие мистичниот привид нма исклучокот.“ - „Како таков“, - брзо го дополни Јошко и отворено се насмеа. – „Невозможен си со тој свој проклет навик сè разумски да објасниш. Мислиш ли дека е тоа некое семоќно оружје?“ - „Не“, - рече Моно и му одговори на насмевката. – „Туку само одружје што е сè помоќно. Зарем ни останува нешто друго?“ - „Добро“, - нестрпливо го прекина Јошко. – „Зошто тогаш ја бараш помошта на мојата мистика во објаснувањето на твојот сон? Зарем твојот семоќен разум не е во состојба сам да си објасни таа проста загатка?“ - „Добро што ме потсети“, - му упадна Моно. – „Само, те молам, остави ја таа официјална и конвенционална синтакса. Ми прилега на предавање.“ - „Спротивно“, - го поправи Јошко. – „Таа е само разумска. Значи?“ - „Значи“, - потфати Моно, - „дека во името на таа разумска синтакса, ако веќе сакаш, јас само побарав од два разума да погледаат на тоа мое мало чудо.“ - „Уху“, - стори Јошко. – „За тебе е веќе чудо и дека сонуваш. Можал ли да бидам информиран дали сонуваш во колор или пак само во црно-бела техника?“ - „Не шегувај се“, - го заплаши Моно. – „Нема да порачам уште една тура.“ - „Воопшто не се шегувам“, - го дочека Јошко преминувајќи преку неговото заплашување. – „Тоа е мошне важен податок дали се сонува во колор или не.“ - „Ако веќе настојуваш“, - отегна Моно во искрена недоумица, - „да ти кажам право: не знам. Мислам дека во сон немам поим за боја.“ - „Па да“, - рече Јошко со победна насмевка. – „Тоа ја потврдува мојата претпоставка.“ - „Каква претпоставка?“ - се зачуди Моно барајќи ја во недоумица својата чашка. - „Претпоставка“, - рече Јошко со кренат прст, - „дека уште не си стасан за уметничка визија. Или, ако сакаш, уште не си достатно мистичен за неа.“ - „Тоа првпат го слушам“, - рече Моно оставајќи ја чашката неотпиена. – „Што има врска тоа со уметноста?“ - „Со уметноста нема“, - се согласи Јошко. – „Но со тебе, да. Да одиме понатаму: содржината на твојот сон беа шрапнели, нели?“ - „Главно да“, - му одобри Моно. – „Но без рими.“ - „Шрапнели“, - повтори Јошко не обѕирајќи се на неговата досетка. – „Тоа е материја, мошне груба материја, рапава, боцкава, болна.“ - „Да“, - му потврди Моно скандирајќи со кимнување на секој негов збор. - „Тоа е...“, - продолжи Јошко кревајќи ги во еден миг и рацете и веѓите и погледот. – „Тебе, брате нешто ти тежи!“ - „Ох“, - стори Моно со божемно олеснување. – „Тоа бездруго, но што?“ - „Се чини“, - отегна Јошко сега веќе пребирајќи со прстите во воздухот, - „се чини дека тоа е нешто тешко. Знаеш: некој впечаток, некој потиснат спомен, некоја таква работа.“ - „Да?“, - со прашање го поттикна Моно. – „И?“ - „Веројатно си доживеал бомбардирање“, - продолжи со прашање Јошко. - „Бездруго“, - му одобри Моно. – „И тоа повеќе пати. Па?“ - „Па тоа е нешто во врска со тоа“, - му дообјасни Јошко и ја позеде својата чашка. - „Тоа и јас го знаев“, - прифати Моно и самиот поземајќи ја својата чашка. – „Тоа го знаев и јас“, - рече отпивајќи од неа. - „Па, тоа е“, - заврши Јошко кревајќи ги рамениците и чашката. – „Јас веќе не ти можам ништо: потаму останува на тебе да откопаш во себеси што ти е тоа.“ - „Фала ти“, - рече Моно со ироничен завршок на насмевката. – „Многу ти фала и сам можев тоа да го знам.“ - „Што ти можам?“, - беспомошно рече Јошко оставајќи ја на масата испразнетата чашка. – „Тука имаш грешка и ти: да сонуваше во колор, можеби повеќе ќе можев да ти кажам.“ - „Тој колор“, - прифати Моно и ја тропна својата чашка. – „Тој колор ти да го задржиш за себе и со него други да колорисуваш.“ - „Моно“, - возбудено го прекина Јошко, - „зарем можеш да се сомневаш во моите добри намери?“ - „Никогаш“, - ја прифати Моно неговата лажна возбуда. – „Само за миг се посомневав во твоите окултни познавања.“ - „Е“, - ги крена рамениците Јошко во очигледна беспомошност. – „Што се може тука кога егзактните науки ги имаат ставено во подредена положба?“ - „Тоа е навистина за жалење“, - сожаливо и потсмевно кимна Моно. – „Овој суров, овој материјалистички, овој разумски, овој наш век!“ - „Е“, - повтори Јошко сè уште не спуштајќи ги своите кревки рамена. – „Е“, - стори уше еднаш и ја заклати својата празна чашка. - „Да“, - го подвлече Моно своето патетично сочувство. – „ Но за ова гледање ти лично сепак заслужуваш награда, нели?“ - „Како што ќе рече вашата новинарска светост“, - помирливо се согласи Јошко. - „Меѓутоа“, - продолжи Моно, - „бидејќи очекував повеќе од твојата мистика, добиваш само уште една мастика. Јасно?“ - „Јасно, другар весникар“, - со циганска напевност рече Јошко не престанувајќи да си поигрува со празната чашка. – „Колку видов, толку реков: не реков лага, жими тебе.“ Моно го сврте погледот колку да го викне келнерот толку и да го избегне смевот што му го заскокотка грлото со онаа банална игра на Јошко. Меѓутоа, од тоа реско свртување погледот како да му се исчанчи, па со еден превез од болка му заталка по матниот воздух на таванот. Што ми е, си рече во чудо Моно, чувствувајќи за првпат вечерва дека по малку е пијан. Спиралните струјки на чадот сега прилегаа на усвитени жици во треперење. Чадот се вртеше како над оган. Моно отрезнувачки затрепка, но погледот му остана исчанчен и продолжи да ги гледа луѓето заплашувачки накосени. Ќе се лизнат, му мина мислата; сите ќе се лизнеме на ова превлажно тло. Тогаш од косината на клубот, што се беше накренал небаре сакаше да ги истури во ноќта, ги виде Наума и Натка како му се приближуваат во конвексно растење. - „Ај“, - се исклешти десниот образ од Наума, - „вие уште пиете!“ - „Еј“, - се исклешти левиот образ од Натка, - „кога мислиш да си одиме?“ - „Уште малку“, - одвај рече Моно гледајќи си ја раката пред очи како премалено му одмавнува и како веднаш потоа се отпушта со дланката удолу. Како потсечено крило, се обиде да се насмевне. Меѓутоа, Моно Самоников веќе јасно чувствуваше дека мошне длабоко запливал. Не можеше да каже во кој момент од оваа растргана вечер се случило тоа, зашто никако не му успеваше да се сети кога го почувствувал она отиснување од земјата, при кое се чини дека табанот станува крило. Сеедно, си рече, тоа важно сега е факт. Ги стисна прстите околу потпирачките на столот и не му се спротиви на впечатокот дека всушност се држи за рабови од разнишан чун. Мораме да пливаме, се насмевна во мислите, не мораме да живееме. Натка и Наум пак играа, околу светлините на таванот мушичките на звуците трепереа како усвитени жици, од пепеларникот на масата два заборавени опушока предеа угоре расчадени конци замисленост. Моно и Јошко седеа молчешкум еден спроти друг и одвреме-навреме отпиваа од своите чашки. Не знаејќи зошто, на Моно веќе не му се отвараше устата освен за поткаденото устиње на чашката. - „Ништо не направивме“, - се обиде да се насмевне Моно придржувајќи се за рабовите од чунот за да се исправи на неговото разлулано дно. - „Да“, - двосмислено се насмеа Јошко. – „Се чини дека не сме во форма.“ Но, кога излегоа надвор, Моно не го изгуби впечатокот дека всушност стои врз разлелеано дно од чун. Колената му беа чудно совитливи, а светлините од излозите му минуваа пред очи како весел ноќен воз. Треба да се патува, си рече не мислејќи на својот утрешен пат; треба да се патува и секаде да се остава по нешто од себеси. Светлините од улицата патуваа под неговите чекори, како да ги носеше некоја нечујна вода. - „Е па“, - рече Јошко на првиот свиок, - „нашиот пат свртува наваму. Среќен пат.“ Наум збунето се наклонуваше на обете страни, небаре на распаќе, веројатно чекајќи некој конечно да го покани на своето патување. Јошко се насмевна, им пожела уште еднаш добра ноќ и среќен пат, па го зграпчи за мишката и го повлече кон својата уличка. Додека ги слушаше нивните чекори како во расчекор се губат во тишината, Моно се смешкаше во мислите на пустите надежи од Наума и во својот сопствен несигурен чекор посегна кон мишката на Натка. Му беше сосема сеедно дали посега кон неа од чувство на свикната интимност ил од чувство на физичко придржување. Но мишката на Натка му избега од пред нос. - „Што ти е?“, - се зачуди Моно и подзастана малку. – „Да не си лута?“ Натка ништо не одговори, туку држејќи си ја мишката припиена до снагата продолжи да оди пред него. - „Навистина“, - ја настигна Моно. – „Да не си лута?“ - „Невозможен си“, - промрмори пред себе Натка. – „Цела вечер си невозможен.“ - „Не разбирам“, - се обиде да подзастане Моно. – „Не разбирам ни збор: место јас да сум лут, што цела вечер играше со оној Наум, сега ти излегуваш навредена.“ - „Па што не си навреден?“, - прсна Натка и удри со чевелот по плочникот. – „Барем да си навреден, тоа би било подобро!“ - „Мислам“, - читливо изговори Моно, - „дека немаш никаква причина да се чувствуваш навредена.“ - „А цела вечер“, - не го дочека Натка, - „а цела вечер што ја држиш таа чаша и не престануваш да дрдориш со тој твој Јошко?“ - „О!“, - стори Моно. – „Ти како да си љубоморна! Се прашувам само на што и од кога? До денес не беше таква.“ - „До денес да“, - отсечно рече Натка. – „Но од денес имам право на нешто повеќе.“ - „Фиу“, - потсвирна Моно. – „Се чини дека од денес ќе сакаш и изборот на моите другари да мине во твоја надлежност. Така?“ - „Не реков така“, - суво одговори Натка. – „Ми е криво само дека не обрнуваш внимание и ме оставаш цело време со оној тип.“ - „И тоа ти беше непријатно?“, - со лажна чуденка потпраша Моно. – „Мислев, спротивно, дека ќе те разоноди.“ - „Глупости“, - се одбрани Натка. – „Морав цело време да ги слушам неговите значајни воздишки.“ - „Добро“, - се насмевна Моно. – „Тогаш се разбравме: дај сега да се смириме.“ - „Ми мирисаш на ракија“, - намрштено рече Натка во неговата прегратка. - „Јас не сум ракија“, - читливо прошепоти Моно. – „Јас сум Моно.“ - „Сега за мене си ракија“, - рече Натка со тврдите дланки на неговите гради. – „Не љубам пијани младичи.“ - „Добро“, - суво отсече Моно. – „Тогаш дочекај ме трезен. Здраво.“ И, без да ја дочека таа прва да замине, се сврте кон темнината што му стоеше зад грбот. Додека ги правеше првите чекори во спротивната насока од мракот, со едното уво ослушнуваше да го одгатне почетокот на нејзиното заминување, а со другото го исчекуваше неизречливиот и непризнаен повик да се врати во нејзината прошка. Некој е глуп, си викаше со секој чекор; некој од нас двајцата е бездруго глуп. Некаква пареа, што се чини дека долго зовривала во него, одеднаш со испушетно шиштење му го затрупа слухот и тој почувствува дека многу нешта околу себе престанува да распознава. Некој е глуп, си повторуваше со секој чекор; некој од нас двајцата бездруго е глуп. И одеднаш со напор се стресе, небаре озгора ноќта се претвори во плискот, па со намокрен поглед ги запре чекорите пред првиот свијок и уплашено се обѕре. На местото од нивната разделба место Натка стоеше темнината. Една згустена, црна, катранска темнина. Моно го напрегна погледот со надеж дека од таа материја на темнината ќе успее да ја издвои топлата снага на Натка, но од тоа ништо не стана. Темнината не беше дури ни сенка. Како да пропаднала в земја, уплашено си рече Моно. Како воопшто да ја немало, си рече и почувствува панична желба сето ова да е бладање. ОГАН И РЕКА 1. Возот излезе од осветлениот перон и на неговите прозорци муграта веднаш го заслепи своето мораво лице. Стаклата се затресоа од растракан студ, но за муграта беше сеедно што не може да влезе внатре: макар што црвите од ламбите беа усвитено извиени, жолтите седишта од тоа не се чинеа многу потопли. Моно Самоников , со главата во кренатата јака и тупаниците во џебови, се помести поблиску до прозорецот и ја почувствува под себе водено студената штица. Како во вир, се наежи и помисли на една освежувачка голтка. Но не го мрдна јазикот, зашто претчувствуваше дека со тоа само ќе ја поврати загорената горчина, што му остана во устата од сношното пиење. Како казнет на магарешка клупа, не се осуди веќе ни да мрдне од своето стоплено седало, надевајќи се дека така ќе ги избегне студот, жедта и уморта. Земјата му патуваше во пресрет. Но, кога доаѓаше да се допрат со своите студени чела, таа се двоеше како вода на камен и тој ја гледаше како одминува покрај неговите притегнати слепоочници. Темни ораници со суви кори од студ, кренати раце на голи дрвја, жолти лакти на пусти ридови, клекнати грмушки како фрлени овчарски гунчиња. Сето тоа му одминуваше покрај стиснатите слепоочници и, макар што се чинеше наполно немо, му ги полнеше ушните школки со некаков особено измешан шум, за кого Моно беше сигурен дека може да го слушне само длабоко под вода. Ја стресна главата да се ослободи од тој подводен шум, но успеа да исплива само до рамномерното тракање на тркалата по колосекот. Заспивам, си рече; заспивам во некаква вода, а река никаде. И навистина, прозорецот до него не откриваше дека подрипнувачкиот тек на колосекот е придружен од брановитото течење на некаква вода. Заспивам и бладам, си рече. И го остави погледот да му ора по земјата, што патуваше во обратна насока од неговата, веќе длабоко засечена во неначнатиот простор. Каде патувам, му мина во главата, кога земјата иде спроти мене? Но веќе не ја стресна главата, зашто беше задоволен само од тоа дека оној подводен шум го насетува некаде ниско под нозе. Оттаму сега доаѓаше, испливано од невидливата вода, она рамномерно тракање, што го удираше со засеците на шините како сатар по пенушка. Три па едно, си викаше Моно, трипати слабо и еднаш силно. Такт за сон. Клуч сол, клуч сол од Натка и Наум, еден успивен такт, трипати па еднаш, три слаби удари и еден дотепувачки, јас, Јошко и Наум, па Натка, такт што сака да ме успие ама нема, јас не се давам, трипати слабо еднаш силно, такт што сака да ме отепа, глупости, сите се глупости, и Јошко и Наум и јас и Натка, трипати па еднаш, боже доста. Со напор, што му се стори дека го извлече надвор од себе, Моно ги одлепи клепките и во истиот момент си ја виде главата на гради. Што сум глуп, си рече и ѕирна низ прозорец: уште немаше река. Баш сум глуп, си повтори, морам да престанам со ова. Па ги остави клепките да му натежнат над очите со денската белина во своето розово ткиво. Глуп, глуп, глуп, глуп. Да престанам, си потпрети и веќе не гледаше ништо. Но тркалата под нозете не престануваа да го носат спроти земјата: каде патувам кога идам спроти земјата, три удари па засечка и една дотепувачка, не викам веќе јас Јошко и Наум па Натка, глупости, тоа нема врска, тричетвртински такт, проста работа, без клуч сол, нема клуч сол од Натка и Наум, јас сум патник без пљачка, само две три па четири, проста работа, тоа е во тркалана а не во мене, боже не пијам веќе онака, што барам јас против земјата, да патуваш глупости спроти земјата, што барам вака и ваков, дал-те ба-рам. Дал-те-ба-рам. Не реков ли доста? Кого барам, каде барам? Дал-те-ба-рам. Никого не барам, никаде не одам. Патник без пљачки. Еден сон само еден сон. Сите се глупости. Дал-те-ба-рам. Сè уште чувствувајќи ги четириве слога како му ѕунат во главата со краен напор Моно ги одвои клепките: ѕунењето се тегнеше како пијана магла пред очи, но тој постепено забележа дека земјата веќе не иде спроти него. Стаклото на прозорецот му ѕунеше пред носот. Боже глуп ли сум, си рече, тоа стакло. Па уште повеќе ги одлепи клепките и со испливаните школки од ушите слушна необична тишина околу себе. Моно изрипа од своето седало, како од вир во кој дотекла студена струја, а подот на вагонот му ги врати чекорите како освежувачки плесоци. Празниот вагон стоеше над замолчената земја како преку ноќ соѕидана куќа. Со пијаната дремка во очите, Моно одеднаш се почувствува затворен во неа и се стрча кон излезот. Река, си рече, дали имаше река? Кога ја отвори вратата од вагонот, од долу го погледна мирната земја: како никогаш да не патувала. Моно тупна на неа и му се стори дека со некакви жилки таа го живнува одвнатре. Станицата беше бездруго од другата страна на возот. Овде погледот се спушташе по една блага падинка, што својата ланска затревнатост ја завршуваше со низа кревки и суви врби; зад неа почнуваше друга пострмна падинка, што се искачуваше во доближен рид со рамномерни дамки од грмушки. Тоа е реката, си рече Моно и ја слушна локомотивата. Далеку напред, таа кусо и зарипнато писна, па ги повлече вагоните од чии тркала се одзва колебливо стенкање. Моно ги гледаше како мрзливо се ставаат во движење, размрдувајќи ги своите за’рѓани зглобови: лизгајќи се сè помазно по усвитената маша на колосекот, возот се упати кон планината, веројатно во свикнато барање на нејзиниот најдлабок превој. Тогаш пред Моно, преку другата страна на колосекот, се отвори осамената зграда на станицата. Меѓу дрвјата околу неа, како белутраци во трева, се блееја неколкуте помошни шупи. Варосани на некој Велигден, си рече Моно. Околу нив немаше никој, како да стојат испразнети уште од војната. Моно зачекори меѓу праговите да ја разбие оваа запајажинета тишина, но станицата остана мртва како слика. Чудно, си рече, овде времето како веќе да не постои. Не чувствувајќи во себе никаква потреба да го разбива тој пајажинест впечаток, Моно Самоников продолжи да чекори меѓу праговите. Не му беше важно веќе дали ја препознал или пак ја понел во погледот како нова слика. Сите мали станици си личат, си рече; не само со своите тишини, туку и со своите слики. Затоа и не се сврте да провери дали покрај станицата уште стои зелената помпа, околу која имаше четириаголник од летви, така што до неа се доаѓаше низ врата како до куќа. Што е тоа важно, си помисли, кога и така времето овде е запрено? Го запре чекорот и тогаш слушна дека всушност не е во тишина. Од последниот чекор му се одрони долг ‘рскот и Моно дури сега забележа дека гази по згура. Меѓу праговите на колосекот таа се црнееше и потсетуваше на некој пат, по кој поминал голем оган. Згура, си рече Моно без одѕив во себе и го крена погледот. Двете шини здружено одјурија кон далечината, во која се изгуби неговиот воз, светкајќи над згурата како завршни одблесоци на оган. Зошто ли слегов? Сакаше да се запраша Моно. Но тогаш, пред да го изгуби од погледот избеганиот колосек на својот воз, ја виде згурата како се одвојува од него и во црн лак се искачува кон ридот. Моно го заискачи погледот по тој црн лак и почувствува дека во ушните школки му се повраќа оној подводен шум. Ова е патот, си рече, ова е патот по кој помина огнот. 2. И јас, се дополни Моно. Сакаше да се насмевне на себеси што вака ги сочетува работите, но ‘рскотот на згурата под чекорите го одведе другаде. Згурава ‘рскоти како мразот, си рече. И веќе знаеше како беше. Моно Самоников, си рече, разгрли се и погледни во себе. За тоа треба само толку храброст колку и да се погледне во сопствената рана на дланката; но без обиоѓање и без залажување. Бел ли си, црн ли си, сив ли си; каква и ѕверка да се видиш, не памети го само она што ти годи. Ајде, Моно Самоников, стапка по стапка по згурава, назад кон себеси, само полека и храбро: зарем си заборавил како се вади завој од рана? Не замижувај, тоа е лажен начин на сеќавање. Оној што се плаши од себеси, бездруго ќе испушти навидум ситни но всушност важни работи, а ти не го сакаш тоа, нели? Што: не знаеш како да почнеш? Имаш право, не почнувај со беше, тоа конвенционално биднато и пребиднато минато ќе те одржи само по површината; но некако бездруго треба да почнеш. Да почнеме со слики, тоа не се чини толку болно, а од друга страна нема да ти ја пребрза намерата од која можеш во извесен момент и да се исплашиш. Ајде, Моно Самоников, стапка по стапка по згурава, назад кон себеси, само стрпливо и храбро: никој не ти е сведок, освен ти сегашен. Да речеме, вака: кога осамна, во прозорецот се извиши рид - жолта земја, боцкави грмушки, карпи во жабунечна мов; мирисаше на падина по дожд, но воопшто не се сеќаваше дека врнело; легнат на подот, гледаше во ридот како во облак и ги оддиплуваше со клепките залепените слики од затворениот ден: сирената, што се стушти по улицата небаре припекна луња, како ги смете луѓето – крто лисје во сува дупка визбата од куќата брои 70 (порано Обиќилев венец, тогаш 217), со диреците како во рудник, со пламенчињата на свеќите и погледите, со молитвите на склопените дланки над отворот од визбата, во парчето небо како во испотено стакло, оретчената крошна од кајсијата отсутно џрџореше во врапчја врева само ќе поминат, викаше сопственикот на визбата со капки пот на мустаќите, само ќе поминат, им викаше на жените и прстите му поигруваа кога палеше опушок од опушок, додека испотеното стакло на парчето небо сè посилно ѕунеше потоа затрештеа тупаници по темето, свеќите на погледите се изгасија меѓу диреците, таванот почна да одронува студени белутраци и испотено стакло се скрши со утрински ѕвон крошната од кајсијата се затресе и се соблече од врапчјата врева, како што божиќната елка се соблекува од станиолски ѕвонци настана тишина, како празнина на почеток, а кога излеговте од под земја си заприлегавте на бубачки, преку чиј мравјалник некое ‘рскотно стапало поминало со сенката на невремето истиот ден, со исчаденото стакло на скршеното небо, обиоѓајќи ги раните на дупките, се извлековте од урнатините на мравјалникот старите тоа го нарекоа евакуација, а всушност беше подведено бегање, со бовчи под мишките и страв на плешките, кон полето што ја постилаше пред вас својата зиморлива опустеност само подалеку од бомбите, викаа жените и косите им беа бушави како на поулавени градот е пекол, се согласуваа мажите и се обѕираа назад, каде што чадот од залезот беше навистина оган ура, викавте децата и трчавте да ја стасате неизвесноста а кога дојдовте до крајот на денот и на полето, ве пречека самрачното подножје на планината и на ноќта – земјата ви остануваше во чекорите, кучешките лелеци ве прибираа во крдав уплав не можевте да се препознаете во очите и како ноќни пеперуги се залепивте за првиот намиг на светлината, па со газјената светилка исполегнавте на подот, додека штиците чкрботеа под вас како суви коски, а низ процепите долу се слушаше потното дишење на добитокот, кој ја мешаше пареата од својата умора со молитвеното шушкање на мајките, што си ги расчешлуваа косите за да ги одмрсат патиштата на блиските. На прозорецот тогаш имаше ѕид од ноќ, а кога еве осамна тој ѕид се покажа рид. А пак ѕид, се помири ти. Ѕидовите на градот што се уриваа небаре мукавени те преследуваа и овде. Го сврте погледот кон аголот, каде што сношти мирисаше светлината: таа сега ти заприлега на бубачка од светулка – исцрнета, несветлечка, грда. Се обѕре наоколу со уплав на напуштеност – мајките ги немаше, само ѕунот од нивната разбудена врева допираше тука како низ исчадено стакло. На постелите од подот спиеја уште децата – ти и Наде; покривачот на Јоне беше згрчено испразнет. Наде лежеше на грб, а врз перницата ѝ беа размрсени костенливите прцли. Лицето ѝ беше мирно, чисто, топло, само на образите имаше одвај вцрвени дамки. Отсекогаш сакаше да гледаш во тоа лице, а особено во светлечките и зеленикави очи, во кои ти се чинеше дека ја наоѓаш дивината и скришноста на реката. Што на крајот ти го враќа само твојот лик. Но бидејќи тие сега беа затворено со густите крилца на клепките (боже, колку биле густи), ти го спушти погледот. Тогаш потсветна од изненада: ќебето беше поткренато од свиените колена и од под него се гледаше голата нога на Наде. Ти се префрли на мев и ја подаде главата напред. Задржувајќи го здивот, почна внимателно да одиш со очите сè понагоре по ногата и полека почувствува дека на образите ти се јавуваат истите оние дамки врелина, што ги имаше и Наде во својот сон. И од поодамна те интересираше (дали не уште од оние поаприлски денови, кога од покриената скривница кај Мала станица, низ отворите за вентилација, ги демневте во денскиот процеп на разбудената љубопитност скришните голини под озрачените фустани на девојчињата, што ги намамувавте врз зеленото ритче од скривницата кога немаше авиони?) што има тоа Наде нагоре по нозете, па сега се осмели и да го поткренеш покривачот, но така што таа ништо да не насети. Кога сосема ја одголи едната нога, во собата навлезе некаква чудна сончевина, како црвеникава дрезгавина во зажарени очи. И ти се подуплаши; но откако сфати дека никој не ја отворил вратата, смелоста ти се поврати, иако здивот – не, па дури и ја пикна главата речиси под нејзиното колено. Од утринската сончевина, под реткото ткаење на ќебето, сосем убаво можеше да ги разгледуваш златестите влакненца, што ја покриваа ногата на Наде од коленото нагоре. Тоа те зачуди зашто никогаш досега не беше забележал дека тие кај неа одблиску се толку златести и толку чести. Речиси израдуван од ова откритие, ти појде потаму со погледот и почувствува дека сончевината таму потешко продира. Меѓутоа, бидејќи ногавицата ѝ беше широка (кутрата Наде, секогаш носеше облека од постарата сестра, онаа што имаше црна престилка и бела јака на матурантка), во коренот од нозете виде само дамка мрак меѓу нив и во првиот миг имаше само чувство на некаква подзасилена топлина. Тоа ли е она, си рече и помисли дека всушност не е ништо особено, освен што потсетува на некакво мало, непознато, топло, рунтаво животинче. Но ногавицата сепак како да сокриваше уште нешто. Со подадени два прста, како со усте, ти го фати работ на ногавицата и се обиде да го поместиш, за уште повеќе да ја раздениш дамката мрак; но во тој момент Наде се помрдна и ти, приземјен кон постелата, бргу се повлече кон својата перница. Наде, меѓутоа, не се разбуди; таа воопшто тешко се будеше наутро. Само се сврте настрана и ги спушти на земја свиените колена, па сета топла глетка под онаа чудна утринска светлина остана затемнета под покривачот. Сè уште топол во лицето, ти го гледаше нејзиниот сон, како што се гледа река за чии води не си свесен дека без запир протечуваат, па долго се двоумеше дали да го повториш својот обид; но, и кога се реши не можеше да видиш ништо повеќе од она, што пред малку толку убаво, толку одблиску и толку кусо го виде. Онаа сончевина, што зрачеше небаре од самите предмети, со една речиси видлива топлина, повеќе ја немаше никаде наоколу, освен можеби во твоите возбудени очи. И тоа остана да те копка, како што ти остана чудно дека за сето тоа време не стаса да почувствуваш ништо блиско на срам. 3. Всушност, си рече Моно, се чини дека срамот се вади кога се иде до крајот на нештата. Врвицата на згурата го беше искачила по ридот, па под него станицата покрај пругата прилегаше на кревка играчка, која еј сега некој ќе ја крене од излитениот килим, за да им направи место на сериозните стапалки од секидневните грижи. Лево од него, позаобленоста на речиси искачениот рид, се гледаше долу врвицата на реката, задскриена од наведнатите врби. А отаде реката, чиј гргор уште не се слушаше, како речни камења меѓу раширени прсти, од просторот на одвај насетеното поле почнаа да се издвојуваат првите куќи на селото. Сè е истото, се намршти Моно, чудејќи се дека можел да очекува поинаку. Па дури и јас, се обиде да се насмевне. Зашто, додека навлегуваше полека во овој познат простор, почна да чувствува дека неосетно се враќа кон себеси некогашен. Чудно, си рече, како да одам назачки. Но продолжи да оди напред и нагоре по згурата, поземајќи го ‘рскотот под чекорите како нишка по која слепечки го бара заборавеното: Она остана да те копка, а кога излезе надвор, тој ден што те осамна вон од дома, сончевината ти ги засени очите до подетинувачка сепнатост. Небото беше неначнат вир со пајажинеста скрама од мраз и синевина; ништо на него не потсетуваше на писок, ноќ или облак. Ридовите околу беа спалено жолти и се собираа над тебе како безмирисни дланки, во чиј грст беше подобро одошто под покрив. Необлечените крошни од дрвјата шумолеа во врапчја врева, под нив како лисје шушкаа брановите од реката што ти беше непозната, а по осончаните падини наоколу, полека како соѕвездија, се движеа белите карпи како изгорен карбид. Ти зачекори во тоа утро и до страв јасно слушна дека нешто се крши под тебе. Тоа беше само вирче, чиј утрински мраз пукаше под твојот чекор, уште топол од сонот и ненадејноста; но ти забележа дека мразот се крши под тебе безповратно на парчиња, суво како стакло, и дека вирчето одоздола нема повеќе никаква влага што да ја обнови неговата кревка и проѕирна заштита од зимата, небото и луѓето горе. Со тоа утро (се сеќаваш ли?) почнаа твоите последни игри, по кои требаше да си кажеш дека веќе не треба да ти биде тоа: вресливите спуштања по смрзнатите врвици, со лизгалките што сами си ги правевте, усвитувајќи ги во огништата дебелите жици што уште размекнати и вцрвени ги виткавте околу окупациските чевли од дрвени пенчиња еднооките меркања на птиците меѓу лисјето, со жилата што се тегнеше од палецот до брадата, во оние дна од деновите кога пладневната замреност ќе се дуплираше со далечниот и тап ѕвон на скршено стакло или ќерамида, по кое следуваше она босоного бегање, што го стивнуваше здивот дури во шумата на отадниот рид чудните глетки низ дурбинот што го најдовте на Црвена карпа и го криевте под неа, од чистинката на ридот спроти реката, кога во тесниот прстен на оглувената наближеност се редевте да гледате како Нане, матурант и скоевец, на отадната падина, меѓу грмушките и камењата, со едната рака го мириса цветот во косата на ќерката од меанџијата, а со другаата ѝ го поткрева фустанот до бело блеснување на двете мирни риби ноќите кога го спуштавте сертмето, со вампирски плесок во пустата вода, и гурелавите осамнувања кога го вадевте на брегот од врбаците, со жабунечни гранки на јадиците, меѓу кои напати омрлушено ќе блеснеше некоја запесочена мренка беснежните денови на последната земјосана зима, оние сиви денови со вкочанети бразди по ридските врвици, кога со секирчињата на слабините и јажиња на појасот, со здоговорени свирки за „падар“ или „собир“, се размравувавте по угорниците, ги нуркавте муцките во грмушките, ги потегавте острилата на секирчињата, па сето крто лисје од црвената шума се тресеше како гранка под стапало, а ридовите одѕиваа како под удари на пиралки, сè додека мракот, падарот или здодевноста не ве подгонеше да се заслизгате попадините удолу, со товарите прачки на грб, поголеми од вас – како на мравки и онаа дожделива пролет, со калната река до покривот на воденицата, кога ја заврзавте меѓу стеблата новата игра на „горни“ и „долни“, појавена од некаде и одненадеж, и кога падарот одеднаш ве подгони поради тоа, без барем да ви намекне зошто е лут повеќе од оние ретки мигови, кога ќе му се здадеше да издемне некој со кундакот додека му ги оретчуваше гранките на шумата, која всушност беше на секирчињата. Тоа беа твоите последни игри, таа цела година меѓу бегањето од градот и останувањето под ридот, што во првото осамнување тука ти се стори ѕид. Последни игри и први неигри, кога првпат запамети дека преминот меѓу нив е толку незабележлив колку и страшен, кога последен пат почувствува дека небото се крши како мраз. Зашто, истата таа утрина, кога скрежната превлака на вирчето се здроби под твоето уште сонливо стапало, истата таа утрина со онаа чудна сончевина што остана во собата на будењето, ти го направи истиот тој мраз. Се сеќаваш ли: ти дадоа две ведра да нацрпеш вода во дворот. Врвицата кон бунарот се спушташе како уплавот под сирените во градот; а кога ти, со здрвените прсти ги спушти ведрата пред подвикнувањата на мајките и веднаш се сврти да избегаш од нивната секогаш панична врева, па настапна на таа удолна врвица – под табаните, раскокоткани од нови патишта, го почувствува истиот оној кревок ‘рскот, што го слушна со сиот себеси возбуден кога излезе од собата со чудната сончевина на погледот. Беше премногу топол за да претпоставиш дека надвор те чека мраз. И по третпат таа утрина остана изненаден: плискотите од ведрата, како отпаднати крилја, паѓале на земја во твоето тетераво носење нагоре и, се чини, во истиот миг пластовите вода се смрзнувале зад тебе. Под нозете пак имаше мраз и по него се слизна твоите последните игри, за кои требаше да знаеш дека веќе не треба да ти бидат тоа. А потоа одеднаш беше пролет и земјата небаре фати да дише: топлиот здив од под нозете израсна во меко зеленило, гргорот на реката се избистри, по белутраците на брегот, како дамки ненавестен дожд, излазија бубачките од подземјето на зимата. Меанџијата ги изнесе масите надвор и до долго во ведрите приквечерини леткаа ветрушките над јаворот, мирувајќи со опнатите крилја како детски летала на конец. Но ти повеќе не креваше летала и мислеше на тоа зашто Наде ги респлела прцлите. Ти беше несфатливо: зошто таа, твоја врсничка, ги румени образите како во охој сон со чудната сончевина врз златестите влакненца од нејзината разголена нога, зошто ги румени кога се сретнува со Јоне, оној твој братучед, што никако не можеше да не гледа на тебе со накренат поглед, како сè уште да си мал? Ти беше несфатливо и им се лутеше на двајцата; нејзе – зашто не ти се повтори првата утрина со онаа сончевина во собата на будењето и зашто во очите не ѝ одгатна дека е свесна оти знаеш толку блиски и толку возбудливи подробности за неа; нему – зашто сè уште не ти дозволуваше да му се доближиш и зашто секогашсе издвојуваше од тебе, кога и да се зазборуваше за нешто што не е игра, како разликата меѓу вас да не беше само двеипол години и како и самиот тој да не носеше куси панталони со закрпени окалки одзади. Им се лутеше, иако можеше да помислиш дека тие можеби не знаат за тоа. И тоа уште повеќе те лутеше, зашто всушност не им можеше ништо: во ведрите приквечерини, кога ветрушките мируваа над јаворот, тие играа на бетонската плоча пред меаната и се држеа со рацете сосема веќе недетски. Стариот грамофон, со рачка за навивање и инка како лопув, ги стружеше плочите со колско вртење, токму онака како што и тие ја стружеа бетонската плоча во почетничко вртење. Ти не можеше да поверуваш дека тоа може да биде убаво, но никако не ти беше пријатно да ги гледаш онака фатени: тој – како со истиот оној накренат и искосен поглед ја држи за половината и се смешка на другите наоколу, како да сака со надмоќна насмевка да им каже колкава риба фатил во подводните карпи под мостот; и таа – како со расплетена прцла врз вцрвениот образ се врти во неговиот стисок и избегнува да го запре својот врел поглед наоколу, како да се вживува во своето срамење и како од него да прави уште една убавина во себе. Се сеќаваш ли како не можеше да ги издржиш тоа? Всушност, уште не знаејќи, ти беше љубоморен и веќе ја испитуваше мачноста на тоа чувство. Непоимно ти беше да замислиш дека и некој друг освен тебе може да ги знае оние златести влакненца на Наде врз нежната наеженост од нејзината топла нога; несфатливо ти беше да помислиш дека до накренатиот и искосен поглед на Јоне може да се доближи некој друг освен ти. И, да не ги сакаше секој поодделно, ќе ги замразеше вака здружени, зашто тоа значеше дека во нивниот стисок е исклучен секој трет, па и ти. Но, заробен од своите присакувања да им станеш рамен, ти беше само несреќен; првите брчки на челото, оние куси две што ќе ги разделат очите кај коренот на носот во постојано и напнато двојство за животот потаму и кои водат тајно потекло од намрштената збрчканост на новороденчето што ја догледува суровата виделина без свое одбрано сакање, можеби тие токму тогаш и ти се појавија. Самостојно откажан од игрите на леталото и принудно откажан од игрите под лопувот, ти се повлече во инката од долгот на воденицата и го однесе таму со себе дивното изганство на Монте Кристо. Доближените сенки од леските шумеа во бујната влага, каменистите ридови озгора настапуваа на тишината со јачливите стапки на одронетите камења, клокотот на потокот се плетеше со оросените врвици на змиите, синевината на небото се спушташе врз тебе со клунестиот крик на јастребите. А ти сонуваше дека некогаш, на ова зајдисонце, ќе се вратиш на бетонската плоча со истрадана, онлагородена и непрепознавачка душа и дека во една единствена прегратка, што долго ќе го заслужува својот неодврзлив стисок, ќе ги расплетеш сите недоразбирања на своите и туѓите чувства. Сонуваше над тврдото прелистување од неподврзаните страници и беше несреќен од потопската сенка на зајдисонцето, што ти го одземаше од раце лопувот препознаена судбина, токму онака како што беше несреќен кога се враќаше на бетонската плоча со неразврзани недоразбирања помеѓу себеси и оние што ги сакаше. Не вели дека и ова не беше една од твоите последни игри; иако најстрашната беше сè уште далеку. 4. Се чини, горчливо се насмевна Моно, дека никако не можам да го избегнам она што беше. Беше, беше, беше; постојано беше, неизбежно беше. Како сето минато, што прострујало низ човека, да не оставило ни жилка трага во него сегашен. Што не е точно, си рече, зашто тогаш амнезијата не би била болест и реката на секој свијок би требала да заборава на името од своите води. Реката, се потсети, морам да слезам на реката. Но, беше веќе толку искачен, што сега речиси без напор одеше по легнатиот срт на ридот. Длабоко под него, сега веќе откриена од врбаците крај брегот, се гледаше реката како ги валка преку камењата своите бранови вода. Всушност, си рече Моно, ако се земе како конвенција, што условно нè заштитува од минатото без наполно да го одречува во нас, она беше и не е толку за осуда; тоа само нè разграничува од некогашните, подавајќи ни нишка можност да се надраснеме како сегашни. Меѓутоа, пак горчливо се насмевна, кој е залогот дека грешките не ќе ги повториме или дека веќе не ги повторуваме? Кој бега од себеси, ако друг – макар и во него – не го подгони? Само реката се гони, од изворот до утоката без престан се гони, успевајќи да избега од себеси дури кога ќе ѝ замрат дамарите од бранови. Но тоа е смрт, си рече Моно. Оној миг на изедначување со ништото, што ќе го забележат само оние на кои таа не се однесува. Така е и со бреговите: тие гледаат еден во друг, шумејќи со своите врбаци и мамејќи се дека со тоа го допираат шумот на реката, но во еден миг тој крвоток на водата скипнува и тие веќе не можат да ги смешаат шепотите на своите врбаци. Бреговите тогаш остануваат неми и продолжуваат да се гледаат со непрепознавачка отсутност. Така беше и со вас, се сети Моно. Макар што бевте на еден брег од реката, вие се гледавте како да стоевте на два спротивни брега. Тоа е она беше, си рече, тоа: имаше шум на река што ги заглушува довикувањата меѓу двата брега. Можеби тоа беше времето: времето во вас, времето меѓу вас, времето надвор од нас. Макар што беше постар од тебе само двеипол години и макар што и тој носеше сè уште куси панталони, со својот накренат и искосен поглед Јоне те држеше до рамо и не те оставаше да му се доближиш; тоа те навредуваше и ти се заколнуваше дека никогаш веќе за ништо нема да го послушаш. Но, штом тој со своите другари (како оној Нане што го гледавте низ дурбин) ќе го земеа грамофонот и ќе одмаглеа по реката угоре, ти и врсниците ќе им ја надушкавте трагата и ќе ги подгоневте како счипчени пци. Затскриени зад грмушките, ги гледавте како го навиваат грамофонот, како заигруваат по тревата, па токму кога ќе ви се стореше дека сте ги надмудриле, Јоне или Нане или некој друг ќе ве откриеше во грмушката и ќе ви кажеше да надгледувате да не дојде некој. И вие, поласкани дека ви довериле да бидете стража, зашто знаевте дека тоа стража, ќе ги свртевте грбовите кон грамофонт и ќе се втренчевте во далечината кон селото, но со начулените уши ќе слушневте одзади дека грамофонот веќе не кричи и дека место него, низ шумот од реката, допираат некакви големи зборови, за кои дури ни од учебниците не знаевте дека ги има. Но тие грешеа кога мислеа дека не знаете ништо. Знаеше ти за многу работи, но кога и да заустеше во лутина кон Јоне да тропнеш нешто од она што го знаеше, во последен миг ти го притегаше грлото некое ненадејно чувство дека сепак другите не ти се поблиски од него. А можеше и сакаше да му го кажеш, токму тоа и токму нему. Но кога? Јоне секогаш беше со некој од своите другари, а кога беше со тебе како да не умееше да зборува онака како што зборуваше со нив. Знаеше, а никогаш не стаса да му кажеш оти знаеш. Знаеше и за онаа приквечерина, кога божем шетавте низ врбаците крај реката. Бевте ти, Јоне и Нане, кога ви се придружи еден студент, таков се рече, што беше дошол на гости кај него во селото. Јоне те поведе на таа прошетка и ти се израдува, мислејќи дека веќе му дорастуваш. Потоа, божем случајно, го сретнавте таткото на Милка, стоеше на брегот од реката и фрлаше јадици во брзакот, макар што сите знаевте дека не беше особено чест рибар. И тогаш студентот се оддели од вас, па без поздрав му пријде на божемниот рибар, како веќе да го познавал од порано. А вие се распоредивте во врбакот околу нив и сепак не бевте толку далеку за да не чуете ништо од она што го зборуваа тие. Знаеше ти дека и тоа е стража; го знаеше тоа, макар што Јоне не ти кажа на ништо да вниваваш. Само те стишуваше да не удираш премногу силно со стапот по грмушките, од што оние околу рибите, што уште ги немаа фатено и којзнае дали ќе ги фатеа или воопшто мислеа да ги фатат, можеа да бидат спречувани во својот разговор, па со тоа да бидат и принудени погласно да зборуваат. Но тие и така веќе достатно гласно зборуваа: достатно гласно за да разбереш нешто и ти и за да се разбере од тоа дека веќе и се караат. Студентот му зборуваше на таткото од Милка дека крајно време тој веќе да „излезе“, а таткото на Милка му одвраќаше дека всушност е „рано“ и дека „нема смисла“ силите да се трошат залудно и дека тие, „силите“ треба да се чуваат за „вистинскиот момент“, додека студентот го прекинуваше и го враќаше на своето кусо дека е крајно време да се „излезе“. А реката шумеше под нивните нозе, и јадицата веројатно се плеткаше во водните треви, а ти веќе немаше што да косиш со стапот, зашто сите млади грмушки околу тебе лежеа омрлушени на тревата. Па кога излеговте од врбакот, небаре прошетката ви завршила со стемнетата приквечерина, како ништо да не било, како и што беше се разделивте пак на истите групи и ти се врати дома, влечејќи го стапот меѓу Нане и Јоне, на кои устите како да им беа врзани со слепи јазли. Тие мислеа дека ти не одбираш ништо од тоа, но ти веќе знаеше и за тоа и за многу други работи, за кои исто како нив умееше да ја држиш устата врзана во слеп јазол. Знаеше и те копкаше да зборнеш; но, онака како што тие те сметаа тебе недостоен за своите тајни, така и ти своите врсници, оние со кои само последните игри те сврзуваа, ги сметаше за недостојни за твоите и нивните тајни. И така реката шумеше меѓу вас и довикувањата меѓу двата брега пропаѓаа во брановите недослушнати. А знаеше и за онаа ноќ, кога партизаните првпат слегоа во селото; поправо, знаеше за тоа уште пред да се случи, уште пред некој од твоите врсници и да присонил дека вашата игра на „горни“ и „долни“ ќе слезе навистина од планината и ќе се разврзе од големите околу јаворот пред меаната. Знаеше дека мајките, до доцна во ноќта крај карбитните ламби, што ги имаа куќите од кои по некој работеше во рудникот, плетат фанели, чорапи и ракавици, и знаеше дека тие не се за вас, туку за некои што допрва ќе дојдат, некои што се очекуваа секоја ноќ и кои постојано го одлагаа своето доаѓање, небаре знаеја дека во секое време ќе бидат пречекани со еднаква блискост. Ти знаеше кои се тие и ги очекуваше како најсилен гргор на реката, по кој ќе ја начекаш тишината, онаа куса, длабока и неслушната тишина, во која се надеваше довикувањата од двата брега да се допрат во мигоновено дослушнување. А узна по тоа што Јоне, дотрчан од некаде и нескриено возбуден, те испрати трчаница да им кажеш дома и на ушите некои соседни куќи да ги навалат фурните и да месат леб колку за една војска, токму „колку за една војска“; и ти веќе знаеше во што е работата. А беше веќе приквечерина и луѓето уште беа возбудени од бомбардирањето на бетонскиот мост, кога на пладне два непознати авиона се појавија одеднаш над селото, свртија неколку пати над стаписаните луѓе, што се распрашуваа меѓу себе чии можат да бидат, па се спуштија како јастреби со подвиени крилја и го преполовија мостот на куршум далечина од селото. Луѓето уште беа возбудени од тоа, а веќе нова возбуда ги накостреши со самракот. Тоа беше приквечерината. А уште пред сосема да се стемни и пред ветрушките во јаворот конечено да се смират, до меаната дојаваа тројца на коњи; беше веќе толку темно што не можеше да се различи во мракот какви униформи носат, но ти веќе знаеше кои се и се стрча кон нив, не чекајќи ги постарите да им се доближат пред тебе. Тие сјаваа од коњите и почнаа да бараат некого, Нанета или Јонета или некој трет, а овие веќе беа околу нив и ти трчаше да не ти избегаат како неверни сеништа, па ги пипаше за ракавите и полите и мислеше дека никогаш досега не си фатил таква материја од униформа. Луѓето се збираа по темнината под јаворот, надоаѓаа како темните води на реката, неповикани и возбудени, прво шепотливи а потоа гласни и најпосле развикани, надоаѓаа како води и на чистинката под јаворот имаше безброј матици, што се нуркаа една во друга како разиграни риби, и секој во темнината сакаше да препознае некој свој меѓу оние што беа дојдени први. И така не забележа кога дојде целата бригада, една темна маса што зазбива на пот и топлина, една темна маса што заѕвечи со оружје и песни, па заспаните ветрушки закрикаа во круната на јаворот и одлетаа во невреме од своите препани легала. Тоа ти прилегаше на некој чуден празник, на некој празник што постарите со весела умисла го сокривале од децата сè до последен миг. Па се нуркаше и ти како разиграна риба меѓу матиците од луѓето, се нуркаше и ги пипаше униформите, пушките и коњите, и ги кокореше очите да ги видиш во темнината оние црвени ѕвезди, за кои веќе знаеше дека треба да ги бараш по челата на партизаните. И тогаш од некаде донесоа неколку карбитни ламби, па ги испливаа разбранетите пламенчиња меѓу луѓето и ги собраа под јаворот, а вревата одеднаш почна да секнува и над светлината од ламбите се исправи еден маж со крената рака, па почна да зборува среде прибиените луѓе, од кои не се распознаваше кои се во униформа а кои не, додека сенката од неговата размавтана тупаница удираше по ѕидот од меаната како да го урива. Човекот зборуваше големи зборови, за кои дури и од учебниците не знаевте дека ги има, а под неговите зборови далечно гргореше реката меѓу своите врбаци, додека по некое копито ќе се одзвеше под испотените коње и некој кундак со ѕвонлива издишка ќе се потпреше на камен, и сите дишеа во топлата темнина, воспоставувајќи жилки од здивови меѓу својата нема возбуда и големите зборови од човекот. И тогаш, кога човекот престана да го урива ѕидот од меаната со зголемената сенка од својата размавтана тупаница, а отпуштената врева од луѓето нарасна во песна и брановите од таа првпат слушната песна ги разведоа карбитните ламби по куќите и наоколу, ти почувствува дека некој те граба за рака. Мислеше дека тоа е некој, на кој ќе му кажеш дека си знаел за ова уште пред ветрушките да се смират во јаворот, но тоа беше мајка ти; таа цврсто те држеше за рака и ти с’скаше да се прибереш дома. А ти се противеше и викаше дека уште никој не си оди, но тоа веќе беше лага, зашто чистинката под јаворот почна да се празни и ветрушките веќе се враќаа во своите истудени легала, но ти беше навреден од тоа што мајка ти така понижувачки те држеше за рака, навреден можеби исто толку колку што беше навреден од Јоне и Наде заедно, но не можеше да постигнеш ништо повеќе освен да ветиш дека ќе си појдеш дома и без таа да те држи за рака како згрешен. И така се прибра, ти напред а назад мајка ти, и така се склопи таа ноќ, кога по најсилниот гргор на реката не ја дочека онаа неслушната тишина, во која се надеваше довикувањата од двата брега да се допрат до конечно дослушнување. 5. Моно Самоников, си рече со замисла од насмешка, да не би да подлажуваш? Чувствувајќи на сртов неочекуван ветар, тој се зграпчи под гуша и ја фати во тупаница разгрлената јака. И навистина, од оваа височина, од извишеноста на сртов и од изминатоста на годините, реката долу се чинеше само еден конец; тој се спротивеше меѓу врбаците како низ густо питомо ткаење и светнуваше меѓу зеленилото како испливан мев од риба. Неговите брегови одовде беа толку доближени, што се чинеше дека никаков речен гргор не може да ги задуши довикувањата од нивните спротивни страни. Па сепак, си рече Моно помирено, ова е сега и одовде. А тоа беше тогаш и долу: реката како секогаш да беше надојдена и камењата од нивните праќи одвај го префрлаа нејзиниот гргор пред да паднат меѓу другите белутраци од спротивниот брег. Нештата се зголемуваат, си рече без умисла да се правда, кога се гледаат оздола. А кога ќе се погледаат озгора или од извесна далечина како сега, си ја дополни мислата загледан сè уште во врвицата на реката, многу од тие нешта веројатно нема да се согледаат. Што сум заборавил, што сум испуштил? Моно ја спушти јаката да му ги разгрли градите и ги начули ушите да го дослушне гргорот на реката, што се извиваше долу меѓу врбаците како настапнат пат. Да, си рече, да не испуштам нешто, нешто поважно пред она најважното. Уште итата ноќ, се сети, уште истата ноќ. Па зачекори по згурата, отпуштајќи се таа да го изведе на правиот пат од сеќавањето, зашто згурата беше патот по кој помина огнот. Уште истата ноќ ти веќе знаеше дека за довикувањата од двата брега на реката повеќе нема да има толку погодно време да се допрат тие над гргорот од брановите во мигновено дослушнување. Зашто, уште пред да се вовлечеш по покривачот, сè уште навреден сега и од мајка ти, по покривот затропа неочекуван дожд и во ноќната тишина, што остана лице в лице со тебе уште незаспан, гргорот на брановите нарасна речиси до покривот од куќата и ти веќе знаеше дека реката надошла. Утре воденицата ќе биде поплавена до покривот, си рече и веќе не се надеваше на ништо. И така заспа, сонувајќи некое кутре како глушец, што со брановите до уши се мачеше да исплива на другиот брег и кое во тој попуст напор плачно цимолеше дека нема да им се придружи на оние оттаму што само немо го храбреа да издржи. А кога се разбуди, мокар од пот како од некое долго пливање, мачката ти го гребеше покривачот и цимолеше во празната соба, додека од прозорецот, далеку како од спротивен брег, те гледаше ридот во кој се одбиваше гргорот на реката како од карпа среде бранови. Беше само размугрено а ти срипа од постелата, мислејќи дека веќе некаде си задоцнил. И навистина, беше веќе задоцнил: во претсобјето, во оној затворен трем до кој без врата се доаѓаше со искачување на скалилата и на чии сите три ѕида зјаеја вратите кон собите на евакуираните како во некое запустено преноќиште, во тоа претсобје околу масата насреде и околу карбитната ламба врз таа маса мајките веќе седеа со прекрстени раце во скутовите и гледаа во пламенот на ламбата како во пламен од кандило. Нивните погледни беа фатени од пламенот и во нивните очи светкаа солзи, како на масата да беше спростран мртовец, со кој тие веќе се беа простиле и над кој ја пробдеале последната ноќ. Не сфаќајќи ја вкочанетоста на таа слика, ти промрмори дека ти се оди понадвор и заслегува по крцкавите скалила; а кога излезе во двор и настапна врз наросената земја, по која веќе се фаќаше сивилото на осамнувањето, во еден миг ти светна зошто мајките горе со навлажнети погледи и прекрстени раце седат неподвижни и молбени околу пламен на кандило; лево од тебе, под длабоката стреа од куќата, врз зарудената белина од муграта Јоне и Наде се држеа за раце. Веднаш ги позна, поправо веднаш ти беше јасно дека се тие, зашто други не можеа ни да бидат. Се држеа со обете раце и со ниеден друг дел од телата не се допираа, како да беа наместени за снимање на две споени а невини силуети во контралихт; само на грбот од Јоне силуетата му ја нагрубуваше една додатна испупченост од товар, за која само можеше да се помисли дека е раница. Засркнат од оваа слика, ти го запре здивот и остана на прагот, претчувствувајќи дека немаш никакво право да стапнеш на едно вирче, врз кое мрешкањето на водата штотуку се нафаќаше со нежна скрама од трошен мраз. А сепак, колку тоа чувство, чекорот ти го запре и простата и одеднаш разбудена љубопитност да чуеш што ќе се случи потаму. Ако веќе јавно не ти беше возможно да бидеш меѓу нив, тоа сакаше сега тајно да го сториш; ако веќе дење не ти беше дадено да ги видиш вака доближени и сами, тоа посака да го имаш уште ноќва, зашто сè уште беше темно за да поверуваш дека е толку ноќ, што да ти е даден најпосле и тој миг. Но, колку и да се напинаше да наслушкуваш, не можеше да дослушнеш ништо од нивниот шепот, за кој дури можеше да помислиш дека само ти се прислушнал; исто онака како што ништо не можеше да видиш освен дека се држат за раце, колку и да го напрегаше видот во таа матна вододелница на ноќта и на денот. Ти се чинеше всушност дека тоа се две вистински силуети, исечени од некој албум и залепени врз сивоста на осамнувањето, две одненадеж запрени силуети како две неми сеништа, што разденувањето само од себе ќе ги избрише од погледот, како што ги брише извиените црви од усвитената ламба. Но тоа чекање ти се стори толку долго, што во еден миг си помисли дека разденувањето одеднаш ќе те открие пред нив како најнеочекуван предавник. Студот веќе се качуваше по босите нозе, ти лазеше по наежените раменици и ти ги вкочануваше стегнатите вилици, но ти сè уште стоеше на прагот со запрен здив и ги напрегаше сите сетила да разбереш нешто од нивниот повремен шепот. Но тоа ти беше попусто, повторно и постојано попусто, и ти веќе, од тоа смрзнувачко стоење со боси табани на прагот од денот, не знаеше што чувствуваш за нив и дали воопшто сè уште чувствуваш нешто против нив, онака фатени за рацете како две наместени силуети во контралихт. Тогаш над плетот, далеку напред пред дворот, забележа дека се доближува трета силуета: таа носеше нешто на грб и тракаше во одењето по прачките од плетот, а кога наближи до портата го свирна знакот од Нане и Јоне, па застана и тивко викна. Ти се повлече повнатре од прагот и сакаше да поверуваш дека никој не ќе му се оѕве, зашто тоа ќе значеше дека двете силуети што се држеа за раце не се само силуети; но, уште на првото викање, Јоне од под стреата се оѕва и ти сосема јасно слушна како тие почнаа со гласен шепот да се довикуваат преку темнината на дворот. - „Јоне“, - викаше Нане, - „ајде. Готов ли си?“ - „Еве“, - викаше Јоне, - „веднаш доаѓам.“ - „Ајде“, - викаше Нане. – „Веќе нè чекаат.“ - „Еве“, - викаше Јоне, - „само за миг.“ - „Трите заминува“, - викаше Нане. – „Велат успешно ја завршиле акцијата: сите затвореници се ослободени.“ - „Еве“, - викаше Јоне, - „уште нешто да ѝ кажам на Наде.“ - „Поздрави ја и од мене“, - викаше Нане. – „Бригадата веќе замина, само оние другари нè чекаат.“ - „Еве“, - викаше Јоне. – „Се собраа ли сите?“ - „Побрзај“, - викаше Нане. – „Оној Перо, кучкин син, никаде го нема. Му бев и дома, ненадејно се вратил в град. Пес! Ќе побрзаш ли?“ - „Еве“, - викаше Јоне. – „Ти реков, уште миг.“ - „Ајде“, - викаше Нане. – „Ќе помислат дека и ние ја скубнуваме. Ја понесе ли армониката?“ - „Еве“, - викаше Јоне. – „Ја зедов, сигурно.“ - „Уф“, - викаше Нане. – „Одвај чекам да тргнеме. Доста се тегавевте.“ - „Еве“, - викаше Јоне, - „идам. Како ќе ја носиме армоникава?“ - „Нема грешка“, - викаше Нане, - „ќе ја носиме на смена. Моме, не цимоли: партизани не се испраќаат со солзи. Ајде, веќе ми потекоа.“ - „Еве“, - викаше Јоне. – „Идам, еве.“ Беше уште темно и нивниот гласен шепот преку дворот фрскаше по плетот како лапавичав ветар, што меѓу своите бесни налети ја остава тишината да се вкорени меѓу сувите прачки, за уште посилно да зафучи неговото следно надоаѓање. Беше уште темно и ти од Јоне виде само една принаведната сенка, или тоа само така ти се стори поради раницата на грбот, што претрчува преку дворот и се слева со онаа отаде плетот во една разлеана дамка ноќ, уште потемна од штотуку начнатото осамнување; и таа дамка ноќ почна да се лизга по плетот нагоре и наизменично да се раздвојува на две половини и пак да се слева во едно цело, сè додека при крајот на плетот од таа слеана дамка ноќ не се кренаа две раце во поздравно мавтање и од тие две кренати раце не се слушна свиркањето од нивниот знак. Тоа се случи неочекувано брзо и ти одеднаш забележа дека веќе не е толку темно. Ти беше чудно дека на прагот присуствуваш на тоа немо, брзо, а незабележливо разденување; ти беше чудно дека од проретчената темнина предметите се издвојуваат како да испливуваат од некакви матни води, но повеќе од сè ти беше чудно дека во ниеден миг под ова мачно осамнување не ни помисли да го пречекориш овој праг и да се спуштиш по наросената земја од дрвото, по која веќе се беше нафаќала сивоста на разденувањето, да се спуштиш со босите табани и да дотрчаш до Јоне па да се простиш од него како со секој што оди некаде на пат. Ти беше чудно тоа и никако не можеше да си го објасниш и уште не можеше да сфатиш дека всушност за сето тоа време истудените табани ти биле залепени на прагот како за отрпнат мраз. Но тогаш Наде помина покрај тебе и ти дури тогаш сфати зошто табаните ти останале замрзнати на прагот. Таа ги држеше дланките на лицето и ти не можеше да видиш дали е расплакана или пак само потечена од истечен плач; но, и да не ги држеше рацете така, којзнае дали ќе можеше да видиш дали е уплакана, зашто меѓу прстите ѝ беше падната сета коса од расплетените прцли, а таа толку тивко и толку брзо помина покрај тебе, што и да беше посветло којзнае дали ќе ѝ го видеше лицето. Но ти и без сето тоа веќе знаеше дека таа е уплакана, макар што низ сиот шепот од разговорот меѓу Јоне и Нане не ѝ го слушна гласот, а тоа за сето време мораше да значи дека таа во дланките го задушувала својот зсрклив липот, што требало да го крие и од Јоне, зашто тој очигледно не сакаше да се раздели од неа пред таа да дојде на себеси од тој наплив на солзи. Наде уплакана и со дланките на лицето помина покрај тебе и ти ја остави да помине до твоето рамо како месечарка, зашто не знаеше што би можел да ѝ кажеш и дали воопшто има смисла да ѝ кажуваш нешто, кога и така за неа веќе не постоеше ништо друго освен ова сиво осамнување од кое ѝ остануваше само да избега. И избега и ти; ги одлепи табаните од мразот на прагот и избега под уште топлиот покривач, слушајќи го зад себе гргорот на реката посилен и поненадјачлив од секогаш. 6. А реката сега, си рече Моно, е ракав од себеси и на секој свијок го заборава името на своите води. Тече таму без гргор меѓу своите врбаци, како питом јаз меѓу буцнат зеленчук, и нејзините брегови стојат еден спроти друг не ни помислувајќи да си ги подадат, макар во божилочен пресрет, своите довикувања. Сега е сè смалено, си рече Моно; и не само смалено, се дополни, туку и испразнето од она со што некогаш било живо. Моно Самоников, си рече Моно со гласен издив, ти газиш по ископини. Ридот продолжуваше благо да се накрева кон рудникот, а врвицата од згурата во широк лак ја престасуваше угорницата, додека и двете не пропаѓаа во преслапот каде што се наоѓаше рудникот. Тоа е, си рече Моно. Само на човека му е даден заборавот; предметите се ослободени и од можноста за него. И одеднаш почувствува во колената некаква умора; не од напор, туку од слабодушност. Па се сврте назад и го пушти погледот надолу, верувајќи дека тоа ќе му биде достатен одмор. Одовде веќе се гледаше лакот на реката, што беше затенат помеѓу станицата и селото. Моно беше токму спроти темето на тој лак и ги гледаше двете врвици што се искачуваа кон рудникот, едната откај станицата а другата откај селото. Едната, по која тој се беше искачил, беше од згура и прилегаше на трага по која поминал долг јазик на оган; а другата, онаа што тргаше од селото, го влечеше по ридот своето црвеникаво прокапување и скипнување токму под него. Еј, па тоа е овде, извика Моно; па скршна од врвицата на згурата и отрча удолу. Не чувствуваше повеќе никаква умора во колената, ни од напор ни од слабодушност, и не му требаше многу време да го најде бункерот. Тој сега беше само дупка, обрастена во трева и ублажена по страните, но Моно сепак скокна во неа и залегна на нејзиниот отвор кон реката. Здивот му беше зачестен и тој си ги слушна дамарите како му отчукуваат во слепоочниците. Како тогаш, се сети, наполно како тогаш. Навистина, бункеров и тогаш не беше вистински бункер, но вие сепак го викавте така и сите знаеја дека ви е тоа; а и никој немаше ништо против тоа што дупкава ви беше бункер, зашто никој и немаше време да ве спречува во она, во кое не беа спречени и оние што можеа да ве спречат. Беше последното лето на војната; и по пругата ѕвечеа вооружени германски композиции, и по стреите клопотеа изглодани пченкарни кочани. По сувата трева ветровите лазеа како јазици од оган, а карпите мирисаа на изгорен карбит. А всушност дупкава ви стана бункер по онаа ноќ кога во матната вододелница на темнината и осамнувањето од селото се издвоија оние млади што уште истата мугра го фатија патот за над рудник. И селото се разбуди испразнето, не затоа што којзнае колку свет излегоа партизани, колку што изутрината се стори такво, зашто оние што останаа ги подвија вратовите по куќите и севезден го ослушнуваа ѕвечливото одминување на германските композиции. Се ближи, шушкаа тие и не се знаеше на што мислат; само за крстењето и ц’цкањето се знаеше оти се однесува на тоа дека Германците го поправија разурнатиот мост. И вие излеговте во испразнетото село таа утрина, како на мегдан од кој се повлекол победениот; и на навистина немаше кој да ве спречува во последните игри зашто постарите другари ги беше снемало за да ви пречат, а вие веќе од некаде бевте узнале дека се над рудникот: цела бригада нови. Уште истиот ден во селото дојде веста дека се таму, над рудникот; и родителите на излезените беа малку стишени од таа вест, па веќе и посакуваа да појдат да ги видат, но ѕвечењето на германските возови никако не престануваше да допира од кај мостот и тие одеднаш пресметаа дека и за нив и за оние горе е подобро да останат отаде малите прозорци, како луѓе на кои не им е познато ништо од она што веќе почна забрзано да се случува наоколу. И така, кога излеговте во испразнетото село таа утрина како на мегдан од кој противникот ненадејно се повлекол, ја видовте реката дека надошла до покривот на воденицата и веднаш знаевте дека нешто се случило. Не требаше никој да ви кажува дека ноќта излегле Јоне, Нане и другите, не требаше никој да ве стишува за да го чуете ѕвекотот од германските возови, не требаше никој да ве потсетува на сношната вечер кога со приквечерината од планината слегоа првите партизани. Вие веќе знаевте за сето тоа и затоа селото ви се стори ненадејно испустено, како реката под него всушност да пресушила. Мегданот ви се издолжи пред очите, како суводолица која со ништо не може да се исполни, и вие одеднаш се почувствувате пред еден простор што дотогаш со други бил исполнуван, а сега на вас чекаше да го исполните, зашто инаку неговата тишина заплашуваше да се изедначи со онаа ископана празнина што настануваше по последните пукоти. Ви беше како некој да ве внесол во иселена куќа: повелете играјте, ви беше рекол тој некој од над рамото, повелете играјте во оваа празнина, па беше се изгубил како здив во воздух, а вие сте се обѕреле по напуштените ѕидови на куќата и сте ја почувствувале одеднаш во утробите истата таа празнина. Каде се луѓето, ве закопкала празнината, каде се луѓето од овие ѕидови: кому ќе му пречиме? И така, излезени таа утрина во испразнетото село, одеднаш ви се стори дека вашите игри ја губат својата забревтана смисла ако не им пречат на никого; старите беа отаде прозорците, а младите отаде ридот. Надојдената река гргореше под мостот и бреговите се гледаа во втренчената недоумица, токму како и вие на мегданот под јаворот. Нешто ви недостигаше, некој ви немаше за да ја започнете играта на последното лето од војната, но никако не ви текнуваше што е тоа, сè додека, откако ги изредивте во мислите сите изиграни игри, некому не му светна да предложи; да ја предложи последната ваша игра. Кој беше тој, што ја беше предложил таа игра, ти веќе не паметиш а којзнае и тогаш дали знаеше; можеби ти, можеби некој друг, но бездруго некој од оние меѓу вас што го беше почувствувал празниот простор од својот прв чекор во таа утрина до чудната опустеност на селото во неа. И така јурнавте наугоре по ридов, не забележувајќи дека врвицата кон рудникот всушност црвено прокапува по неговиот жолт срт. Ви се чинеше дека никој повеќе не може да ве задржи во тоа засркливо јурење кон новата игра, зашто никого и немаше околу вас освен таа трошна утрина во која ѕвечеа вооружените возови на германските композиции. И така јуревте наугоре по ридов, не гледајќи дали газите по врвицата или не, и многу веројатно дека уште не знаевте во што ќе се состои таа нова игра. Само чувствувавте дека испразнетиот простор пред вас ве влече кон неа како матица, како речна матица која во некој миг ќе пропадне во вител, па се препуштавте на тоа подмамувачко влечење и веќе заборававте дека чекорот ви е покус од здивот. А кога се искачивте на ридов, заздишани како по испливување на спротивен брег, на сувата утока од двете врвици ве пречека партизан со пушка и ви го препречи патот; тоа беше првиот човек што ви ја попречи играта таа утрина и вие речиси се израдувавте, зашто тоа значеше дека животот од вчера продолжува и денес. И тогаш дури узнавте што ќе ви биде последната игра: под партизанот, зашто до него не смеевте да се искачите, пред последниот свијок на врвицата што се извиваше до него, ја најдовте оваа дупка и од неа направивте бункер. Тој озгора не можеше да ве гледа, а вие знаевте дека е над вас, па така всушност му бевте претстража: падината под вас се уриваше во полето, меѓу станицата и селото, а реката правеше лак до кој допираше границата на вашата замислена игра; игра, на која ѝ требаше сосема малку за да не биде тоа. Зашто, партизанот што стоеше на стража среде утоката на двеве врвици беше всушност Нане; го препознавте по неговите очила, што ви засветкаа на сонцето како срча во река, па се стрчнавте кон него за да го видите одблиску како партизан, но тој ве запре со пушката и не ве остави да му се доближите. А тоа ве збуни; толку ве збуни онака задишени во искачувањето по ридот, што во првиот момент не знаевте дали да се навредите или пак да го сфатите тоа како она нивно познато и надмено гледање на вашите игри. Уште неснајдени како да се однесете спрема неговата пушка, вие одеднаш си се сторивте мали на себеси и вчас ви се изгуби од пред очи оној простор, што онака ненадејно ви се простре пред чекорот истата утрина. И така, со неиспуштени извици и наведнати глави, го оставивте врвот на ридот и полека почнавте да се спуштате надолу, додека на некој не му текна да предложи, штом му се изгубивте на погледот од стражарот, и вие да направите стража: и тоа во бункер, а не како нив на отворено. Сè уште навредени од Нане, зашто тоа всушност беше навреда за вас, вие со светнати очи го прифативте предлогот и веднаш во него најдовте одбрана од таа нивна навреда, на која мислевте дека веќе немаат право откако станале партизани. Поправо, за некој друг ти не можеше да кажеш дека се чувствувал навреден, зашто за тие работи не сакаше да зборуваш со своите другари во игрите, но длабоко во себеси она што го почувствува тој миг, кога Нане со пушката не ве пушти до себе, не беше ништо друго освен навреда; ти веднаш го замени со Јоне и веднаш си помисли дека и тој вака ќе те пречека. А тоа не можеше да не те навреди зашто сè уште значеше дека Јоне го има за тебе оној искосен поглед од преку рамо, со кој те држеше подалеку од своите работи, за кои ти веќе знаеше многу повеќе одошто тој и замислуваше дека можеш да знаеш. И таа горчина во грлото, каде што беше стежнал талогот на навредата, не ти излегуваше од уста за сето време додека ја опкопувавте во дупката последната игра на вашето детство; не ти излегуваше од уста можеби и затоа што не ја отвараше, тој ден и другите по него што дојдоа. Ја расчистивте дупката и ги израмнивте страниците, ја наполнивте со бомби од камења и ја замаскиравте со гранки, издлабивте џебови во страните и таму ги сместивте опушоците од цигари; и за сето тоа време ти мислеше дека онаму назад и горе, каде што двеве врвици се слеваат во еден пат кон рудникот, стои Јоне и не престанува да ти напомнува дека си помал од него за двеипол години и сега веќе за ѕвезда на челото, долги пантолони и пушка под мишка. Тоа беа работи поради кои навистина не можеше туку-така и што-годе да се зборува и ти ја држеше устата врзана во слеп јазол чувствувајќи за сето време дека онаа горчина од навредата не ти се одлепува од грлото. Другарите мислеа дака се вживуваш без остаток во играта, а ти всушност со мислите беше далеку од дупкава на бункерот и постојано си вообразуваше дека мора да постои некаков начин, - некој збор, некој бол, некој сон, - преку кој одеднаш се израснува во човек; во таков човек за кој другите повеќе нема да кажат дете, туку маж. Но кој беше тој начин, тој збор, тој бол или тој сон, кога врвот на ридот остануваше навидлив и тој беше таму на тој врв, додека тебе ти беше оставено само да се добереш на височината одвај до неговите петици? Макар и длабоко и далеку долу, гргорот на реката клокотеше меѓу ридовите и двата спротивни брега се гледаа еден со друг во шашлива недоумица, настапувајќи им на крилјата од сопствените довикувања. А таа нема навреда береше како непризнаена рана, незабележлива однадвор и лута одвнатре, сè додека не помина во болка, од која сепак не можеше преку ноќ да се израсне во човек; во таков човек за кој другите веќе нема да кажат дете, туку маж. Тоа беше уште на другиот ден: по врвицата од селото, што го доведуваше до вас своето црвено прокапување, забележавте уште изутрината некоја жена. Таа брзаше наваму и сè помалку личеше на жена, а кога ви се приближи толку што веќе можевте да ѝ ги препознаете и прцлите, со страшен шепот узнавте дека тоа е Наде и се притаивте во дупкава од бункерот. Слепоочниците ти биеја како да беше под вода, но ти сепак собра сили да издржиш и да ја пропуштиш покрај себе без никаков шум; само со секој удар на дамарите низ главата ти профрчуваа претпоставките зошто е тука и каде оди. Но во тоа не можеше долго да се мачиш: штом ја пропуштивте, ти се крена од дупката и одејќи по грмушките се искачи речиси до врвот од ридот. И таму ти стана јасно она што требаше да ти биде такво уште пред да узнаеш дека жената по црвената врвица е таа: таму, на сувата утока од двеве врвици, веќе седеа еден до друг Јоне и Наде. Ти остана зад грмушките и го молеше ветерот да иде откај нив, не толку да чуеш некој нивни збор, колку да им го насетишсо носниците смешниот здив. Но тие беа тивки и седеа еден до друг без дури да се држат за раце, така што гледајќи ги такви не можеше да најдеш во себе никаква видлива причина за да ја отвориш со заби онаа рана од навреда. А сепак, ја чувствуваше во себе како бере и како тоа берење се собира во ритмот на дамарите, таа лутина одвнатре што сакаше да препукне, а уште ништо не го правеше оној убод, што ќе ја отвори за да прсне и да ја изнесе на видело за конечно заздравување. Зашто, тие сè така тивко седеа и не се држеа дури ни за рацете, како на истекот од онаа ноќ, седеа така можеби со часови и утра, а ти од зад грмушката во еден миг само слушна или само ти се стори дека ветерот ти шушна: утре. Што беше тоа утре, кое беше тоа утре, зошто беше тоа утре; ништо не знаеше и ти се чинеше дека си осуден никогаш да не узнаеш, зашто одеднаш гргорот од реката ти ги наполни ушите и се смеша со шумот на дамарите во една бучава, поради која ти се стори дека веќе си под вода и дека не ќе излезеш од неа освен како удавеник. 7. Моно Самоников подголтна и почувствува дека шупликавата врска меѓу носниците и гркланот му е ветровитео сува, како по долго нуркање во вода. Реката, си рече; секое детство има своја река. Но оваа сега беше ракав од себеси и сигурно дека на секој свиок го забораваше името на своите води, зашто довде не допираше дури ни сеќавањето од нејзиниот гргор. Питом јаз меѓу буцнат зеленчук, си повторуваше со насмешка и се обѕре. Од камењата, ако трње, израстуваше некоја дива тишина; се чинеше дека тука нема место за семе од никаков глас. Двете врвици се слеваа зад него и се чинеше дека од нивната сува утока почнува еден пат на пустота и мртвило, еден пат кон подземјето. Како би било да викнам, си рече Моно. И, токму кога му се стори дека сувоста на тишината толку му го надразнила исушеното грло, што му остануваше или да викне или пак горчливо да подголтне, на чекор од себеси забележа испружена кртица. Беше мртва; а никаде наоколу не можеше да се види дупката, од каде што излегла. Моно поска да стане ид а се оддалечи од неа, но во последниот миг му се стори дека со тоа ќе го наруши оној пајажинест дослух, што веќе беше исплетен меѓу него, тишината и кртицата. Некој поминал, си рече, некој поминал одовде и ја удрил со камен. Но среде тишината на ридот, што речиси израстуваше од трњето, тоа му се стори до невозможност чудно. Новозможно, си рече, невозможно да поминал некој друг освен јас. Па заџбара со прстите по земјата, распретувајќи ја нејзината трнлива тишина, сè дидека во дланката не ја почувствува невината облина на каменот. А кога погледна вон его беше веќе готово: каменот беше крвав. И така, си рече Моно. И така газиме по земјава без да знаеме дека настапнуваме на камењата што сме ги фрлиле; и така се фрламе со камења, без да знаеме дека тие паѓаат на нешта што потоа на некој начин ќе нè допрат; и така живееме, без да знаеме дека нештата наоколу имаат за нас допир како убоди. И така, си повторуваше Моно. Држејќи го каменот в рака како доказ против друг. И така дојде денот на последната игра, на онаа по која ни една друга не можеше веќе да се нарече така. Излеговте таа утрина, како и другите пред тоа, со чувство под босите табани дека мегданот е испразнет за вас, па го подгонивте празниот процтор и веднаш се најдовте в овашиот бункер, каде што веќе ве чекаа влажните опушоци и бомбите од камења. Небото беше премрежано и сончевината, процедена до блескотна сивина, се разлеваше по предметите како скипната слана. По тревата лазеше некаков ветер со јазик од оган, а вие лежевте помешечки во бункерот и ги мирисавте карпите наоколу како изгорен кибрит. Беше последното лето на војната и долу во селото по стреите клопотеа изглоданите пченкарни кочани. По пругата и по поправениот мост увечеа и чкрботеа, како со потковани петици, бескрајните германски композиции. И низ капаците во уплав по своите во рудникот, со подведени вратови ѕиркаа оние што беа останати во селото и поради кои мегданот се чинеше испразнет до ветрушките на јаворот. А беше утре, она утре што го слушна или ветрот ти го Шушна откај сувата утока на двеве врвици; и ти не го одлепуваше погледот од врвицата, што прокапуваше црвено и пусто од селото довде. Сакаше прв да ја видиш, сакаше прв да ја препознаеш кога ќе се издвои од црвеното прокапување на врвицата, зашто утре: тоа беше таа, тоа бездруго беше таа. Тоа ти беше јасно по лошо проспаната ноќ и сега веќе никој не можеше д ате разубеди дека по врвицата ќе се појави некој друг. И ти ја очекуваше, не да ја видиш, туку да се видиш себеси дека ја гледаш и дека уште еднаш се проштаваш од нешто, што воопшто ин е си го сретнал. Со вкопчани очи за врвицата, ти веќе ја гледаше како иде и како во доближувањето ѝ се издвојуваат од неподвижната земја: торбата на колкот, марамата на рамото, вцрвените јаболкца на образите. Ти се чинеше дека веќе ја слушаш нејзината радосна задишаност, со која бргу те одминува, дека веќе ѝ го гледаш светнатиот поглед со кој толку лесно се искачува без да посака да види нешто друго освен она за што е насолзено светнат. И веќе ги гледаш како одат еден кон друг, небаре двеве врвици кон својата утока, како одат полека но неумоливо, зашто знаам дека ништо нема д аим ја попречи нивната утока, како се доближуваат и како се слеваат без збор, онака како што без шум се смешуваат две води што здоговорено се слеваат во една за сиот понатамошен тек. Веќе го гледаше, а погледот тип ушташе корења во врвицата ив еќе ништо друг оне различуваше. И, без да се поткренеш од бункерот и без да се обѕреш нагоре и без дури да чуеш некој шум, ти веќе знаеш дека таму, на сувата утока од двете врвици, стои тој како некој бесчуствителен патоказ, што на сите им ги покажува крутите стрели од нивните патишта, додека само кон еден го има свртено своето вистинско човечко лице. А тоа лице, исто како и твоето, беше свртено кон врвицата од селото, што прокапуваше црвено и пусто сè до вашите табани. Јоне, му зборуваше во мислите ти, ја чекаме двајца: но јас ја чекам за тебе. А всушност, додека риеше со погледот по врвицата, ти сакаш прв да ја видиш, да ја видиш пр ви да не му довикнеш дека си ја здогледал, зошто тоа ти беше последното што можеше да го украдеш за себе пред тие да се слеат во утоката, од која почнуваше само нивниот пат. Ова ми е последен пат, му се обраќаше во мислите. Дозволи да ја чекаме двајцата зашто јас всушност ја чекам за тебе. Погледот тип ушташе сè подлабоки корења во врвицата, и тоа траеше непоимно колку. Сега ќе се појави, си викаше секој миг, сега ќе из’рти од црвеницата на врвицата; ќе запрпелка со марамата на рамото, ќе те замине со радосна задишеност и така ќе заврши ова втренчено чекање, од кое ти ќе го имаш само немото и конечно проштавање. И така тоа траеше непоимено колку. И можеби ќе траеше уште ден, месец, година, тоа чекање по врвицата што прокапуваше од селото, тоа чекање што за тебе немаше накаква смисла, освен смислата на крајот, да не се случеше напнатиот поглед најпосле да ти се скине. Тоа го почувствува кога ја загуби од очите црвеникавата врвица, кога погледот ти затрепери над земјата како безбоен пламен, зашто веројатно уште ги извлекуваше пуштените корења од црвеницата на врвицата. Сè ти заигра пред очите ив о видот ти навлезе некакво подземно ѕунење како со некаква празнина, полека се одлепуваш од земјата, па со напор се потпра со погледот ив еќе сеедно ти беше каде гледаш. Тогаш, и тоа беше крајот на чекањето, по врвицата од станицата забележа една долга и зелена колона. Ни на крај памет не ти беше да погледаш кон таа врвица, не само затоа што од неа не очекуваше ништо да се појави, туку и затоа што самата таа повремено се затскриваше зад ридот, и, ако нет е исполни она чувство на разѕунета празнина, поради кое ти се стори дека се одлепуваш од земјата па затоа се потпре со погледот каде ид а е, којзнае дали воопшто ќе забележеше нешто. Зашто, колоната беше тивка како врвица од мравки. Кршејќи се по свијоците на врвицата, таа лазеше угоре како гасеница по гранка. Беше зелена, долга и уштен е можеше да се сфати дека е нешто друго а не животинка. А всушност беше веќе толку блиску, толку наближена во своето демнеечко искачување, што во пршлените на таа чудна животинка веќе можеше да се распознае опипливоста на униформата, убодот на оружјето, здивот на наближеноста. Ти гледаш вон еа, сè уште сакајќид а веруваш дека е некоја чудна гасеница, што само ги поместува по свијоците на врвицата своите многубројни колкови, но она ѕунење веќе се беше испразнило од тебе ив о таа замреност ти почувствува дека еден блесок на свеста ти навлегува во главата со секавичен и крцкав убод. Еј, му шепна на оној до тебе, глеј. И тој шепот, прв од оваа утринам ти заприлега на кусо и суво шиштење од змија. Истовремено, по тревата зас’ска јазикот на оној ветар, па тин е издржа и, пред да бидеш сигурен дека и тој ја видел колоната, рече со истиот шепот: Германци! А јазикот на оној ветар, провиснат од запурнината како на зазбиван пес, зас’ска по сите треви наоколу ив о бункеров зашуми една ненадејна возбуда, за која уштен е се знаеше во што ќе истече. Не се знаеше а всушност се знаеше, зашто тоа беше вака: тоа беше како на планинска врвица, загледан во напорот на стапките од своето искачување, одеднаш да си се видел очи в очи ин а чекор-два, на истата врвица, со ненадејна разврска на змијата. Отпетлана од своето клопче, таа ги напнува колковите за пендречни движења, а главата ѝ е крената од земјата како јазиче на вивнат оган. Стапките одеднаш те се залепуваат за земјата како за мраз, почнува еден бескраен миг на неподвижност и замреност, а всушност крајна напнатост, кој неумоливо потсетува на дамарите немоќ пред предавство. Во таква средбам како во поглед низ урнатина, постои само тој миг; другото е механика на стравот. Но, во моментот кога ти, втренчен во змијата на врвицата, го прос’ска она „Германци„, а во тревите околу бункеров го насети парливиот јазик на оној ветар, со тој миг веќе беше готово. И од тој миг почна да работи во тебе механиката на стравот, една стишена забревтаност што ти затрепери прво во дијафрагмата, една нова разѕунетост што ти проструи низ сите жили и од која ти се стори дека сè околу тебе поигрува во воздухот, како над безбројни пламења од подземен пожар. И ти веќе не знаеш за ништо. Да бегаме, рече некој низ сувото шушкање на тревата. Каде, праша еден, нагоре? Будали, рече друг, таму се партизаните. Тогаш в село, рече некој ии м остави на тревите околу бункерот дам у го завршат шепотот. Ајде, рече друг со нестрпливо с’скање, што чекаме? Ни никој прв не сакаше од бункерот и тин е знаеш кој што зборува, како што не беше свесен ни за тоа дека можеби некои од овие зборови бил и твој. А потоа, додека жилите во снагата ти трепереа како разѕунети жици, ти го почувствува шушкањето на тревата како суво шибање по глуждовите; ветарот се пропна пред тебе како заинатено добиче, грмушките ти израснаа пред чекорите како накострешени пенушки, падината се престори во лизгалка што завршува со одрани колена, јазичињата на ветрот ти свиркаа околу ушите како парливи куршуми; и сиот ден, со блескотна светлина озгора, се склопчи во ровја и се урна на твојот грб. Така се виде паднат, со првите куќи од селото под замрачените клепки. Главата ти беше нурната во грска земја како во мајчин скут ин ад тебе тогаш помина еден гргор, како гргор од надојдена вода. Кој беше тој бол, бучеше гргорот брз тебе, тој збор, тој сон, преку кој одеднаш се израснува во човек, во таков човек за кој другите веќе нема да кажат дете туку маж? 8. Кој беше тој бол, си рече Моно, и зборот за тој бол? Некакво ѕунење, кое како да доаѓаше од некое друго време, а сепак се вселуваше ив о него, му го премрежи погледот и му го остави да се пече на треперењето над земјата како на слаб оган. Но тоа се муви, одеднаш си рече Моно, тоа се обични полски муви, си повтори препознавајќи го светкавото треперење над убиената кртица. И така, си рече сега со издив на лажно олеснување, ништо од тоа. Ништо од тоа, Моно Самоников, зашто ти всушност просто си избегал. Штом си ги здогледал Германците по другата врвица, од в миг не останало ништо и ти си се престорил едноставно во механизам на стравот: место да истрчаш горе, кај утоката на двете врвици, ид а го предупредиш Јоне дека Германците идат откај станицата, зашто тој бездруго уште бил втренчен во врвицата откај селото, чекајќи ја наде како што и ти си ја чекал до пред некој миг, тебе ти се поткусиле колената и ти просто си се оставал д ате турне стравот наудолу по падинава. И така си го напуштил постот на претстражата, токму во моментот кога играта во бункерот можела да престане да биде само тоа, па си удрил да бегаш надолу кон селото, навистина не по врвицата, туку прекутрупа, но тоа веќе не можело да ти помогне во твоето паѓање, зашто всушност ти пак си бегал во насока спротивна на онаа по која требало да дојде Наде, а тоа веќе те дотепало докрај. Тоа е она, си рече Моно, тој бол и зборот за тој бол. Моно Самоников, рече гласно и почека да чуе како зборот ќе му се врати како камен. Моно Самоников, извика, ти си еден убиец. Убиец, викна. Убиец, повтори. И продолжид а вика, фрлајќи ги тиа камења од зборови над себе и знаејќи дека тие пак ќе му паднат врз глава. А потоа, додека ги чекаше да се урнат врз него, успеа само да го види оној крвав што беше од убиената кртица. Тоа е тој бол, си рече, тој бол, тој сон, тој збор; па ја наведна главата и мирно го подметна тилот, очекувајќи ги камењата од сопствените зборови како што се очекува плунката со која се фрлило против небото. И тогаш камењата почнаа да се враќаат озгора ид а те затрупуваат, како ти да беше само еден од нив, додека секој удар ти оставаше модрица во очите и така одеднаш погледот ти гледаше само еден самрак. Самракот беќе модар како удрено месо и тин е знаеше дали тоа денот почнува или свршува, иако тоа веќе беше сосема сеедно. Зашто, и така рабовите од денот и ноќтаб еа гнијно спалени, па се чинеше дека е потребен само уштее ден удар за погледот конечно да се смрачи, да помодри и да се смрачи, не само поради ноќта однадвор, туку и поради онаа темнина што ти се ширеше одвнатре како огромна модрица. И таа модрица, што ти се ширеше одвнатре како жив круг околу удреното месо, сè повеќе ти здиваше на сенка и ти имаше сосема јасен впечаток дека ноќта надвор всушност почнува од тебе. Но самракот, се чини, беше почнал уште од оној миг, миг или вечност, кога веќе избеган од бункеров ја беше заменил грската земја со каменот на перницата: за сето тоа време, избегнувајќи го мајчиниот скут, а всушност барајќи го во мократа перница, прозорецот те гледаше како голема модрица што сè повеќе се ширеше над тебе и што не престануваше д ате обвинува за тоа болно ширење. А ти сè помалку имаше сили да ја кренеш главата од неа, па така, откако помина којзнае колку време и кога најпосле, се виде одеднаш во самракот и помисли дека тој отсекогаш ти висел над глава. Веќе помирен со него, како со модрица на око, ти излезе во претсобјето и ја виде истата онаа слика, што ти се врежа под клепките кога помисли дека веќе некаде си задоцнил: во претсобјето, во оној затворен трем до кој без врата се доаѓаше со искачување по дрвените скалила ин а чии сите три ѕида зјаеја вратите кон собите на евакуираните како во некое запустено преноќиште, во тоа претсобје околу масата насреде и околу карбитната ламба врз таа маса мејките веќе седеа со прекрстени раце во скутовите и гледаа во пламенот на ламбата како во пламен од кандило. Нивните погледи беа фатени од пламенот како немоќни пеперуги ив о нивните очи светкаа солзи, како на масата да беше спрострен мртовец со кој тие веќе се беа простиле ин ад кој јаб еа пробдеале последната ноќ. А беше навистина како ноќ, ноќ среде ден, како замрачување на сонцето, и ти помина низ таа тишина како сениште од себеси, помина ин е ги слушна крцкавите скалила зад своите чекори, а кога излезе надвор те пречека истиот самрак и ти воопшто не се изненади од тоа. Ти беше како сè одеднаш да си знаел, како веќе да си го почувствувал она што имаше допрва да го почувствуваш. Една огромна сенка, чија семка од модринка веќе ‘ртеше во тебе, здиваше озгора на облак што носи луња и ти зачекори по опустениот мегдан на селото без мисла дека би можел да избегаш од неа. Ветрушките над јаворот беа црни како чавки и по аглите од куќите кучињата и ветровите ги покажуваа своите модри јазици. И тогаш, додека самракот струеше околу тебе како некоја густа вода, по врвицата од рудникот забележа една двојанка: еднопрежна и осамена, таа го носеше пред себе својот уморен крцкот, додека врвицата зад неа прокапуваше во самракот црвено и пусто. Под огромната сенка озгора се вовлекуваше еден црв одд вижење и ти веќе знаеше што е оној немир во тебе: зашто, додека двојанката ти се доближуваше како сенка од облик што ќе те поклопи, семката од модрицата во тебе веќе узреваше во една извесност, за која ти се чинеше дека одамна е твоја. И така, со модрица во себе а не на око, ти мирно ја дочека двојанката и ја остави да помине покрај тебе како гранка низ вода; но тоа беше така само до моментот додека двојанката нет е одмина и додека одзади по војничкото ќебе не се покажаа две боси нозе: тие се клатеа надвор од колата, отпуштен ии жолти, и воопшто не беше јасно од каде тоа врвицата зад нив прокапува онака црвено. Но, врвицата сепак прокапуваше црвено зад нив ив о пресрет на двојанката одеднаш излегоа некакви луѓе; некакви луѓе што го развитлија самракот во студени преддождовни ветрови, и ти, остана на врвицатато црвено ти прокапуваше под нозе, го виде пламенот од ламбата кога излезе од претсобјето како пламен од кандило, го виде како затетерави кон двојанката и како со него затреперија во самракот првите латици на плачот, на оној плач што потоа се урна како ровја и се извишин ад самракот како пожар. А ти ја неведна главата и јурна кон реката, не толку да се зачуваш од камењата што ти се сторија дека почнаа д ате поклопуваат заедно со плачот, колку да ги однесеш до неа своите истечени очи. Ни ништо веќе не беше во состојба да ти помогне, зашто веднаш потоа те поклопи гргорот на реката и ти веќе не умееше да го различиш тој гргор од оној плач, а тоа веќе и не беше важно: гргорот или плачот, сè беше над тебе. 9. Небаре претепан, Моно Самоников се довлечка до реката и, како соблечено алиште, се спуштин а првиот белутрак. И пусто и празно, си рече нечие чувство и се обиде да мрдне со јазикот. Никаков вкус, помисли, освен вкус на изгорено. Меѓутоа, не замижа за да види трага од некаков оган, туку го пушти погледот дам у потоне во водите од реката, додека со премалената снага чувствуваше како нејзиниот гргор сè повеќе го влече под себе. Ридот е горе, мислеше, одзади и озгора; и чувствуваше како неговата напланинета тежина сè повеќе му се спуштан а плешките, му се качува нап лешките и сè повеќе го турка накај водите во реката, речиси со истата мравја брзина со која тие протечуваа меѓу неговиот поглед. Сега ќе паднам, си рече; ќе се одронам од брегов и ќе падман во водата како камен. И не почувствува никаква жал спрема себеси, како што не почувствува и никаква желба за отпор, туку навистина се виде како се одронува од белутракот и како се спушта со челото кон јазиците од бранови. Како пламен, успеа само да забележи, како јазици пламен од бранови. „Еј“, викна некој. Моно се стресна и виде како пламенот бранови се пренесе на тревата под нозете. „Еј“, повтори тој некој. „Што ти е?“ Моно се сврте накај гласот, сè уштен е верувајќи дека освен глас ќе успее таму да види нешто друго, не само затоа што брановите уште му играа пред очи, туку и затоа што воопшто не веруваше дека тој глас може да биде нешто друго освен некое привидување. Шумот од реката во ушните школки можеше дам у се престори во секаков збор. Збор, или бол, или сон, си рече Моно и уште не посака да се оттргне од пламенот на брановите. „Еј“, потрети тој глас. „Што ти е: реката лит е занесе или пак само си гладен?“ Моно најпосле го смири погледот, што му трепереше над земјата како остаток од оган, и помисли: исто како онојпат кога, чекајќи ја Наде од врвицата откај селото, нè изненади зелената колона како гасеница на лактот. Преку неговиот свиен лакот, на ист белутрак како неговиот, седеше некој човек. Ништо на него - ни лицето, ни гласот, ни облеката - не подлежеше на определба: тој всушност најмногу прилегаше на својот белутрак, зашто некаква патина од стврднат бигор го обвиваше сиот во една приквечерна безизразност. Само раката, со која му подаваше нешто, излегуваше од него како скршена гранка. „Не“, рече Моно, „благодарам. Воопшто не сум гладен.“ „Да“, потврди човекот и си ја повлече раката. „Се гледа дека уштен е знаеш да гледаш во вода.“ Моно го врати погледот во реката и си кимна со главата. Не знам, си рече, уште многу работи не знам. Но одеднаш се сепна и се сврте кон човекот. „Можеби“, рече суво. „Но какво значење има тоа? И какво е тоа вражање во вода?“ „Хе“, се насмевна човекот и, потценувачки кимнувајќи со рамената, се сврте наполно кон реката. Не очекувајќив еќе одговор, зашто почувствува дека го беше одбил со своите наврапити прашања, Моно сепак го изгледа ив о прв момент помисли дека не успева да продре ништо подлабоко од впечатокот за оној стврднат бигор на приквечерна безизразност. Но, постепено и со чудење, тој забележа дека човекот нема ни јадица, ни придружник, ни торба. „Еј“, рече Моно со нескиена чуденка во гласот. „Еј, што правиш ти тука?“ Човекот се стресна од неговиот глас и одвај се оттргна од реката. „Кој“, праша со чудење, „јас?“ „Да, ти“, комна Моно. „Велам, што правиш тука? Не си ни рибар, ни придружник, ни патник.“ „Хе“, се насмевна човекот со навидлива насмешка. „Не сум, не сум ништо од тоа. Јас само гледам во рекава.“ „Гледам дека гледаш“, нестрпливо рече Моно, „но што правиш?“ „Хе“, пак се насмевна човекот. „Може да се каже - ништо. Но, ако ти е баш за правење, чекам.“ „Чекаш“, механички повтори Моно па одеднаш се зачуди. „Што чекаш, што може овде да се чека?“ „Чекам од рекава“, речиси насмевнато рече човекот, „чекам од рекава да ми врати нешто.“ „Како да ти врати“, рече Моно, „што да ти врати?“ „Да ми врати“, рече човекот со издишка, „да ми врати нешто мое што ми е должна.“ „Чудно“, рече Моно загледан во водата, „јас никогаш од реката не би чекал такво нешто.“ „Да“, потврди човекот, „но таа ми е должна. Еднаш, кога беше надојдена, ми однесе нешто мое и јас оттогаш постојано чекам да ми го врати. Таа е должна да ми го врати, нели?“ „Да“, рече Моно сè уште загледан во реката. „Паметам кога надојде: воденицата беше до покрив под бранови, водата беше жолта од кал, реката носеше сè пред себе, и, којзнае дали од тоа, мирисаше на мрша. Што ти однесе?“ „Нешто мое“, рече човекот со невидлива насмешка. „И ја чекам пак да надојде за да ми го врати тоа. Чекам од поодамна, како што ми се чини.“ „да“, повтори Моно, „таа бездруго пак ќе надојде. Но дали ќе ти го врати тоа?“ „Секако“, рече човекот без насмешка. „Мора да ми го врати. Нели сè се движи?“ „Да“, отегна Моно. „Но се чини во премногу широки кругови за да се соберат краиштата во еден живот.“ „Хе“, се насмевна човекот, „јас имам време. Многупати досега сум ја дочекал да надојде, но еднаш бездруго ќе ја начекам да ми го врати она што ми го однесе. Погледни!“ Моно го оттргна погледот од пламенот на брановите и се сврте накај човекот на другиот белутрак. Овој го извади бастунот, што дотогаш го држеше речиси скриен меѓу колената, па му покажа со прст: сувата кора од бастунот беше засечена со бели јазли речиси до половината. Човекот за миг заприлега на овчар, но Моно веднаш ја отфрли таа помисла. Тој не личи на ништо такво, си помисли, тој воопшто не личи на ништо познато. „Еве“, рече човекот. „Ова е од оној голем оган, што помина одовде и ја остави онаа згура по ридовите. Нели нема уште многу?“ „Да“, рече Моно, мислејќин а големиот оган што навистина помина одовде. „Да“, повтори. Човекот го врати бастунот меѓу колената, небаре беше извадил часовник за да погледа кое време е, па потоа го врати и погледот во реката. „Сета работа е во тоа“, рече загледан во реката, „сета работа е во тоад а се дочека вистинскиот час. Таа ми должи и мора еднаш да надојде за да ми го врати она што ми го однесе.“ „Да“, рече Моно со издишка и стана од својот белутрак. Да, си рече, а имаше чувство дека се одвојува од каменот со некаква неизречлива неправда кон него. „Сета работа е во тоад а се исчека“, повтори човекот сè уште загледан во реката. „Сам онешто не можам да си објаснам: зошто токму реката ми го однесе, кога сè мислев дека оној голем оган ќе го стори тоа? Не е ли тоа малку глупаво?“ „Да, да“, му потврдуваше Моно гледајќи што подалеку да го обиколи и, истовремено, не престанувајќид а се загледува вон его. Не, си викаше или се тешеше, не личи баш на ништо познато. „Си одиш?“ одеднаш праша човекот без да се свртува кон него. „А јас се надевав дека заедно ќе чекаме.“ „Не“, рече Моно чувствувајќи дека се Правда. „Јас нема што да чекам. Време е да си одам, возот ќе ми избега.“ „Грешиш“, рече човекот постојано загледан во реката. „Секој има што да чека. Секому нешто му е однесено, секој би требало да чека.“ „Да, да“, механички му потврдуваше Моно и сè повеќе се оддалечуваше од него. „Но мене веќе ми е време“, се Правдаше и одвај се воздржуваше да не се стрча по светлечката насока на реката. Во приквечерината, што постепено ги беше замрежила бреговите, таа единствено укажуваше на некаков пат. Кон врутокот или кон утоката, сеедно. А особено кон свијокот. „Можеби си прав“, рече човекот. „Можеби навистина веќе е време. Ќе појдам да ја потсетам дека ми е должна.“ Моно потем само виде како човекот, водејќи се со бастунот, како со јазлите на своето исчекорување, мирно тргна накај водата, изедначувајќи се во приквечерината со гргорот на нејзините бранови. Моно тогаш почувствува ненадеен страв и се стрча по темниот брег, знаејќи однапред дека насоката на реката не е онаа што треба да го врати на неговиот пат, по кој изутрината беше дошол довде. Моно, Моно, си викаше на секој чекор, додека секој допир на табанот со земјата го чувствуваше како усвитен убод. Моно, Моно, си повторуваше Моно Самоников како да се удира, ти само се вртиш по трагата, што јаи ма оставено оној голем оган, ти само се вртиш и никако да избегаш. А под чекорите, што му скокаа од брегот на реката како од јазик на оган, земјата ‘рскотеше како навистина да беше згура. ДЕН ЗА ПРОШКА 1. Масата на Моно Самоников тоа попладне беше покриена со испишани и неиспишани листови, со подвиткани бележници и преполни пепеларници, со пишалки, чибуци и скици. Кога седнуваше да работи, Моно љубеше да има до рацете сè што ќе му притреба во текот на мислите, па затоа уште пред да се скраси на тврдиот стол ја исполнуваше масата со сите дреболии („елементи“, како што викаше со намигање), што веќе свикнато ги сметаше за неопходни додека ги редуваше своите замисли. Замисли, си рече са насмевка, како каписли за мислите. Во редакцијата немашсе никого, освен што долу вратарот дремеше пред пултот на внатрешната централа. На вратата стоеше клучот од неговата страна, а телефонот беше приклучен кон слушалката во другата соба. Така, си рече Моно. Отиде вератата, во одѕивливиот ходник, чиј тепих се креваше по работното време, беше осетливо тивко и само напати во неговата осојна празнина ќе заѕвонеше телефонот од некоја канцеларија, наполно далечно и безодѕивно. Под прозорецот, во дворот, меѓу зградите, џорџореше детска врева околу топка, но таа се запираше на ѕунливото стакло и остануваше таму како нужен фон на секојдневието. Така, и повтори Моно. Тој сметаше дека таа неапсолутна тишина, кога си присутен некаде без да се наоѓаш на самиот витал, му е најпогодна за работа и веќе со часови се канеше да го спушти првиот удар врз машината за пишување, гасејќи ги притоа цигарите уште со долг отпушок. Меѓутоа, каде и да се наоѓаше, имаше еден миг од таа тишина кога некој секогаш неузнавлив а сепак познат немир го сокриваше од столот како со свикнат, но возбудлив скокот. Тоа беше оној миг кога денската белина во прозорецот штотуку зјапажинуваше и кога одалгите на собата израснуваа сеништата на приквечерината, како дланки влага на ѕид. Оној миг кога денот и ноќтасе фаќаа во долг, сив и нем костец, макар што падината од нивното надвасувањесекогаш беше извесна. Не помагаше тука ни жолтото палење на црвот од ламбата, зашто тоа се уште не го надоместуваше денот кој уште потсетуваше на сојата бела незаменливост; ни стоењето до прозорецот со поглед во посивувачкото оддалечување на јавата, зашто тоа уште повеќе ја раздразнуваше нерамнотежата меѓу едното и следното стоење; ни нурнувањето во запрениот хаос на масата, зашто на темето тежеше полумракот на една промена, од која блеокот во очите не можеше да се засолни без трепнување. Собата одеднаш ќе се најдеше меѓу два очекувани брана, воздухот пожнуваше да прави витали од провевот на светлината и темнината, почвата пропагаше во поткорено поместување, како не него да стежнуваше некакво невидливо а еопфатно стапало, и сета внатрешност на човека да накреваше – небаре табаните се одлепуваа од земјата. Макар што тоа се повторуваше секоја приквечерина кога беше сам, Моно Симоников не можеше да го поднеува тоа чувство, како кога не се наоѓа место пред повраќање, и бегаше од неговото накревање во себе, бегаше во најблискиот потен допир со луѓето. Така и сега. Не истрпувајќи да остане веќе сам меѓу денот во прозотецот и ноќта на ѕидовите, Моно ги стутка хартиите, кое во маата кое во џебовите, и избега од собата како ништо да не му беше на петиците. Ќе продолжам дома, се тешеше трчајќи по скалилата удолу и не можејќи да го задржи накревањео одвнатре, што му се згрутчуваше во грлото. Ќе продолжам дома, се тешеше и веќе не мислеше за прекинатата работа, која всушност беше и непочната. И дури кога ја истрча од излезот, не дочекувајќи вратарот да ја крене дремовната глава кога му го остави клучот. Моно почувствува дека ја додржал онаа грутка во грлото. Здивот полека му се повракаше, но онаа совиливост под стапалата продолзуваше да му ѕуни во нозете. Како да сум на подвижна сцена, помисли. И виде: по белата улица, како првомајска макета, лазесе црвена цилиндрична прскалка, додека првата зад неа се собираше во кални џамлии – како демонстративниводородни атоми. Воздухот над тротоарот, возбуден во својата застојаностод правта и водата, ги раздвижи лисјата на дрвјата што зашушкаа како каширани. Над нив, н над изрежаниот срт на Шара, портокаловите цируси беа растегнати како хартија за летала. Кич, си рече Моно чувствувајќи ја правта во плунката, природата ја прави најочигледен кич. Па, откако се обиде да ја исплука правта од устата, тргна по навадениот дел од тротоарот, оставајќи се да го завлече мравуличавата врева на разврвената улица. Осветлените излози се сменуваа со згрутчените сенки од дрвјата, додека небото озгора, потпирајќи се на своите бистри длабочини, уште му се противеше на мракот. Градот прилегаше на својата сопствена макета, која склопката од дигалката на плоштадот полека ја потопуваше во темна вода. Моно инстинктивно се наежи, па потоа, откако повторно и попријатно ја почувствува сопствената топлина, помисли дека би било добро да сретне некого. Само, кого? Имаше веке неколку часа откако се беше вратил од пат, а уште никому се немаше јавено и се фаќаше во чувството дека се начудува што е тука додека би требало да биде на друго место. Играта продолжува, си рече со насмевка и ги раздвижи рамената да се стопли. Играта продолжува и ми треба ѓаволска кондиција, си повтори и заџбари по цигара. Да се пробере дома - не доаѓаше прдвид: таму го чекаше истата самотна темнина, што и израстуваше од дланките на влагата како бладачко сениште по ѕидовите. Да í се јави на Натка – исто така не доаѓаше прдвид, зашто му се чинеше дека би понижил нешто во себеси кога не би оставил средбата сама да созрее. Да го побара Јошко – беше невозможно, зашто неговите патишта во приквечерините одеа по врвици, што никако не се вкрстуваа со неговата. Моно се обѕре да ја проследи својата врвица, па беспомошно се насмевна: нејзината трага, како во вода, веднаш се губеше меѓу другите на минувачите. Колку плитко газиме, си рече и забележа, без врска со тоа, дека цигарата ја дроби меѓу прстите. Немаше кибрит, па запре еден минувач и, додека ја поземаше бубалката на жарчето, му се чинеше дека преку глуждовите чувтвува некаква вода во студено протечување. Глупости, си помислои, тоа е ветрот. Но сепак, кога му кимна на минувачот во знак на благодарност, го искористи тоа што е принаведнат за да провери што му лази по глуждовите. Ништо, си рече Моно, никој и ништо. Да сретнам некого, издивна потоа со првиот дим и не забележа кога свртел по другата улица. Меѓутоа, и оваа беше иста како одминатата: осветлените излози се сменуваа со крошните на дрвјата, додека по тротоарот, како поток со измешани матици, се вкрстуваа врвиците на луѓето. Луѓе, минувачи, лица, си викаше Моно во чекорењето: непознати луѓе, непознати минувачи, непознати лица. Некаде на крајот од улицата, небаре од под нозе, како да се дослушнуваше растовитиот говор на реката, но Моно сепак повеќе имаше впечаток дека и без тој говор се наоѓа на дното на некоја темна вода, во која е спуштен како со склопка. Треба бездруго да сретнам некого, си рече Моно и одеднаш се сепна дека чувствува речиси физичка потреба да пушти гласбез врска или да удри некој грб со сета тежина на дланката. Зошто да не можам, помисли, да ја грабнам оваа девојчинска мишка со стисокот од прстите и да ја завлечам во ноќва, која и таа нè поклопува? Зошто да не í кажам дека и таа е сама, инаку се допира со мишките на минувачите, дека тука ништо не помага човечката вреванаоколу и дека осаменоста треба храброда се потопи за да остане неудавен оној што ја носи? Зошто, кога пред чекорот има толку распаќа, што еден од патиштата бездруго ке нè однесе? Моно Симоников, со скокот под грлото и опушок пред нозете, ја подаде едната рака и со стисокот од прстите фати еден размафтан женски лакот. Каде, си рече, каде по мраков? Не мислеше ништо во моментот, како што не мислеше дали ќе мисли ни по него. Ја чувствуваше само приквечерината над очите како штотуку исткаена пајажина на клепките, која треба да се тргне оттаму со слепечки замав на раката. 2. Девојката ја сврте главата, зафрлајќи ја претходно отпуштената коса (правата и костенлива, успеа да забележи Моно) и се уште не обидувајќи се да си го ослободи лактот. - „Здраво, како сме?“ - рече Моно, а пред тоа помисли: будала, не е девојка, зихер не е веќе девојка. - „О Моно“, - се изненади девојката. - „Ти!“ - „Да, јас, сиот“, - изсрчи Моно, гледајќи во неа како што се гледа во стара окерна фамилијарна фотографија. Сега, откако беше свртена со лицето кон него, тој се судри одеднаш со обеспокојувачкото жувство дека всушност не треба да ја гледа, туку да ја препознава. Која ли беше оваа?, помисли без да посака. Таа, меѓутоа не беше зачудена. -„Од кога не сме се виделе, баш ми е мило“, - зборуваше. - „Па, како си, каде си? Ми се чини дека не сум те видела цел век.“ Каков банален почеток помисли Моно. - „Богами“, - рече, - „баш така: цел век.“ Па се обиде да излезе од тоа: - „Работам, студирам, се влечкам. А ти?“ - „Баш ми е мило што се видовме“, - се повторуваше таа. - „Јас ретко навраќам тука, знаеш - во Белград сум.“ - „Да, да“, - механички потврдуваше Моно. - „Ти одамна замина за Белград, ми се чини“, - а мислеше: кога? и мислеше: која? Макар што не издаваше вид на таков, Моно всушност беше мошне збунет и веќе се каеше што посегнал по првиот лакот во скокот на својата осаменост. Сега посегна по цигара, но уште пред да ја стави в уста, ја почуствува нејзината сува горчина, па ја врати скришум кутијата в џеб. Оваа жена до него, жена – не девојка, во тоа сÚ повеќе стануваше убеден, макар и сÚ уште непозната, мудејствуваше сепак толку познато што немаше зошто да се наоѓа себеси збунет. Не, мислеше, не е тоа: во прашање е непрепознавањето. Чекорејќи до неа со вслушнати табани, Моно í го исцрпуваше во самракот издадениот профил, а сепак знаеше дека не успева да го смести без остатокот во соодветниот исечок време, релјеф, спомен. Врвеа по кејот; реката гргореше под нозете, мракот прилегаше на талог од некоја голема вода. - „Извини“, - се сети одеднаш Моно. - „Немаш ништо против да приседнеме?“ Под згрутчените сенки на дрвјата клупите беа свртени кон гргорот на реката. - „Само малку“, - се прекина таа за миг и продолжи да зборува: - „Па, од педесеттата, веднаш штом ја завршив гимназијата. Се омажив, знаеш?“ - „Навистина?“, - стори Моно. Што навистина? се праша. - „Како вчера да беше“, - рече по инерција. Или, се дополни во себе, како никогаш. - „Навистина како вчера“, - позеде таа и се сврте малку кон него. - „А ти си истиот, ни малку не си се променил.“ - „Како мислиш: истиот?“, - рече Моно чуствувајќи ги нејзините очи како влажно го допираат. - „Па така“, - не се трудеше таа да каже повеќе од своите очи. - „Воопшто не си се променил, како да не поминале толку години“. - „Мислиш“, - се насмевна Моно, - „истиот сум несериозен, ветерничав, недозреан?“ - „Уф, каков си!“, - го удри таа по раката. - „Истиот Моно - шеготник. Воопшто не мислев на тоа.“ - „Права си“, - рече Моно обидувајќи се да биде сериозен. - „Истиот сум. А ти не си се променила многу. Само, сега си некако позрело убава, а?“ Како е тоа позрело убава?, си рече. Таа се насмеа со полно грло. - „Ми ласкаш или се шегуваш?“, - праша со насмеани очи. - „Не, сериозно“, - се трудеше Моно да го спушти гласот до тивка убедливост. - „Многу убаво изгледаш. Кога те запрев, сè имав чувство дека си некоја друга.“ - „Навистина?“, - прашуваше таа и со очите. - „Всушност“, - се обидуваше Моно да се сфати себеси, - „мислев дека си некоја друга, иако онаа девојка во тебе уште постои. Да не грешам?“ Која девојка?, се праша. - „Баш си фин“, - му ја допре раката таа. - „Мило ми е што зворуваш вака, чувствувам дека ми се враќа нешто назад.“ - „Тоа е она“, - рече Моно насмевнат, макар што знаеше дека се извлекува на најопшт начин. - „Тоа е она што ни е одземено и одминато. Само, очите ти се некако отемни.“ - „Навистина? Загледај се поубаво! Будалче тие од секогаш биле темни. Зарем не се сеќаваш?“ - „Не, спротивно. Сè мислев дека ти се светли. Интересно.“ Од каде баш така да мислам?, се запраша Моно во недоумица. - „Внимавај“, - го предупреди таа, - „да не би ме заменуваш со друга?“ - „Глупости“, - одби Моно а веднаш помисли: и да не е, се чини дека ќе биде тоа. - „Во прашање е, се чини, нешто друго“, - продолжи гласно да се извлекува. - „Можеби тогаш не сум ги загледал сосема одблиску?“ Браво, си рече, само кога е тоа - тогаш? - „Навистина?“ - Очите í беа само светнати, без верување или неверување во нив. - „А, си сакал ли?“ Дали сум сакал?, се праша Моно. По ѓаволите, си рече, се чини дека баш сум сакал. - „Да, мислам. Сум сакал и, ми се чини, дека и сега сакам.“ - „Види го ти“, - рече таа со истиот светнат поглед во кој веќе имаше и блесок на ненадејно откривање. - „Види го ти Моно“ - „Да се загледам?“ - „Обиди се. Што гледаш?“ - „Гледам една девојка со плетенки и црвени јаболкца на образите. Дај ми ја раката.“ - „Види го то: девојка со плетенки и црвени јаболкца на образите!“ - „Да, девојка во чии очи протечуваат одите од реката на едно детство.“ - „Внимавај, не занесувај се, Моите очи не се зелени.“ - „Не мислев на тоа. Мислев на приквечерините кога реката потемнуваше и кога стануваше длабока како нечии очи. Твоите очи.“ Боже, си рече Моно, - што зборувам? - „Немој“, го запре таа, - „не зборувај веќе така. Ќе ме расчуствуваш повеќе отколку што треба.“ И Моно не зборуваше веќе; но не поради друго, колку поради тоа што таа му ја беше ставила раката на уста. Моно ги чувствуваше на усните влажните јаготки од нејзините прсти и навистина немаше желба веќе да зборува. Овој молк, на вршките оде ден допир, многу повеќе муг одеше. Тој го држеше со усните како што се држи меур, кој секој час може да се распрсне во својата ништожност, и чувствуваше дека преку тој одвај овозможен допир прострујува низ него некој чуден сок, сок чиј вкус беше готов да го почуствува како непознат - можеби поради тоа што му се стори во исто време и горчлив и сладок. Ја слушаше, така, како сега таа зборува, но повеќе ги чувствуваше на усните меките вршки од нејзините влажни прсти, отколку што ги примаше нејзините кревки зборови, што правеа меур оде ден живот: Белград, брак без деца, недоразбирање околу алкохолот, љубовта, вниманието или нешто слично, па развод по толку години, пак осаменост, пак самостојност, пак почеток. Колку познато, мислеше Моно, додека оној допир не му го потврдуваше тоа. Потоа, кога во насетената недоумица како да ја утеши, се обиде да í го има лицето во оној допир, Моно се изненади од нејзиниот поглед: тој беше на самиот раб од солзите и насмевката. Што е она, помисли Моно, непознато а сепак блиско во сето ова? Таа, меѓутоа, му го задржа лицето меѓу своите дланки и почна со прстите да ги исцртува нерамнините на неговите облици. - „Што правиш?“, - со шепот се зачуди Моно. По снагата чувствуваше трпки, како пред болка. Гргорот на реката му избиваше на испотените слепоочници. - „Што правиш?“, - повтори барајќи í го блесокот на очите. - „Ги барам ридовите околу реката“, - рече таа со неговиот шепот. - „Кои ридови, која река?“ - „Жолтите ридови околу реката што потемнуваше во приквечерините. Истата река, нашата река.“ - „Секое детство има своја река“, - рече Моно небаре правдајќи се. - „Секое, да“, - рече таа со замислена недоумица. - „Само, мојата одамна е секната: сега е само суводолица.“ - „Невозможно“, - рече Моно со убедливост. - „Реката си е бездруго иста, само сега може други води да протекуваат“. - „Тоа е исто“, - помирено се насмевна таа. - „Тоа е исто како да е секната, како да ја нема веќе.“ - „А ридовите се останати?“ - „Ридовите се останати“, - повтори таа следејќи ги со поглед своите прсти што продолжуваа дам у минуваат по лицето како слатки трпки. - „Жолти тврди ридови, на кои протекуваат крвави трагиц од последните игри.“ - „Крвави траги од последните игри?“, - повтори Моно додека погледот одеднаш му стврдна. Меѓутоа, таа продолжуваше да поминува со вршките од своите прсти по неговото долгунесто лице, небаре го обновуваше со тоа познатиот релјеф на жолтите ридови. На Моно дури му се стори дека во еден миг набабрените вршки од тие влажни прсти кратко и интензивно затреперуваат. - „Истите ридови“, - прошепоти таа со повратен здив. - „Истото лице!“ Па одеднаш, неочекувано можеби и за самата неа, í се испушти некој чуден извик, некој крик меѓу липот и лутина, некој болен крик чие сечило болсна меѓу нив за да се изгуби потоа каде што се забило; но, во истиот миг додека í се испушти, таа веднаш го задуши, просто го фати во дланките и го задуши таму, оставајќи ги стврднатите прсти да í го грчат лицето. Моно не стаса да помисли: да í го грчат лицето како натопено шамиче. И веќе во следниот миг ја немаше. Моно мислеше да посегне по неа за да í ги одлепи дланките од лицето, одеднаш стврднати дланки од нејзиното лице згрчено сега како шамиче, но неа веќе ја немаше на клупата до него. - „Надо“, - срипа Моно. Тоа е Нада, помисли првпат додека ја бараше наоколу. - „Надо“, - викаше во мракот! Тоа беше Нада, си викаше. нада, Надето. - „Надо, Наде„, - викаше и го надвикуваше гргорот на реката. Го надвикуваше; но, тоа ништо не помагаше, зашто додека викот му остануваше над гргорот, тој чувствуваше како реката го однесува. 3. Не смеев да ја изгубам, мислеше Моно оддалечувајќи се од гргорот на реката. Не смеев да ја изгубам токму кога ја препознав. Сега беше возбуден повеќе одошто кога ја сретна ин а секој чекор се сеќаваше нап о нешто од нивната случајна средба, што вака обновено добиваше одеднаш за него сосема изненадно значење. Не смеев, си повторуваше и веќе мислеше како утре да ја најде. Така од зад грбот го изгуби гргорот на реката, но од тоа не почуствува дека испливал некаде. Се обѕре уште еднаш по тој гргор, но место него ги виде покрај реката круните на дрвјата, згрутчени над гргорот како сеништа од сон. Некој сон, некој збор, некој створ. Моно Самоников подголтна со напор и олеснувачки почувствува дека можеби ја потиснал грутката од некоја неисплакана тегоба. Сега само му се пушеше. По ѓаволите, си рече, кога јас ќе имам кибрит? Ја ронеше цигарата меѓу сувите прсти, но не му се запираше ниеден пушач (Народен пушач, помисли!), зошто му се чинеше дека не би можел да одрони ниеден гласен збор. Влезе во првото бифе ин а шанкот побара цигари: му беше срам да купи само кибрит. Келнерот почна да го тегне кусурот небаре низ заби ин а Моно му текна дека добро би му дошло нешто жестоко. Така ја отпи првата голтка и, додека го чувствуваше нејзиното сечило во себе, се потпре на шанкот со чашката в рака. Сега сум како фраер, се насмевна; уште ми недостигаат мукавени фармерки и небрежна брада. Меѓутоа, стоплен од голтката, Моно сосема љубопитно го разгледуваше бифето; не се сешаваше дека некогаш влегол тука. Отаде шанкот бифето всушност се прошируваше во самрачно крчмиче со неколку притеснети маси. Масите беа полни ин ад масите беше полутемно, но не се знаеше дали над нив чадот се згуснал или пак тоа таванот е потемнет. Моно не можеше никого да препознае таму, но тоа воопшто не го зачуди, зашто ин е очекуваше такво нешто, туку само со бегол поглед ги опфаќаше луѓето што пиеја, џвакаа и вревеа со темињата еден спроти друг. Само на најблиската маса до шанкот седеа двајца поиздвоени, од кои едниот беше мошне поразговорлив, поразметан и побучен. Моно ја гледаше сенката од неговите раце врз ѕидот и мислеше дека тоа го потсетува на нешто. Пак ќе влезам во некоја стапица, си рече Моно. Моно Самоников, си рече заканувајќи се со нишкање на главата, пак ќе влезеш во стапица со своето сеќавање!. Но тоа сега му беше забавно, зашто втората голтка веќе повеќе го беше стоплила одвнатре, па почна и да размислува за тоа дека човекот всушност не е ништо без своето продолжување во сеќавањето. Колку и кусо да е, си викаше држејќи ја чашката пред уста, тоа мора да е од извесно значење за човек, не толку да ги запознае другите колку да се узнае себеси. Но што да се стори против кусото сеШавање, си рече Моно намигнувајЌи си со прашање, како моево вечерва со Наде, што? Келнерот, меѓутоа, постојано го поттурнуваше од шанкот, веројатно затоа што Моно, или неговиот кусур во чашката, му пречеше во поземањето на порачките. Моно сепак помисли: се чини дека јавниот лоцал сè уштен е е место за размислување. Па, не наоѓајќи дека би можел да се противи на тоа поттурнување, се најде одеднаш пред масата на човекот што беше бучен. Овој веќе го чекаше со отворена дланка над својата чаша ин а лицето имаше некаков намиг од насмевка. што како да викаше: еве уштее ден е мој. Не обѕирајќи се на своето толкување од неговиот намиг, Моно праша дали е слободно и седан со чашката в рака. Двајцата сега беа меѓу него и ѕидот, па Моно конечно не можеше да узнае од извор на која светлина се исцртуваат сенките од рацете на човекот што беше бучен. Другиот главно молчеше: повеќе одобруваше одошто прашуваше, порачуваше кога ќе ги чашите и постојано се обидуваше да го стиша. Нед а го замолкне, забележа Моно, туку токму да го стиша. Тоа е бездруго затоа што сум им туѓ, си рече Моно. Па се сврте со рамото кон нив, за да ги поослободи колку што можеше од чувството дека им се вмешува во разговорот, но и притоа не успеа да не гледа во сенките врз ѕидот. Човекот што беше бучен, освен тоа, постојано погледнуваше накај него и бездруго го бараше неговото учество. Учество на слушач, се насмевна Моно и си спомна од некаде: да умееш да слушаш - тоа е одделна добрина. И Моно почна да слуша. Седнат така да не гледа вон ив, тој ја држеше својата чашка како макара меѓу прстите и, вртејќи ја во отпивањето, постепено го озвлекуваше котелецот од зборувањето до себе. Човекот што беше бучен, вистина, не зборуваше којзнае колку јасно, место со зборови често се служеше со извикувања, намигања, алудурања, пцости и чукање по масата, дури се слушаа и последиците од неговиот по малку одрвенет јазик, но Моно сепак со сè поретки прекини го извлекуваше за себе котелецот од смислата на неговото зборување. Тоа дури и го заинтересира, па порача уште една чашка за да ја чувствува како макара меѓу прстите. - „Разбираш?“, - зборуваше човекот удирајќи со празното дно на чашата. - „Тоа е времето, тука никој не е крив!“. - Другиот му го забележа погледот како се одбива од стаклото изневерено празен, па го повика келнерот да им донесе уште; поправо, само покажа на нивните две празни чаши и келнерот отрча на шанкот без д аим се доближи. Во каков ли однос се, се прашуваше Моно за двајцата спроти масата; баџанаци, воени другари или познаници од маса? - „Млади, аџамии, улави. Не умееја уште да се чуваат, А јас командант.“ - Моно ја виде на ѕидот сенката од неговата тупаница, на една крената тупаница чија размавтана сенка удираше по некаков ѕид како да го урива. Командант, повтори Моно во себе и со неверица го сврте погледот: човекот, макер и испнат над маста, беше сунизок и полничок, јаката му беше разгрлена ин е ја разграничуваше небричената брада од влакнестите гради, над сцрвенетото лице, челото му беше собрано во испотени брчки, додека отворената уста му ги откриваше не само жолтите заби, туку и модрите венци над нив. Командант, си повтори Моно со истата неверица и му ги побара очите, што светнаа од под сенките на веѓите како два неочекувани а празни и бели блесоци. - „Што можев: требаше да се учат на ракување со оружје, никој од нив немаше фатено пушка в рака, ги фрлив сите стари бориц за инструктори, за стража не ми остана ниеден од поопитните.“ - Како постојано да се смешка, си рече Моно гледајќи му ги венците над забите. - „А рудникот не беше ни три километриц од патот. На еден рид, гол како темево. Германците се повлекуваат, се врвчат по патот и ѕвечат, пустињето: не можеш да ги нападнеш, немаш со кого. Сè дечишта.“ - Човекот отпи долга голтка од чашата и ја забриша устата со влакнестата надланица, па пак ги откри модрите венци. А Моно се прашуваше дали и во мрак, во некој мрак на отворено, додека е облачно и сè повеќе се стемнува, дали ив о таков мрак може да се види оваа негова насмевка со жолтите заби и модри венци. - „Навистина дечишта. Ги праќаш на сража, а тие ги држат пушките како стапови за знамиња. Па уште и си разговараат со девојчињата од селото. Да пукнеш! А долу се врвчат Германците и еднаш да ти скршнат нагоре.“ - Човекот го скршна погледот накај Моно ив о тој ми год миг не му се стори дека белиот блесок на неговите очи го залепува за земја. Како кога се сретнува змија, си спомна Моно. Но не се остави на тоа чувство, туку продолжид а го гледа како се исполнува себеси меѓу два збора: како мезнува од пјатото, како го придржува капнатото со дланка, како отпива од чашата додека јаболкото му работи како клип по широката гуша, како ги протрива усните со надлактицата, ако посега по тенката цигара со дебелите прсти. Како допрва да живее, си рече Моно. - „Па кога се распрснаа, тоа новите: дим да ги нема. Ни бригаде се виде, ни стража, ни ништо. Јас, со старите, држ ваму, држ таму, ама немаше како: гротто дечишта, а нема оружје. Дури преку река, на другиот рид, почнавме да се собираме. А немавме ни наредба да влегуваме во борба, само да ги приучиме за тоа тие, новите. Та така, кога се собравме, се најдовме сите на број, ама наведени. Срамотата беше голема: на спање да нè фатат, дење. А јас командант. Само еден, мислам, загина од стражарите. Од новите.“ - „Јоне“, - рече Моно мислејќи дека си зборува себесе. Јоне е тој, си рече и ја остави недопиената чашка на маса, како макара на која веќе нема што да се намотува. Грлото одеднаш го сети стегнато и мислеше дека низ него ни нишка не може да се провлече. Тогаш го забел;ежа човекот како гледа вон его со онаа негова насмвка што не беше насмевка. Се чинеше дека тој веќе нешто рекол, дека толку нему нешто му рекол, зашто жолтите заби и модрите венци остануваа отворено свртени кон него. Командантот, се присети Моно. - „Реков“, - праша човекот што зборуваше бучно за сето време, - „да не рече нешто?“ - „Не, ништо“, - се сепна Моно и довршив о себе: Ништо важно за вас. Човекот, меѓутоа, макер и насмевната се озабените венци, се сврте од него со видливо незадоволство и се врати кон својот молчалив двојник, пуштајќи ги меѓу нив размавтаните сенки од своите раце. - „Тука никој не е крив“, - му објаснуваше, но толку бучно за да го чуе не само тој. - „Тоа е времето. Разбираш?“ Времето надвор од нас, времето околу нас, времето во нас. Моно почуствува потреба, му се стори - совршено емпирички, да ги измеша сите тие времиња, од кои човекот всушност произлегува, а кои сепак се згрутчуваат во него, па да го пушти таквото неделиво време низ себе - просто како крвоток. За да не можеме да се издвојуваме, си рече, од она што се вика време: кој ни го дал тоа? Меѓутоа, сè што успеа - тоа беше да ја измеша преостанатата содржина на чашката, пред да ја зарие во грлото и пред да се фати дека човекот пак го гледа. - „Така ли е?“, - прашуваше овој, - „така ли е“, - просто изнудуваше одговор. Моно закома со главата, сепнувајќи се: што тоа? Човекот, меѓутоа, како веќе да не бараше никаков одговор од него, туку преку неговата глава му довикуваше на келнерот нова тура. Моно ги гледаше на ѕидот зголемените сенки од неговите раце во движење и се прашуваше: каква е таа особеност на времето да се згрутчува во човека, да го прави неговото паметење кусо како мракот под клепачките, да ги претвора неговите тупаници во немски сенки пред ѕид? - „Младиве немаат поим за тоа“, - се насмевна човекот во штотуку пристигнатата чаша. Моно ја позеде неговата насмевка, мислејќи си: не, ние сме растеле в саксија, Но, сепак, не одговори ништо, додека човекот не го запечати својот заклучок со едно навидум прашално: - „А?„ - Моно насмевнат ги сви рамениците, надевајќи се дека грлото сè уштем у е стегнато за гребливата нишка на зборот. - „Колку години да си имал тогаш?“ - се надлакти човекот на маста, небаре клекнуваше да поигра со дете. Токму така, се насмевна Моно. Но, не почуствува ништо навредливо во тоа, дури му стана позабавно, иако другиот го предупреди човекот - како тоа разговара со непознат младич, рече. Моно помисли: добро е, не е дете. - „Чекај човеку“, - му одврати овој и побара одобрение во Моновата насмевка. - „Сакам да поразговарам со другарчево“. Аха, си рече Моно, сепак сум другарче. - „Па“, - отегна Моно, - „три години помалку од вашиот стражар“, - не испуштајќи ги од поглед белите блесоци од очите на човекот. - „Кој стражар?“ - „Оној“, - рече Моно, „што ви загинал тогаш без дам у го запомните името.“ - „Гледаш?“, - се сврте човекот кон другиот со чашата на полпат. - „Ти викам: дечишта.“ - Па отпи и ги лизна модрите усни, пред да ги открое венците на насмевката. - „Тоа не беше стража, туку - играчка. А тоа детиште беше уште дојдено по куси панталони.“ Тоа беан ашите последни игри, си рече Моно, за кои требаше да знаеме дека веќе не треба да ни бидат тоа. - „Колку што знам“, - рече Моно здржано, - „тие беа скоевци.“ - Знаеше дека се разминува со човеков, како со некој пат што никогаш не ќе го сети под нозе, но тоа ништо не му пречеше; ја вртеше празната чашка во прстите и се фаќаше во мислата да стане. - „Бездруго“, - рече човекот со својата насмевка. - „А од каде ги знаеш ти тие работи?“ Моно го погледна во двата бели блесока од очите и помисли дека што и да му каже тие нема да живнат со друг оган. - „Таму бев“, - рече, - „во селото бевме евакуирани.“ Потоа забележа како прорезите од очите на човекот за миг се постеснија и како од тоа нивните блесоци добија во својата бела острина. Будала, си рече Моно мислејќи дека премногу се издал. - „Аха“, - стори човекот, - „се сеќавам. Бевте една тајфа, што луљаше по ридовите и ни се плеткаше меѓу нозе. Сакавте сите в партизани, а колениците уште ви беа одрани од игри и муцките мрсулави и брндави. Што ти беше Јоне?“ Моно се сепна. Додека се слушаше како ги опишува, чувствуваше како се наежува - од противење и препознавање; но, кога го спомна името на Јоне, просто се стресна. Од каде го знае?, помисли дали забележале оти е изненаден. Не му доаѓаше на ум мислата дека човеков можел да го чуе името на Јоне и од него. - „Кој Јоне?“, - се снајде или мислеше дека се снашол Моно, но за таа одбрана веќе беше доцна. - „Јоне“, - повтори човекот, - „стражарот.“ Мртвиот стражар, го дополни во себе Моно, на кој ние требаше да му бидеме мртва стража. - „Братучед“, - рече како предавајќи се, - „братучед ми беше“, - тивко повтори и ја остави чашката на маса. Имаше чувство дека одложил некакво оружје и дека не го чувствува веќе алкохолот во себе. Овекот, спротивно, ја крена својата чаша и гледаше во Моно за сето време додека ја празнеше. Каква голтка, мислеше Моно отсутно. - „Да“, - рече потоа човекот и ја забриша устата. - „Добро момче беше тој Јоне. Еден со мустачки, нели? Не беше многу вичен за пушка, како впрочем и другите - сите нови, но добро момче беше.“ Ме мачка, си рече Моно. Зборовите на човеков го стагаа како навреда, можеби и затоа што беа прмногу студени за нешто што кај него сè уштен е беше истудено. А можеби ин е го знае, си рече одеднаш Моно; зошто инаку би ме препрашувал дали Јоне имал мустачки? - „Што Ќе правиш“, - му се обрна човекот на другиот. - „Такво време: најдобрите загинаа.“ Моно се обиде да му го фати блесокот на очите, но во тоа не успеа. Сакаше да види дали ќе најде соодветство меѓу нивниот и зборовниот израз. Мислеше: дали навистина најдобрите изгинале или пак се најдобри затоа што изгинале? Човекот спроти него шумно мезетеше и ги покажуваше модрите венци над забите. Моно сè уште беше во недоумица дали тоа му е насмевка или пак само здравје. А можеби и некој грч, се запраша за миг, што се скирл себеси за да го зачува неговото здравје? Моно со непријатност почуствува дека го сожалува и одеднаш сфати зошто за сето време во себеси не го викал командант. Тој е сепак само човек, мислеше Моно гледајќи го како со дебелите прсти го гмечи мекиот залак. Потоа стана и му кимна со главата. Човекот ја крена раката во поздрав и Моно ја понесе во погледот сликата од сенката на ѕидот. Тоа беше една размавтана тупаница, која меѓутоа не уриваше веќе никаков ѕид. 4. Часовникот на Офицерскиот дом, како пилиштарец на брег со глуждовите в река, фрлаше нап лоштадот камења од бројното време. Празниот плоштад се мрешкаше како накострешено езеро и неговата сива калдрма сосема прилегаше на раширена мрежа, фатена во камењето на своето безвремие. Сега ќе поминам преку него, мислеше Моно Самоников, и никого нема да препознам. Беше наежен од некаков несфатлив студ, токму како навистина да минуваше преку бранови. Не ги одбројуваше камењата од ударите на часовникот горе, иако тие можеа да го залажат дека сами му се поставуваат пред чекорите за да не пропадне во водата. Ги чувствуваше само ушите дека му се крваво вцрвени, како жар под некоја пепел што широко се мешколела мислејќи дека ја покрива. Камењата од часовникот паѓаа на плоштадот, ширејќи околу себе кругови тишина. А Моно знаеше дека круговите бучава, што се измеуруваат од под неговите чекори, им се противставуваат сосема инаетчиски но се сосема безмислени на тие бранови озгора, така што од тој судир што оставаше зад себе витал ишмукан воздух Моно се чувствуваше како во некое безпричинско, глуво и забавено гонење. Кој ме гони?, мислеше Моно. Никој, си одговараше. Никој, си повторуваше со секој чекор. А сепак чувствуваше дека ушитем у горат и дека оди преку плоштадот не обѕирајќи се, небаре гази по камења во вода. Така го помина плоштадот и слушна како последниот камен од Офицерскиот дом го спушти грбот заедно со последниот чекор по калдрмата нап лоштадот. Колку ли е часот, сакаше да помисли. Но му се стори сосема неумесно да погледнува во рачниот часовник, кога веќе не ја минал низ прсти ретката песок што истечуваше од четвороликиот череп на часовникот горе. Тогаш се фати дека ушитем у истинуваат и дека од тоа по снагата му избива некаква доцна пот. Моно, си рече, кутри Моно: тоа е страв. Од што ли се плашиш, кутри Моно, кога минуваш по празен плоштад во доцна ноќ на рана пролет? Моно Самоников се обѕра крадешкум околу себе и погледна во часовникот на раката. Не запамети точно колку е часот, но сепак се утеши дека погодил оти е доцна. По крајбрежјата од плоштадот, како по песок од брег, сè уште стоеја населените островца од профученото корзо: заостанатите шетачи уште ја одржуваа познатата врева од договарања, дошепнувања и озборувања. Моно се фати себеси дека избегнува да се сврти кон нив и најпосле мораше да си признае дека се плашел да не го препознае некој оттаму. Кој, се запраша. Натка, уредникот, Јошко, Наум? Не знаеше кого да одбере за да го замисли во некое од оние островца по плоштадот, сè уште што се одржуваа над површината од тишината, но сепак му се чинеше дека таму би можел да биде секој од нив и дека токму поради тоа ушитем у биле темно усвитени. Тие знаат дека не сум тука, се обиде да се насмевне Моно, а јас се талкам како сениште во нивниот свет. Токму така, си повтори, во нивниот свет. Тоа му доаѓа како некој вид цриминал, си рече Моно веќе избеган од голината нап лоштадот. Чувствуваше и сега нешто од онаа возбуда, со која го беше поминал тој отворен процтор со предавничко тло, но веќе без оној оган по ушите дека некој ќе го запре. Ракавите на улиците сега му ги откриваа сенките на своите пазуви и Моно потонуваше вон ив со сè поотворено признание дека всушност нејмногу се плашел од средба со Натка. Како би се држел?, се обиде да си претстави Моно. Како?, мислеше. Но, и покрај сиот напор, не можеше да си ја доведе пред очи таа слика. Ми недостига нешто, мислеше Моно, некој момент или некое чуство, со кое да ја предизвикам во ваква или онаква смисла. Се сети дека оној пат, кога Наумче го наведе во разговорот на Натка, дека ни тогаш не го почуствува она што се чинеше сосема природно - не почуствува дури ни гнев. Гнев, љубомора или просто навреда. Дали нешто не е во ред со мене, мислеше Моно чекорејќи по улицата, дали нешто ми недостига или пак едноставно не го имам за свое она што всушност не е само мое? Си погледна во раката и забележа цигара. Цигарата му беше веќе омекната меѓу прстите и Моно се сети дека треба да побара кибрит. Не, мислеше додека буричкаше по џебовите, во прашање се чини е нешто сосема друго. Нешто сосема едноставно: човек просто се издвојува од другите штом почне да мисли, зошто е мошне малку веројатно дека текот на неговите мисли докрај ќе се поклопи со оние кај другите. Јасно, си рече и тоа му зазвуча како заклучок. Што јасно?, одеднаш се запраша. Рацете му беа празни. Јасно, си повтори со свикната горчина на насмевката. Е Моно Моно, си рече и се предупреди со нишање на главата: пак немаш кибрит! Меѓутоа, сега не беше лут на себеси ин е мислеше да си рече: до кога ќе немаш кибрит? Спротивно, чувствуваше дека се обраќа кон себеси со еден неочекувано благ прекор, како кон некој за кого е усвоено дека е веќе непоправлив. Цигарата му стоеше меѓу прстите мека а студена и Моно не знаеше што да стори со неа, па најпосле ја стави в уста и така продолжид а се пробива низ сенките на улиците. Ќе сретнам некој пушач, се надеваше: народен или ненароден, сеедно. Беше наполно свикнат со тоа дека го загубил кибритот, сепак се фаќаше себеси дека, додека чекори по пустите улици мислејќи на друго, со едно крајче (како неговиот уредник: со крајче на устата, со крајче на насмевката) од истата мисла се напрега да се сети каде го заборавил. Нез а друго, се тешеше, колку да си ги фатам слепите чекори. И, кога се сети, се израдува како да го нашол. Па да, си рече, на масата во бифето. Беше задоволен, како да се обѕрнал по изгубен пат што го изодил од едно подножје до друго. На средината од тој пат во патување, на најниското место меѓу тие две подножја, небаре на затрвнато мочуриште, стоеше крчмата како патен знак со изгубено значење: не се знаеше кој пат покажува и дали воопшто од неа води некаков пат. Сето сивило на светлината наоколу се собираше на нејзиниот ѕид, како во тврда и студена леќа, и Моно јасно виде дека по тој ѕид, како гранка под нога, удира една машка јазлеста тупаница, чија мускулеста сенка се расплинува во одеднаш зголемена локва влага. Пак таа тупаница, си рече Моно. Се чини како навистина да сум убеден дека со тупаница се урива ѕид. Се сети на човекот што беше бучен во бифето и чија рака се свиваше во тупаница околу трошната чаша. Погледа во својата дланка што беше собрана околу студената цигара како тупаница во настанување. Не мислеше веќе на кибрит, туку на тоа што би станало со цигарата ако ја престори раката во тупаница. Дан е би да пресилувам?, се предупреди и ја врати цигарата в уста. Меѓутоа, по улицата не сретнуваше пушач и тоа одеднаш му се стори сомнително. Така се виде дојден до дома. Едноставно го крена погледот и почуствува како овој му се закачува на неговиот темен прозорец. Беше толку изненаден од тоа што одвај забележа дека гледа вон его како во туѓ - како во нешто што со напор се препознава. Како во Нада, се сети Моно со крајот од мислата. Не се сеќаваше дека во кој ид а е момент, откако се има вратено во градов, барем помислил да науми да појде дома. Прозорецот го гледаше преку дворот - темно, отсутно, непрепознавачки, небаре обневиден од исчекувачкото ѕирање во некакви далечини. Беше бесмислено да се остане тука или да се обѕре назад: немаше ништо видливо што да го довело дотука. Моно плукна зад себе, како против урок, и скришум погледна во изобличените сенки на ноќта што му го здиплуваа изодениот пат. Раздвижени од некаде, тие прилегаа на листови што затвораат нечија книга. Моја книга, си рече Моно. Се насмевна на своето одвај пробудено вообразување, но сепак почусвува лессен скокот во табаните: навикот од страв го гонеше во бегство. А секој чекор, мислеше Моно свесен дека веќе табаните му се во движење, секој чекор ни е плитка трага што некоја вода како време ни ги покрива веднаш зад петиците. Чекорите кусо му одекнуваа по улицата и Моно сосема убаво ги слушаше како потонуваат во ноќта. Тоа е како тупаницата против ѕидот, си рече. Беше веќе под прозорецот и се искачуваше по неколкуте скали. Куќата беше мирна, како напуштена црква. Моно го најде клучот во џебот и помисли: што ли ќе барам дома? Не знаеше, како што не знаеше ни дека цигарата му е сè уште во устата. Па да, си рече и живна: кибрит. Мора некаде во собата да има кибрит. Моно решително го сврте клучот и ја турна вратата, како да очекуваше дека внатре го очекува нешто неочекувано. Одвнатре го удри, како дланка чад, истушениот воздух - здив на прав, киселина на опушоци, мирис на водна трева. Моно ја чкрапна ламбата и му се стори дека сето тоа оди некаде под глуждовите, додека во погледот му остануваа лепливите трепки пајажина. Кој ли идиот, си рече Моно бранејќи се од пајажините, кој ли идиот живее во оваа дупка? Тој ја потисна вратат со грбот и слушна шушкање под ногата. Тоа беше првиот шум што го слушна во својата соба и затоа без двоумење се наведна. На поцрнетиот под, небаре на провев, мрдаше ливче хартија, притиснато со едниот крај од неговата петица. Како птица, си рече Моно; па забелажа дека е свиткано надве и го крена. Таинствената порака, помисли, во стилот на оваа ноќ. Оддипленото ливче се смешкаше со шашливиот ракопис: „Моно, од стара мајка дете, јави се веднаш штом ќе дојдеш, умирам д ате видам. Јошко.“ Умираш, повтори Моно и со заканувачка насмевка го фрли ливчето. Умираш, топки. Згрчената топка од пораката, меѓутоа, полека се раствори на подот и заприлега на бела ружа. Но Моно веќе не ја забележуваше дека ја гази, ја шутка и ја гмечи; додека таа пак и пак бело се отвараше на црниот под, како расцветување во цртан филм; додека тој го бараше кибритот, никогаш што го немаше. 5. Долу беа црните ѕидови, а горе црните покриви; обете топло размекнати од ноќта. Прозорецот на Јошко трепереше среде нив, како железничарски фенер над згура во чадење. Чардак ни на небо ни на земја, си рече Моно и се наведна. Тоа уште повеќе му го залула сеништето на куќата пред него, но Моно сепак успеа да наџбара камен. Се исправи како да застанува на тврдо и замавна кон единствениот осветлен прозорец. Зад него дури ни ѕвездите не беа светли. Во ваква ноќ, помисли Моно ослушнувајќи, звукот е удар. Топлата, црна, притивната нишка на ноќта може и да се сепне, изнесувајќи ја скината нишка на сонот како изгризан ремен во муцката. Но ништо не трепан кога ударот се разби на стаклото, па дури ни светлиот прозорец. Место тоа, на него се покажа една сенка, што се преполови како префрлена кожа на работ. - „Кој е?“, - се слушна оттаму. Моно не можеше да види кој е. - „Јас“, - рече со најсилниот шепот. Од прозорецот панда нешто како испуштен издив, а Моно влезе во дворот како во наведната влага од мрачен овоштарник. Да го додржам издивот, се насмевна Моно, за да не се разбие на плочникот и да не предизвика уштее ден удар по модрото тело на ноќта. На лицето уште ја имаше таа модрица од насмешка кога Јошко го внесуваше во својата соба низ скалите, килимчињата и претсобјето. - „Јас“, - повтори со истиот шепот, - „Моно Самоников, студент, нетукашен, од стара мајка дете.“ - „Од каде ти?“, - праша Јошко затворајќи ја вратата зад него. Се чинеше како да ја крие насмешката или како да се срами од неа. - „Не мораш да шепотиш, старите спијат.“ - „Си умирал да ме видиш“, - рече Моно обѕирајќи се каде да седне. - „Да“, - сериозно рече Јпшко. - „Еве, седни овде. Ти оставив една белешка вечетва. Поправо, ја пуштив под врата. Си ја нашол, значи?“ - „Се разбира“, - рече моно со здебелен глас. - „Идам право од дома. Дури ни кибрит не успеав да купам попат. Имаш?“ - „Како и секогаш“, - констатира Јошко. - „Немаш. Ќе најдам во кујната. Сакаш вишновка?“ - „Може“, - се согласи Моно небаре во недоумица, - „ако оди по ракија. Мајсторија на старата?“ - „Да, зошто да не“, - ги стутка одговорите Јошко и претпазливо скрцна со вратата. - „Веднаш“, - рече. Моно со насмешка му кимна и ја извади кутијата со цигари. Омекнувајќи го тутунот под прстите, се огледуваше околу себе како штотуку соблечен нап лажа. Секогаш кога доаѓаше кај Јошко потонуваше во некакво пријатно чуство, како во топла пареа до гуша. Собата не беше наместена којзае колку комфорно, имаше само неколку парчиња мебел и едно килимче насреде, но сета мирисаше како по дожд - на дрво извадено од вода, на испрана дланка, на мокар лист. Јошко - дете мошко, се потсмевна Моно. Имаше моменти кога му завидуваше дека живее со своите - а тоа обично беше тогаш кога ретко дожѓаше кај него - макер што не забораваше дека токму од тоа беше избеган кога дојде во градов да биде нетукашен. Вака седнат овде, не сакаше ни да помисли на својата соба, но сепак, кога беше таму, вон еа, му се чинеше дека нема такво нешто што би можело да ја замени. Услови како кулиси, си рече Моно помирливо: ти ги движи некоја сила од зад нив, а ти се движиш меѓу нив и се мачиш да си вообразиш дека си роден сосе нив. На масата, на дофат од раката, имаше отворена книга и Моно посегна со погледот по неа. Дали поради начинот на кој влезе (камен во стакло), или поради страничната осветленост на собава (ламба зад масата), или пак поради оној камфорен здив од ѕидовите (испрана дланка) - претчуствуваше дека е некој криминален роман. Грин, претпостави. Меѓутоа, беше Сартр. Моно прочита: - „Го фатија Грис. - Затреперив. - Кога? - Изутринава. Будала бил. Заминал од својот роднина, зошто се спречкале со него. Можел да се скрие кај кого ид а посакал, но не сакал кон никого да биде обврзан. Рекол: би се скирл кај Ибиет, но бидејќи е затворен, ќе се скријам во гробиштата. - Во гробиштата? - Да. Мошне глупаво. Се разбира, изутринава поминале одонде, ин е можело поинаку да биде. Го нашле во колибата на гробарот. Пукал на нив, и тие го застрелале. - На гробиштата? - Светот околу мене се сврте, а кога дојдов на себеси, седев на земја. Се смеев толку гласно, што солзи ми искреа од очите“. Моно се сети за иследувањето пред тоа, за случајното и бизарно предавство, чие место како неслучајно да се изедначуваше со гробиштата; но онаа смеа до солзи не му се стори толку поулавувачка колку самоказнувачка. Па сепак, си рече, каде потаму од казната? Старото правило на казната, да одзема од човека, како да продолжува само во нови видови. Во собата влезе Јошко. Моно го гледаше како му приоѓа, со старински подавалник во рацете, молкома, со сведен поглед и некако свечено - како за причесна. Тоа ли е пријателство, мислеше гледајќи го блесокот во Јошковите раце; да предадеш, а потоа да се казниш? Поправо, да се казнуваш со години без ништо да повратиш од она што ти е одземено пред казната? Тоа е убиствено, мислеше Моно, тоа е ако да гледаш во сончевина. Па сепак, гледаш. - „Повели“, - изусти Јошко. Подавалникот го изгуби својот блесок, беше само истудена рамнина со вдвоени: шише, кибрит, чаши. - „Го читаш Сартр?“, - праша Моно. Содржината на шишето му се стори густа како крв. Како ќе се голта?, се праша. - „Штотуку почнав“, - одговори Јошко седнувајќи. - „Ти се допаѓа?“ - „Не“, - отсече Моно. - „Не поднесувам писателот да е поциничен од мене.“ - „Циничен?“, - се зачуди Јошко. - „Зошто циничен? Тој е само интелигентен, отворен, несентиментален, современ, дезилузионист.“ - „и така натаму“, - го дополни Моно со омаловажување. - „Во секој случајм не сакам писателот со секој збор да ми дава на знаење дека е поумен од мене.“ - „Грешиш“, - забелаша Јошко, - „барем во случајов. Или пак на лева нога си станал. Навистина“, - се сети палејќи кибритче - „се враќаш од пат: којзнае каде си спиел.“ - „Прав си“, - рече Моно зачурувајќи ја цигарата. - „поправо, прониклив. Спиев во воз, тоа не беше сон: некоја плитка и напорна дремка, во која ти останува само да бладаш.“ - „Да“, - отегна јошко. - „поткрепи се. Се надевам дека сепак си ја извршил задачата. Пардон, мисијата. Заборавив на возвишеноста од твојот позив.“ - „Така е“, - рече помирено Моно и отпи од чашката. - „Имаш право да се подбиваш.“ - Уф, си рече, фино: слатко а луто. - „Имаш сосема право“, - продолжи не оставајќи ја чашката, - „зошто твојот новинар, драги мој Јошко, и овој пат, како впрочем и порано, едноставно се размина со задачата. Куршлус, тоа ти е.“ - „Каков куршлус?“, - се зачуди Јошко досипувајќи му во чашката. - „Колку што се сеќавам, овој пат парите не ги слисти пред да појдеш на пат.“ - „Да“, - се согласи Моно, - „овој пат го избегнавме тоа. Но се случи друго. Знаеш, со мене секогаш мора нешто да се случи: нешто непредвидено.“ - „Знам“, - го прекина Јошко. - „Ти патиш малку од тоад а пронаоѓаш врски меѓу нередот надвор од тебе и немирот во тебе. Извини“, - се насмевна, - „мислам дека не сум навредлив. Куршлус, рече?“ - „Гледаш“, - подзеде Моно, - „твоите забележувања се многу точни, иако ништо не објаснуваат. Понекогаш ми доаѓа да ти завидам. Знаеш, да ти завидам за твојот мир во тебе и за твојот ред надвор од тебе, како што убаво се изрази. Но пак, од друга страна, штом ќе ти позавидам, веднаш забележувам дека всушност сум посакал да бидам некој друг. Разбираш: не јас, туку некој друг!“ - „Добар си“, - се насмевна Јошко. - „Дај да ти сипам уште малку. Макар што велиш дека не си спиел, човек не може д ате фати на спиење. Само, не продолжи.“ - „Вишновкава е крвава“, - рече Моно. - „Чуствувам како ми ја бистри главата. А и ти“, - додаде отпивајќи, - „како нешто да си добил од новава лектира. Некое остро, иронично забележување. Внимавај, тоа не е секогаш пријатно, особено ако имаш чувствителен соговорник. Уф“, - се прекина во голтката, - „ќе заборавев д ате прашам за љубовта. Натка се викаше нели?“ - „Натка број два“, - се насмевна Јошко. - „Но тие сега не се на дневен ред. Ајде, остави ги тие штосови: должиш како роман во продолженија.“ - „Мислиш“, - рече Моно, - „дека сакам д ате заинтригирам? Не“, - си одговори и ја остави чашката. Впрочем, забележа, празна. - „Не знам како да ти објаснам, толку е сето тоа глупаво. Знаеш, како во евтин филм: влегуваш во погрешен воз.“ - „Воз“, - повтори Јошко, - „погрешен? И тебе тоад а ти се случи? Не разбирам: да не си се скарал со Натка?“ - „Ама не“, - брзо се поправи Моно а помисли: море, се чини дека баш сум се скарал. - „Возот не беше погрешен, туку јас слегов нап огрешна станица.“ - „Пак не разбирам“, - ги крена рамениците Јошко. - „Но, ништо, продолжи.“ - „Нема што да не се разбере“, - рече Моно по малку нестрпливо. Глупаво, помисли, најпрости работи не умеам да објаснам, ако треба воопшто да се објаснуваат. - „Така“, - отсече со нетрпение кон самиот себеси, - „просто: кога слегов на станицата забележав дека сум погрешил.“ - „Интересно“, - забележа Јошко со наместена чуденка во гласот. - „Тоа како да не е многу далеку од тебе. мислам“, - додаде изострувајќи ја чуденката од иронија, - „од твојата сложена природа.“ - „Не иронизирај“, - смирувачки го прекина Моно. - „Само ме обесхрабруваш, а знам дека не си таков. Слушај, што знаеш ти за чувството на вина?“ - „не разбирам“, - рече Јошко со чашката на полпат. - „Навистина, нет е разбирам: ти правиш такви пресврти, што човек најсериозно не може д ате сфати. Чекај, да не си веќе пијан?“ - „Не“, - го смири Моно и со насмешка му ја поттури празната чашка. - „Не сум пијан, дури мислам дека никаков пијалак не може да ме фати вечерва. Друго е во прашање. Благодарам“, - се прекина враќајќи си ја чашката пред себе. - „Не ми одговори: дали некогаш си се почувствувал виновен за нешто? Ама, внимавај, за нешто покрупно?“ - „Не знам“, - се замисли Јошко. - „Не знам, не сум сигурен, не ми текнува. Ти си воопшто толку наврапит вечерва!“ - „Нешто“, - продолжи Моно не обѕирајќи се на неговата забелешка, - „нешто што да е такво, да речеме, за д ате прогони потоа долго време. Некоја вина со тежина во тебе, а?“ - „Не знам“, - во недоумица одговори Јошко. - „Многу си матен и апстрактен, знаеш. Богами, не знам.“ - „Да“, - кусо заклучи Моно и стана со чашката в рака. - „Мислев дека е така, мислев дека не го познаваш тоа чувство. Е, гледаш, тоа не е случј со мене!“ - „Види богати“, - изусти Јошко вртејќи го оздола погледот по него. - „Тој го познавал! И баш го познаваш, тоа чувство на вина? И тоа во врска со погрешната станица, сакаш да кажеш?“ - „Сè повеќе си прониклив“, - забележа Моно пред да ја искапи чашката. - „Дури ид а ти е тоа од вишновката, пак е добро. Да“, - рече и почна да шета по собата, - „погрешна станица. Знаеш, се будиш одеднаш од некој лош сон и веднаш навлегуваш во неговиот предел. Поправо, не знаеш точно дали си се разбудил, дури и она одеднаш не знаеш кога точно паѓа; во секој случј, се гледаш себеси како навлегуваш во една реалност која не е твоја сегашност, но сигурен си дека некогаш била твоја. И деталите од таа минатост полека ти се оддиплуваат, сосема убаво се оддиплуваат, единствено - во спротивна насока, така што ти навлегуваш во таа реалност како некој пред тебе да одвива патека од одживеа живот, кој сега пак оживува. Разбираш?“ - „Не“, - рече Јошко, суво, седејќи. - „Не разбирам. Терај понатаму, има уште вишновка.“ - „Благодарам“, се прекина Моно за миг без да погледне озгора. - „Навлегуваш во тој некогашен живот, што се зачувал во тебе како лош сон, и полека сфаќаш дека тој уште е жив. Погрешната станица веќе не ти се чини погрешна, туку законита: еднаш си морал повторно да слезеш на неа. Просто чувствуваш, додека одиш по таа патека, дека си морал уште еднаш да влезеш во тој живот. Зошто, сè повеќе и сè посигурно доаѓаш до свеста дека оној живот не си го изживеал сосема.“ - „Аха“, - затресе Јошко со главата, - „почнувам да сфаќам: зборуваш за минатото, нели? Интересно“, - рече и веднаш ги допре усните до чашката. - „Тоа ти е“, - продолжи Моно мислејќи: лаже, ливадата, дека му е интересно, ама ако. - „Тоа ти е како всушност назачки да го доживуваш својот тогашен живот. И, токму затоа што е така, прво ги имаш последиците, а потем причините, па веќе сè ти е однапред јасно и уште ти останува да ги согледаш одново оние моменти, кои сега ти доаѓаат како несоборливи докази што само требало да се поврзат - за да ги имаш како камења врз себе. Така, уште штом стапнав на таа обратна врвица, јас веќе знаев дека чувството на вина е една извесност во мене, една сега пак болна извесност. Докажувањето на вината беше потаму само прашање на одвивање на асоцијациите.“ - „Интересно“, - повтори Јошко одлепувајќи ги усните од чашката. - „Се познава дека студираш право: обвинителната тирада ти е на висина.“ - „Ти си ливада“, - рече Моно со снижен глас седнувајќи и самиот. - „Мислев дека ќе бидеш посериозен. Тоа е прашање од животна важност за мене. Дај ми уште една чашка!“ - „Не се сомневам“, - одврати Јошко наведнувајќи го црвеното Шише над неговата бела чашка. - „Не се сомневам дури ни во тоа дека можеби само си умислуваш некои работи. Меѓутоа, ти забораваш на простиот факт: колку години си имал тогаш?“ - „Господи“, - издивна Моно не донесувајќи ја чашката до устата. - „Тоапатоа: колку години си имал, па колку години си имал? Како да се важни годините кога е во прашање сосема определено чувство на вина! Јас се чувствувам крив, ме разбираш ли? И не сакам никој со сила да ми ги затвора очите!“ - „Добро“, - отегна Јошко потпевнувајќи и запирајќи го со дланката. - „А д ате прашам јас нешто: дали тогаш си се чувствувал крив? Тогаш, во моментот, а не сега, дополнително?“ - „Тоа не е од никакво значење“, - се одбрани Моно со обете дланки. - „А, дури и да не сум го имал ова јасно чувство на вина, мора нешто веќе да сум чувствувал кога веднаш сум се вдал во она бегање прекутрупа по ридот. Мислиш ли воопшто дека во таков момент може да се има како сосема определено едно такво чувство?“ - „Признавам, не сум сигурен“, - рече Јошко барајќи цигара. - „Но сè ми се чини дека тогаш нијинтензивно си можел да чувствуваш само страв. Чекај, не брани се. Ништо друго освен страв. Тоа не е стамно да се признае, зошто?“ - „Ама не“, - нестрпливо одврати Моно подавајќи му од своите цигари. - „не е работата во непризнавање. Само, ти го изместуваш прашањето. Јасно, тука имало и став. Но тоа не е сè, тоа е само формата. Суштината е во она чувство, за кое целава вечер ти зборувам. Разбираш? Стравот поминува, тоа останува.“ - „Останува“, - повтори Јошк оне криејќи го имитирањето. - „И се претвора во грд сон што те гони со години. Нели, тоа сакаше да го кажеш? Само“, - нагласи Јошко заплашувајќи со чашката како со показалец, - „јас сепак мислам дека тин ад сè драматизираш. Литераризираш, брате. Просто на просто, надуваш некои работи, си вообразуваш, домислуваш. Јас не знам зошто. Белки не затоа за да се чиниш по секоја цена посложен?“ - „Ти благодарам“, - рече Моно со стиснати усни. - „Ти благодарам што ме тешиш, макер ин а еден малку навредлив начин. Сепак“, - повтори небаре заклучувајќи, - „ти благодарам.“ - „Ама“, - се спротивстави Јошко поткевајќи се на столот, - „немој така. Не сакав така да ме разбереш. Јас само мислев на тоа дека извесни детски игри не треба да се квалификуваат како сериозни чекори. Само толку.“ - „Па токму тоа“, - скокна Моно, - „токму во тоа е прашањето: дека не се работи веќе за детски игри. Сфаќаш? Макар што се чини дека се детски игри, тие веќе не се тоа. Не се тоа. Од каде инку ќе се зароди такво чувство. Какво што е ова - за вината? Зарем не го сфаќаш тоа? - „Сфаќам“, - рече Јошко, - „како не сфаќам? Само сепак“, - продолжи побавно омакнувајќи ја цигарата, - „сè ми се чини дека ти тука мешаш искуства од два временски плана: тогашен и сегашен. Навистина“, - го подзапре со дланката, - „со тоа ти го збогатуваш своето првично искуство, но истовремено ин е чувствуваш дека по малку и го фалсификуваш. Просто, му придодаваш отпосле нешто, што тогаш тоа го немало.“ - „Уф“, - стори Моно одложувајќи ја чашката. - „Човек тебе не може д ате убеди. Сфаќаш: се работи“, - продолжи веднаш барајќи со прстите соодветен збор, - „се работи за едно лично искуство, едно искуство, разбираш, што е тешко подложно на докази. Нели?“ - „Како сакаш“, - му се откачи на Јошко. - „Ако толку сакаш да се комплексираш, нека ти биде. Во секој случај“, - продолжи со друг тон, - „си направил едно непредвидено патување, од кое се враќаш уште поконфузен.“ - „Глупости“, - го прекина Моно не дослушувајќи му го крајот на реченицата. - „Никогаш не би си простил да не сум го направил!“ - „Едно непредвидено патување“, - се продолжи Јошко насмевнувајќи се, - „при што си го зарежал планираното и задолжителното. Како мислиш сега да се појавиш в редакција?“ - „Не знам“, - изусти Моно запислено. - „Не сум мислел на тоа.“ Не мислеше ни сега на тоа, туку на она што дури сега му допре до свеста. „Се враќаш уште поконфузен.“ Се почувствува одеднаш исцрпен, како стара глад во утробата. Седеше во столот без секакво движење, без желба и потреба за секакво движење, и речиси физички чувствуваше како погледот му истечува во празнината на собата - како вода што истечува. Подавалникот лежеше пред него како мртва белка во око. Преостанатат содржина од шишето стоеше врз подавалникот како свежа модрица: потемнуваше и болеше. Моно се чувствуваше изпразнет и знаеше дека таа празнина го копа со каењето што се искажал. Веќе се каеше за тоа, иако се сеќаваше дека не почнал со мислата да го убеди Јошко. Дури и неговата навреда, дека се вратил уште поконфузен, не го болеше. Го болеше онаа празнина, што ја почувствува дури тогаш кога се искажа. Празнина како пустина, мислеше и се плашеше дека ќе се истрошив о песок, што ќе остане безотпорна пред ветровите. - „Ајде“, - го поткануваше Јошко со полните чашки. - „Ти треба кондиција: влегуваш од игра во игра.“ Моно го слушаше од другиот крај на таа празнина ин е можеше да различи чии се тие познати зборови. Воопшто, сè му беше познато, но сепак - непрепознавачко. Како сето ова да се случува во негово присуство, но не навистински: Јошко, лице од гримаси, раце во движење, зборови околу нив; подавалникот насреде, помножените кругови водени трагиц, талогот од шишето како модрица што поцрнува; една рака пред него, чашка во прстите како свеќа, темно поигрување на пламенот вон еа, една бескрвна рака како мека а студена риба на камен. Јошко зборуваше за нешто како: ја видел натка, Натка број еден, го видел и Наум, ги видел заедно, не сакал дам у каже, но се чувствувал задолжен, како другар и како пријател, зошто му се сторило сомнително, ништо повеќе. Моно го слушаше како од некоја празнина што сè повеќе се шири ин е мислеше на ништо, поправо мислеше, но мислеше на тоа како таа празнина всушност е пустина што го наоѓа сам, и само се плашеше да не се истрошив о песок, да не се истроши одеднаш во сува песок, што ќе го остави безотпорен пред ветровите. 6. Кога се разбуди, му беше како најпосле да ја изодил таа празнина: не се сеќаваше за никаков сон, за никаков збор, за никаков створ. Ја чувствуваше содржината на главата како спечен плод што празно, кратко и болно одѕива кога ќе се допре до внатрешните ѕидови од черепот. Еј Моно Моно, си викаше Моно Самоников кревајќи ја главата со помош на ѕидот: изодуваш празнини и самиот се испразнуваш. Не отварајќи ги очите, веќе знаеше дека тие ќе го заболат како да одлепува засушени усни од рана. Дланките му беа наполно суви и Моно ги слушаше како му шушкаат на образите, како хартија пред грчење. Колку ли е часот, мислеше имајќи ја отаде клепачката белина на денот како недопрена хартија. Не знаеше ни колку е часот, ни кој ден е, ни зошто е така и трепереше од превиот потег по белината на овој ден, небаре требаше врз снежна локва прв да остави предавничка трага. Навистина, се напинаше да се допре до земја, што станува овие денови: што станува деновиве, и со мене и со нив? Знаеше дека нешто се случува, но не знаеше што; а знаеше, исто така, дека ако сега не го узнае тоа, уште помалку ќе може да го улови кога денската белина ќе му пливне во погледот. Избиструвајќи му ги белките, се дорече, сега бездруго крвави. Тогаш слушна некое шушкање и веднаш знаеше дека не е од допирот на неговите дланки. Одлепувајќи ги очите, само помисли: барем ќе узнаам каде сум. Не ќе знам ништо повеќе за себе одошто сум знаел и вчера, освен дека и гурелките содржат болка. - „О“, - стори Моно или помисли дека сторил. Не, си рече, невозможно: усните ми се уште посуво залепени. Беше во својата соба; но, тоа не му остави никаков впечаток, иако не се сети ни да се праша дали се сеќава како дошол до неа. Беше во својата соба и сè вон еа беше обично, освен столот меѓу масата и креветот. Тој беше поместен како во движење, како на полпат, и врз него, живо колку манекен во излог, седеше Натка Јовановска. Испната во половината, со стапалата во чекор, таа седеше на работ од столот, со чанта на колената и дланки врз чантата, како штотуку да дошла или како штотуку да не пошла. Човек да помисли, си рече Моно трепкајќи, дека е цртеж што само треба да се анимира. - „О“, - рече. Сега знаече дека рекол: усните му се одлепија отворајќи ја горчината. - „О“, - рече, - „каква изненада: излегуваш од еден сон, а се наденуваш на својот. Одамна си дошла?“ - „Целава изутрина“, - рече Натка. Без да мрдне со кој ид а е дел од телото, помисли Моно: како гласот да í излегува нео д неа, туку од празниот процтор што само го зафаќа. - „Целава изутрина седам овде“, - повтори таа без никаква боја во гласот, - „и го вдишувам обој пештерски воздух. Дан е си го заклучил ин его кога сип ошол на пат?“ - „Не знам“, - одговори Моно обидувајќи се да се насмевне. Интересно, си рече, што ли сака со овој начин? - „Можеби. Сакам зад себе“, - додаде гледајќи ја сè уште отсутно, - „да оставам барем заклучено.“ - „Барем?“, - прашално повтори Натка и го сврете погледот на полпат кон него. - „проветрував додека спиеше, но собава не престанува да здива на нешто ужасно застоено. Барем“, - повтори со прашање, - „кога не можеш што?“ - „Па“, - отегна Моно двоумејќи се, - „кога не можам да го заборавам клучот од тоа заклучено.“ Сега ќе се навреди, си рече, или не: ќе í стане толку јасно за да се откаже од секакво противење. Ја гледаше втренчено, но и некако отсутно, чувствувајќи како со напор и повремено слепило постепено се расонува. - „Ти“, - рече најпосле натка без да се помрдне, - „пак си пиел. Не можам да сфатам кога се стасал да стигнеш ид а се напиеш. Те барав сношти.“ - „Си ме барала?“, - повтори Моно трудејќи се тоад а биде со чудење. - „Сношти?“. - Еј Моно, си викаше со разбидениот дел од себеси каде: пак ли се туркаш да станеш и денов на лева нога? - „Зошто?“, - се слушна како не се додржува да праша. Ова го потсетуваше на настојувањето пред некој ден да признае дека í било жал што не дошла на кино, на она глупаво, упорно и бесцелно настојување за кое знаеше дека е такво уште додека го вршеше, но не можеше ни сега како и тогаш ништо во себе против тоа. - „Зошто?“, - повтори и слушна во прашањето знак на чудење. - „Да“, - стори Натка, - „зошто? Сега и јас се прашувам. Да знаев дека си пијан, како и минатиот пат, воопшто немаше д ате барам. Впрочем“, - додаде како за себе, „сум требала да знам: собава здива на пијанство, не на застоеност.“ - „пак ли ќе почнуваме со тоа?“, - потсмешливо праша Моно. - „Не, драга моја.“ - Сону, се дорече за себе, што сакаш да влезеш во моној сон. - „Ти си ме барала наспроти тоа.“ - „Што мислиш со тоа?“, - кусо праша натка со погледот сè уште на полпат кон него. - „Не“, - продолжи Моно од својот кревет како од говорнички пулт, - „не е работата во моето пијанство. Ти, впрочем, само го измислуваш. Не ти пречи тебе моето пиење, од новена на погибел, туку нешто сосема друго.“ Што ли ќе е тоа?, си рече загледувајќи се вон еа: раскршена според облиците на столот, таа потсетуваше на кревка фигурина од стаклен излог, што човек би посакал да ја сврти на дланката за да го почуствува скокотот дека ја има, како што таа веќе го има поради желбата што тоа го посакал. - „Што?“, - го прекина таа, - „што сосема друго? Баш би сакала да знам.“ - „Поарно подај ми ги цигарите“, - рече Моно забележувајќи ја нејзината нестрпливост. - „Или, испеглај ми една кошула. Дан е зборуваме за тие работи, подобро. Веќе неколку дена одам со таа кирјосана јака.“ - „Не“, - рече Натка и се удри по коленото. Раката í беше свиткана во тупаница и чантата врз коленото меко í се одѕва, како дланка. - „Ти секогаш така ми правиш: токму кога треба да зборуваме, избегнуваш. Не“, - повтори исто така тврдо и Моно забележа дека првпат го погледнува. - „Сакам сега, баш сега!“ - „Па добро“, - се насмевна Моно. Каков остар поглед, си рече: сече од бистрина. - „Па добро“, - повтори со истата насмешка. - „Само, во тоа и е работата. Тоа: што сакаш да зборуваме. Според тебе, сè нешто треба да се објаснуваме, да се дообјаснуваме.“ - „Не, не“, - го прекина Натка. - „Не почна така. Што е тоа што ми пречи во тебе? Така беше.“ Бистро, си рече Моно: бистро, упорно и просто. Ја палеше првата цигара овој ден и чувствуваше како не му оди: чадот се стврднуваше во истата горчина што веќе ја носеше во устата од својот празен сон. Му се пиеше нешто, нешто без голтка и наситка, но не можеше да ја фрли цигарата, зошто му се чинеше дека со тоа ќе í признае оти пиел. Како веќе да не знае, мислеше помирено. Но, не ја фрлаше цигарата и гледаше во чадот, што му се лелееше пред очите како скината пајажина. Не, се поправи, како прашањево што виси: што í пречи во мене. - „Слушај“, - рече раздувувајќи го чадот пред себе. - „Сакаш ли навистина да знаеш во што е работата? Ама, искрено.“ - „Слушам“, - одговори Натка и пак се стврдна воц ртеж. - „Умирам да чујам.“ - „Работата е во тоа“, - веднаш продолжи Моно за да не ја загуби решителноста, а истовремено помисли: и таа умира, како Јошко. - „Работата е во тоа“, - повтори обидувајќи се да се ослободи од таа сличност, што му ја обнови горчината во устата: сношната горчина, се сети, - „што ти, ако си искрена, ќе си признаеш дека син ашла друг. Чекај“, - ја испревари и помисли: сум погодил. Не беше израдуван поради тоа, но сепак некако се насмевна. - „Не одречувај, не се лутам. Ти сосема имаш право на избор. Дури и кога изборот веќе си го направила, пак имаш право на неговата недоумица. Само, слушај, знаеш ли што е најнавредливо во тоа? Тоа не е самиот избор о тоа што тој секогаш може да се обновува. Туку, друго: споредувањето. Разбираш ли, споредувањето! Јас не сакам да бидам споредуван со никој друг!“ - „Не разбирам“, - рамнодушно го прекина Натка. - „Ништо нет е разбирам.“ - „Сеедно“, - ја утеши Моно, - „ќе разбереш. Сакав само да кажам дека син а погрешен пат кога правиш вештачки спој од две личности. Зашто, всушност ти тоа го правиш: споредуваш двајца луѓе, го одбираш од двајцата она што ти год ии така си создаваш една лика што најмногу ти личи на идеа лот. Идеал“, - повтори Моно и со гадење ја згмечи цигарата. - „А двајцата продолжуваат да живеат неспоени и надвор од тој твој идеал. Тоа ти е.“ - „Убаво“, - рече Натка и ги стисна усните. - „Ти благодарам за придиката. Само, не знам“, - продолжи одеднаш живнато, - „од каде ти се сите овие знаења. Дан е имаш своја шпионска служба?“ - „Нема зошто да се лутиш“, - рече Моно и широко се насмевна. - „За тоа е доста да имаш нос. Мојов е доста упадлив, нели?“ - „Не шегувај се“, - се обиде Натка дам у ја стесни насмешката. - „Место да се шегуваш, подобро да бидеш конкретен.“ - „Конкретен сум конференција“, - рече Моно продојжувајќид а ја гледа со истата насмешка. Тврда, си рече: кога таа признала? - „А, освен тоа“, - се дорече мислејќи најпосле да стане, - „не сакам да наведувам никакви имиња, ниту пак да вршам притисок на некого. Тоа ми е одбивно.“ - „Идиот“, - прошепоти Натка не гледајќи вон его. - „Слушај“, - скокна Моно и ја фати за рамената. - „Ајде да се договориме. Вака: не зборуваме повеќе за ова, а за вечер закажуваме состанок. Ако дојдеш, готова си со изборот. Ако не дојдеш, пак си го направила. Важи? Тоа е фер, мислам.“ - „Глупости“, - се спротистави Натка обидувајќи се да си ги ослободи рамената. - „Нема што да се договараме.“ - „Има“, - настојуваше Моно не испуштајќи í ги рамената. - „Ајде, се сложуваш?“ Ја гледаше како молчи и мислеше: Моно, махер си за компликации. Не знаеш зошто го прави сето ова, но чувствуваше дека мора да го прави, токму онака, како што чувствуваше дека струјата на неговиот здив си прави пат низ густината на косата, до онаа крта школка од нејзиното проѕирно уво што ја издаваше својата топлина. Како би било да ја бакнам?, се прашуваше чувствувајќи ја таа топлина како му се спротивставува на здивот. Но, не знаеше како таа ќе се помири со неговата грубост и само така стоеше над неа, очекувајќи од друго место некакво решение. Решение, мислеше, сè некакви решенија. Тогаш натка стана од столот и без збор тргна кон вратата. - „Чекај“, - викна Моно мислејќи како е чудно тоа што ја гледа во движење. - „Чекај, заедно ќе излеземе.“ На улица, додека го вдишуваше димот од втората цигара, Моно ја фати за рака и í ги стегна студените прсти. Таа го погледна со прашање, но не ја извади својата рака од неговата. Чудно, помисли Моно: штотуку дојдена, пролетта веќе ја нема. Живееме во долина со најретка пролет. - „Се чини“, - се насмевна Моно гледајќи ја во очите, - „дека денес не ни оди.“ Тие очи, мислеше, секогаш на капката да се овлажат. Му стана одеднаш за нешто жал и уште посилно í ги стисна прстите. Тие не се стоплуваа во неговата рака. Улицата межеше пред нив со едно распаќе на крајот. Не, помисли Моно, распаќето секогаш е пред крајот. 7. Пред да влезе во собата, на чија врата стоеше табличка со „народен пушач - соработници“, Моно Самоников ја запали цигарата што веќе одамна му беше испразнета меѓу прстите и скришум се обѕре назад: чистиот тепих се постилаше низ ходникот до вратата на главниот, како пат затарабен со почести. Врз исчешланата ткаенина, како врз погалена кожа, се познаваа табаните од неговото враќање - тетерави трагиц што ни пес не мораше да ги надушува. Моно се вслуша во студената тишина на ходникот и за миг се понадева дека некој вик ќе го врати за да си ги избрише трагите одзади. Меѓутоа, единствениот шум што се задушуваше во тепихот беше оној што прокапуваше од зад вратата пред него. Моно ја турна вратата и виде: луѓето седеа по бироата како стари птици на гранки. Сите гледаа вон его и Моно забележа стравотна разлика меѓу нивните насмеани усти и успаните очи. - „Охо“, - викна наум клатејќи ги нозете долж бирото. - „Еве го нашиот патник!“ Патник, одвај се насмевна Моно: што патува или што пати? - „Се разбира“, - рече уредникот на внатрешната рубрика, - „во последниот момент“, - рече со крајчето на устата без да се одлепи со задникот од работ на бирото. Моно молкома тргна кон своето биро, прашувајќи се како да се одлепи од нив. Но и таму, препречувајќи му го патот, стоеше Нешто како птица: техничкиот уредник, со кичерот врз чело и накострешените мустачки, го дочекуваше со раширени раце како со поткастрени крилја. - „Друже Моно“, - го отвори клунот. - „јас чекам. Уште десет минути можам да чекам.“ Обиоѓајќи го за да влезе зад своето биро, Моно имаше желба дам у фрли на масата, како просо, од леблебија што ја беше купил да ја почести Натка. Залудно, помисли. - „Жалам“, - рече Моно вадејќи ја раката празна од џебот, - „но денес матерјал нема.“ - „Како нема?“, - спласна техничкиот уредник и ги прибра крилјата од раце. - „Така“, - рече Моно кревајќи ги рамената и барајќи го клучот од бирото. - „Просто: нема. Аш!“ - „Ама како?“, - свика пак техничкиот ширејќи ги рацете до рамената. - „Јас имам планирано цел подлисток, со илустрација, со клиширан наслов.“ - „Богати?“, - се зачуди Моно. - „клиширан? Камо, каков ти е насловот? Кој ти го дал?“ - „Еве“, - готовно одговори техничкиот отварајќи ја папката. - „Уредникот. П р о ц у т н а п о л и њ а т а се вика. Еве на!“ - „Браво!“, - рече Моно наоѓајќи го клучот. - „Само жалам: матерјал нема.“ - „Ама како?“, - пак свика техничкиот ширејќи ги рацете кон уредникот на внатрешната рубрика, како кон најстар во собата. - „Невозможно да сум згрешил. Јас така планирав.“ - „Моно“, - рече тихо уредникот одлепувајќи се од бирото. - „Не мотај го човеков, тој го цени времето.“ - „Не го мотам“, - одврати Моно и се наведна над фиоките. - „навистина нема.“ - Одбираше оттаму нешто и го одвојуваше на крајот од масата. - „па да“, - упадна наум клатејќи ги нозете, - „кога се оди на пат направо од клубот. Се обложувам дека воопшто не си заминал!“ - „Не се сомневам во твојата проникливост“, - полека изсича Моно загледувајќи се во хартиите што ги вадеше. - „Не само по однос на службата, туку и воопшто.“ - „Братот има нос“, - се пофали Наум со самозадоволна насмешка. - „Човек треба да биде шетан, за да ги познава работите.“ - „Не се сомневам во твојот нос“, - повтори Моно на истиот начин. - „Доста со тоа пимплање“, - ги прекина уредникот на внатрешната рубрика. Беше веќе сосема одлепен од бирото, не личеше повеќе на никаква птица. - „Моно, давај го матерјалот, човекот навистина само тебе те чека.“ - „Ама, разберете“, - рече Моно кревајќи го погледот и останувајќи за миг подзинат. - „Немам матерјал, немам никаков матерјал!“ - „Глупо!“, - се потсмевна Наум и посилно ги заклати нозете долж бирото. - „Доста таму!“, - му се сврте уредникот - „Моно“, - рече, - „ти сериозно зборуваш? Сосема сериозно?“ - „Не знам што ви е вам“, - рече Моно со извесна нервоса одвојувајќи се од своите хартии. - „Јас целло време зборувам сериозно. Најсериозно што може да биде: немам матерјал!“ Наум се закикота, грчејќи ги рамената и удирајќи со петиците по бирото. Уредникот го пресече со погледот, небаре го беше фрснал со камшик преку лице, а Моно забележа дека само дактилографката седи рамнодушно пред својата масичка, со подлактиците врз колената. - „Јас ќе си одам“, - мрмореше техничкиот некаде во средината на собата, обѕирајќи се околу себе како во небрано. - „Јас не знам, јас ќе си одам…“ - „И?“, - рече уредникот, запирајќи ги другите на нивните места. - „Што мислиш сега да правиш? Што буричкаш по фиоките? “ - „Тоа што гледаш“, - изусти Моно и со напор се обиде да се насмевне. - „Си ги собирам парталите.“ - „Ти си ненормален“, - полека изговори уредникот по изненадниот молк, што само за миг ги фати во пајажината на неподвижноста. Па потоа одеднаш свика, вцрвувајќи се во лицето како да го фатиле в окражба: - „Престани! Остави ги тие работи! Слушаш?“ - „Зошто?“, - подзастана Моно, исправајќи се над хартиите. Глеј, си рече. Во аголот од устата на уредникот го немаше она зајадливо крајче. Глеј, си рече Моно, првпат да го нема. - „Зошто?“, - повтори повеќе зачудено одошто налитено. - „Затоа што е срамота“, - одговори уредникот, успевајќи донекаде да се стиши. - „аради една ненапишана репортажа да се кренат раце, затоа.“ - „Па да“, - потфати Наум меѓу две клатења на нозете. - „Заради една репортажа, која, ид а била напишана, којзнае…“ - „Благодарам“, - суво рече Моно, правејќи се дека не забележува како уредникот го замолкнува Наум само со еден поглед. - „Веќе е доцна.“ - „Ајде“, - се обиде да нареди уредникот со очите. - „Остави ги фиоките и седнувај на машина. А, Ако навистина ништо не може да ти појде од рака, тогаш да побараме замена.“ - „Благодарам“, - повтори Моно со истиот тон. - „не сакам никаква помош.“ - „Моно“, - рече уредникот, кревајќи го од фиоките со отсечен глас. - „Не прави глупости: не си ни првиот ни последниот, што западнал во таква ситуација. Тоа секому може дам у се случи.“ - „Па да“, - се обиде Наум добронамерно да се вмеша. - „Еве и јас…“ - „Ви благодарам, многу ви благодарам“, - нестрпливо повтори Моно, не престанувајќид а буричка по хартиите. - „Но, веќе е доцна.“ - „Никако доцна“, - отсечно рече уредникот. - „Остави ги тие хартии и дај да размислиме што да сториме, пред да се појави главниот.“ - „Главниот веќе знае“, - читко прошепоти Моно средувајќи ги одбраните работи во една папка. Беше наведнат над неа и го слушаше вториот молк во овој разговор, што го чувствуваше излишен на темето како и последниот остаток од сношното пијанство. - „Што?“, - изусти уредникот како излажан. - „Знае? Си му кажал?“ - „Будала“, - прокоментира Наум гребејќи со петиците по бирото. - „Јас тоа, богами, не би го сторил.“ - „Благодарам“, - се насмевна Моно и ја зеде папката подмишка. - „Ти си човек со иднина.“ - „Моно“, - рече уредникот, не оставајќи го со погледот да излезе од зад бирото. - „Сериозно ли зборуваш или само се шегуваш? Те молам, не играј си шенгуле!“ - „Пих“, - стори Наум не смирувајќи ги нозете долж бирото. - „Тоа кај него никогаш не се знае.“ - „За жал или не“, - рече Моно трудејќи се да биде насмевнат, - „јас целло време зборувам сериозно. Воопшто не се шегувам: си одма.“ - „Сигурен ли си“, - рече уредникот сè уште препречувајќи му го патот. - „Сигурен ли си дека тоа е добро за тебе?“ - „Не знам“, - рече Моно со некаква насмешка на лицето. Господи, мислеше, каде ли му се дена она зајадливо крајче на устата? - „Не знам“, - повтори со напор за искреност, - „не знам дали сум сигурен. Во секој случај, така сум решил.“ - „Ху“, - стори Наум место да се закикоти. - „Какво решение!“ - „Не мислиш ли дека грешиш?“, - продолжуваше уредникот во своето настојување да го задржи. - „Јас мислам дека грешиш: воопшто не почна лошо како новинар.“ - „Ви благодарам“, - рече Моно не осудувајќи се дам у го дорече името. Тој ми ласка, мислеше. - „Ви благодарам за тие убави зборови. Но, навистина е доцна.“ - „каква сцена!“, - тропаше Наум со петиците по бирото. - „Каква трогателна сцена!“ - „Не сфаќам“, - мрмореше уредникот, нео браќајќи му се повеќе на Моно и заборавајќи го наметливото вмешување на Наума. - „Воопшто не сфаќам.“ Напинајќи се да ја додржи насмешката на лицето, Моно Смоников ги одмина двајцата и застана кај дактилографката. Стегајќи í ја меката рака, мислеше да í каже дека му е жал што не им се здало да појдат некогаш заедно на коно, но на време ја сфати излишноста на таа ласка. Како што на време беше сфатил дека не би можел д аим подаде рака на оние двајца што веќе ги имаше изгубено од погледот. Само кога излезе, препуштајќи í ја на вратат со затворањето да му ја свлече од темето онаа заостаната тежина, си го слушна издивот како му панда пред нозе. Како камен, помисли, како камен што се одронил без коренот. 8. На крајот од Булеварот на липите, како на крајот од пролетта. Сенките од дрвјата се движеа како бранови под нозе. Земјата ја немаше, земјата беше некаде отаде гргорот на реката, Ништо наоколу не се гледаше, освен сеопфатното лице на ноќтаЛ како некој, што никако не можеше да го препознае, да се вѕираше, немо и црно, доближен до твојот прозорец. Мракот стоеше згрутчен во дрвјата и при секој шум се одронуваше низ гранките, протечувајќи под чекорите. Се чинеше дека од околу, без насока и утока, течат некакви шумови од води што не се гледаат. Одвреме-навреме, од гранките прокапуваше нешто како лисје со меки петелки, но Моно имаше гомарен впечаток дека тоа се некакви дење невидливи животинки. Со танки половини, мислеше, и јаки колкови. Стоеше до едно стебло во дрворедот и гледаше во излогот спроти улицата. Гранките озгора му се потпираа на веѓите, како сон што натежнува. А излогот блескаше како пропержана лубеница и ги оптегаше конците светлина, како пајажина од него до светот. Пајак ли сум, се прашуваше Моно, што плете мрежа која другите ја кинат? Стоеше веќе толку долго што навистина можеше да поверува дека мрежата на неговото чекање е исплетена. Меѓутоа, од излогот постојано излегуваа и влегуваа луѓе, така што конците се везден требаше да се обновуваат. Залудна работа мислеше Моно како низ сон; повеќе залудна одошто работа, мислеше чувствувајќи ги веѓите како му натежнуваат. Но не се одвојуваше од стеблото, небаре без него немаше од каде да ги наоѓа оние гомарни сокови за пајажината. Долж дрворедот изрони сенка во доближување, и Моно помисли: најпосле. Сенката влегуваше во мрежата од неговиот поглед, кинјќи ја зад себе но вплетувајќи се кон него. Танка во половината, си рече Моно, а јака во колкот. Шумот на улицата, таа вода во протечување без насока, му скипнуваше пред нозете како во витал. Моно го чувствуваше тој подмолен витал како му ја длаби почвата под корените на стапалата. И како сева ноќ се вовлекува во инка, од која и тој ќе истече: но не ваков. „Те чекав“, рече Моно и си ги слушна зборовите како што ги чувствуваше да прокапуваат озгора оние дење невидливи животинки. „Те чекав цела вечност. Дојде, најпосле.“ „Дојдов“, рече сенката со тенка половина и јак колк. „Еве ме“, рече доближувајќи се, „но не за тебе.“ „Тоа не е важно“, рече Моно впивајќи ја во погледот. „Важно е дека те дочекав.“ „Немам ништо против“, рече сенката. „Но ти си чекал друга.“ „Од каде?“, праша Моно не можејќи сета да ја впие во погледот. „Од каде знаеш дека сум чекал друга?“ „Јас немам танка половина“, рече сенката доближувајќи се да се издвои од мракот. „Ни јак колк, зарем не гледаш?“ „Тоа не е важно“, рече Моно присеќавајќи се дека светлината на излогот му пречи да гледа во темнината овде. „Важно дека си дошла.“ „Не, друго е важно“, рече сенката. „Онаа што ја чекаш требало да дојде пред цел час. Да не си задоцнил?“ „Не знам“, рече Моно обѕирајќи се по мракот наоколу. „Ми се чини дека чекам цела вечност.“ „Бездруго си задоцнил“, рече сенката и нестрпливо замрда. „Сега само зафаќаш место на други.“ „Глупости“, возврати Моно. „Јас чекам, а тоа значи дека треба ид а дочекам.“ „Не е секогаш така“, рече сенката без танка половина и јак колк. „Тука секако има некоја грешка, за која ти не си свесен.“ „Не може да има грешка“, се побуни Моно. „Јас чекам. Тоа е достатно.“ „Ха“, стори сенката и тоа требаше да биде нејзина смеа. „Тоа не достатно, па дури и да се изедначиш со коренот на стеблово.“ „Чекај“, рече Моно и ја подаде раката кон неа, но не да ја допре ниту да се убеди дека е тука. „Почнуваш да се шегуваш. Која си ти?“ „Јас сум Нада“, одговори сенката не доближувајќи се и не одалечувајќи се. „Но не онаа со тенка половина и јак колк.“ „Не е важно“, рече Моно, „важно е дека си Нада. Не треба да се губи надеж.“ „Јас сум Нада“, рече пак сенката. „Но не онаа од приказната што си ја срочил.“ „Важно е дека си Нада“, повтори Моно гледајќи ја сенката пред себе. Сенка од сенка, си рече. „Значи, има надеж.“ „Сигурно“, рече оваа Нада и на Моно му се стори дека се смешка. „Има толку Нади што никогаш не мора да се губи надеж.“ „Ти се шегуваш“, ја прекина Моно. „но тоа е навистина така: има толку Нади што секогаш може да се има надеж. Само, зошто тин е си моја Нада?“ „Не знам“, одговори оваа Нада ин а Моно му се стори дека ги поткрева рамената. „Можеби затоа што не сакам да бидам треат.“ „како треат?“, се зачуди Моно. По ѓаволите, си речењ, оваа е навистина Нада. „така“, објасни сенката што беше некоја Нада. „Едната ти е онаа од срочената приказна, другата од онаа што само си почнал да ја срочуваш, а јас не сакам да бидам треат: мене уштен е си почнал ни да ме сричаш.“ „Значи така“, рече Моно изненадено и израдувано. „Ти си треат. Јас сум, значи, богат: имам три Нади.“ „Ха“, стори сенката; и тоа требаше да биде смеа. „Ти немаш три Нади, туку само една надеж.“ „И тоа е нешто“, возрази Моно. „Една надеж чини колку три Нади, нели?“ „Незнам“, одговори сенката не издвојувајќи се од темнината. „Се сомневам: тоа се работи, се чини, што не можат да се споредуваат.“ „Зошто?“, се спротивстави Моно, но не забележа дека нешто се раздвижува пред него. „Зошто да не можат да се споредуваат, кога во основа се исти?“ „Ха“, стори сенката пред него и Моно помисли дека се смешка. „Можеби се исти, но на различен начин се имаат.“ „Тоа ли?“, не се зачуди Моно. „тоа што на различен начин се имаат? Тоа воопшто не е важно.“ „Не знам“, рече оваа Нада и Моно си рече дека ќе се согласи. „За некои е важно. За некои дури единствено важно.“ „Не сваќам“, се побуни Моно. „Зарем може да има толку тешки луѓе? навистина“, повтори, „не сфаќам.“ „Тоа е навистина тешко да се сфати“, рече оваа Нада пред него. „просто, но тешко. Туку, ајде, не зафаќај место на други. Твоето време е поминато.“ „Зошто поминато?“, се зачуди Моно. „Штом не си ти онаа Нада што ја чекам, јас морам да ја дочекам мојата Нада. Ништо тука не е поминато.“ „Можеби е така“, рече оваа Нада помирено и мирно. „Само, погледни колку е часот: твојата Нада едамна требало да дојде. Сега е ред на други Нади.“ „немам ништо против“, се сложи Моно. „Јас не губам надеж. Секогаш треба да се има надеж, нели?“ „Точно“, рече оваа Нада и Моно се зачуди што во гласот í насети нестрпливост. „Надеж треба да се има, но твојата Нада еве ја нема. Остануваат, значи, други надежид а чекаат други Нади.“ „Прости“, í упадна Моно подавајќи се кон неа. „колку е часот? Се чини дека и ти чекаш прекувремено, а?“ „Тоа е моја работа“, рече сенката поместувајќи ги рамената. „впрочем, јас сум Нада: јас не чекам, мене само може да ме чекаат.“ „Види, богати“, се сети Моно. „Тоа не сум го знаел. Само, во тој случај, јас сум прав што чекам. Така излегува, нели?“ „Не знам“, рече Нада спуштајќи ги рамената. „Се вели: кој чека, ќе дочека. Не знам.“ „Па добро“, се возбуди Моно, „зошто тогаш чекаш и ти? Нели си Нада, нели тебе те чекаат? Зошто чекаш?“ „Јас не чекам“, одговори Нада и Моно помисли дека пак се смешка. „Јас само поминувам и оставам надежи, потем тие ме чекаат.“ „Не сфаќам“, збунето рече Моно. „Не сакаш белки да кажеш дека си во дослух со мојата Нада?“ „Глупости“, одрече Нада. „Јас воопшто не ја познавам твојата Нада: две Нади никогаш не се трпат, тие се исклучуваат.“ „Не разбирам“, безнадежно прошепоти Моно. „Мора да се работи за некоја заблуда. Чекај!“ И Моно ги подаде рацете. Јас сум идиот, мислеше; целло време зборувам со неа, а лицето не í го гледам! Ги подаде рацете и ја сврте со лицето кон светлината, но не престана да чувствува дека се носи со сенка: небаре фаќаше дим. Идиот, мислеше гневно на себе и се вѕираше во дамката што му остануваше меѓу дланките. „Еј“, рече изненадено. „па ти си навистина Нада: истите јаболчни коски, истат долна усна, истиот завршок на брадата. Што ти е ова: бемка? Па да!“ „Се лажеш“, студено рече Нада. „Јас не сум твојата Нада, залудно се трудиш да ме препознаеш.“ „Зошто?“, се побуни Моно. „Нет е препознавам само јас, те препознаваат и моите прсти. Доста со оваа шега!“ „Се лажеш“, повтори Нада исто така студено. „Јас не сум твојата Нада: ништо не чувствувам од допирот на твоите прсти.“ „Можеби“, се поколеба Моно и ја пушти од рацете. „Можеби“, повтори и виде дека таа не се престори во дим. „Веројатно си права“, рече веќе малодушно. Таа не се престори во дим, туку остана пред него како згрутчена сенка со семка од горчина во своето црнило. „Што да правиме сега?“ „Јас знам“, рече сенката од Нада, „знам што ќе правам: јас ќе останам Нада.“ „Да“, рече Моно со отпуштени раце. „Ти знаеш, тоа не е лошо. Не е лошо да се остане Нада. А јас?“ „Ти?“, се праша Нада. „Ти ќе останеш со надеж. Нели рече дека три нади чинат барем колку една надеж?“ „Да“, повтори Моно гледајќи низ нејзината сенка, до крајот на мракот. „А што да правам со таа надеж?“ „Не знам“, рече Нада со тивко сочуство. „Не знам што се прави со надеж. Не знам воопшто што може да се прави со една надеж. Можеби да се отпатува?“ „Да се отпатува“, повтори Моно мислејќи: каде? „Каде? Да се отпатува е бездруго нешто, но зарем чини да се носи човек некаде кога не може да не се остави тука?“ „Да се отпатува некаде“, внимателно објасни Нада, „каде што човек би можел да се најде себеси.“ „Да се најде себеси“, замислено рече Моно. „Секаде, и онаму каде што с ии онаму каде што не си, наоѓаш дел од себеси. Но, каде си сиот? Во тоа е прашањето.“ „Не знам“, уморно заврши Нада. „Како што сакаш: јас останувам Нада.“ И ја снема. Остана само сеопфатното лице на ноќта, што стапуваше сè понепрепознавачко колку повеќе се доближуваше од сите страин. Шумот на градот, таа вода во протечување без насока и утока, пак му пливна во ушите. Додека се бранеше од неа, како од бучава во главата, Моно Самоников мислеше: а јас, мислеше, да останам ли Моно? Па зачекори, оставајќи го прашањето зад себе, како сенка - од која не може да се избега, но кон која не мора и да се обѕира. Не мора, си рече. Не мора, не мора, не мора, си викаше со секој чекор. И полека почна да чувствува некаква првична изненада: мислеше дека ќе зачекори во вода, а еве газеше по земја.